Достапни линкови

Ковид-19 - како светот се справува со зголемената невработеност?


илустрација
илустрација

Соочени со пораст на невработеноста среде пандемијата на коронавирус, земјите реагираат со најразлични пристапи. Половина од светската работна сила - неверојатни 1,6 милијарди луѓе – би можело да останат без средства за живот во првата половина на 2020 година.

Бројките се мрачни, далеку над бројките на смртни случаи од пандемијата на коронавирус.

Низ целиот свет, државите се справуваат со влијанијата што болеста ги има врз јавното здравје, но и врз економијата.

Колатералната штета од пандемијата е брзото ширење на невработеноста.

Половина од светската работна сила - неверојатни 1,6 милијарди луѓе – се во опасност да ги загубат нивните средства за живот во првата половина на 2020 година, се наведува во најновите проценки на Меѓународната организација на трудот.

Зголемена невработеност во САД и Европа поради коронавирусот

Ова тело на ОН предвидува невиден пад на работното време, што комбинирано би било еквивалентно на 305 милиони работни места со полно работно време.

илустрација
илустрација

Економската активност ќе падне, релативната сиромаштија ќе се зголеми дури и кај вработените, а најтешко погодени сектори ќе бидат трговијата на мало, поправки на возила, сместување и услуги за храна и недвижнини.

Ситуацијата е скоро подеднакво лоша низ целиот свет - со тоа што Америка има најголема загуба на работни часови, над 12 проценти, додека Европа и Централна Азија имаат 11,8 насто, а другите региони во светот над 9,5 проценти.

Со оглед на тоа што земјите размислуваат како да го заштитат здравјето на нивните граѓани, но и економијата, тие преземаат најразлични пристапи.

САД – фрлање пари врз проблемот

Најголемата светска економија доживува екстремно ниво на невработеност што доведе до барања за повторно отворање на економијата, дури и кога ширењето на коронавирусот се зголемува.

Невработеноста во април достигна 14,7 проценти во април, што е најлошото од 30-тите години на минатиот век, во времето на Големата депресија.

Вашингтон
Вашингтон

Главниот експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, на сослушувањето во Сенатот на 12 мај оцени дека американските граѓани ќе доживеат „непотребно страдање и смрт“ ако земјата се отвори премногу рано, и ги повика сојузните држави да се придржуваат кон насоките утврдени во планот „Повторно отворање на Америка“ на претседателот Доналд Трамп.

Над 20 милиони Американци останаа без работа

Но, економските советници на Трамп изјавија дека ситуацијата се влошува, при што невработеноста ќе се искачи на повеќе од 20 проценти во мај и јуни и тоа ја наметнуваа потребата од брзо отворање на економијата за да не дојде до трајни економски штети.

Соединетите држави донесоа повеќе пакети за помош во износ од над 3 трилиони долари, што го оптовари буџетот.

Првиот пакет во март изнесуваше 2 трилиона и беше најголемиот пакет помош во американската историја. 500 милијарди долари беа директни плаќања за граѓаните, 200 милијарди долари заеми на големите индустрии и 300 милијарди американски долари заеми за мали бизниси.

Сега, конгресмените дебатираат за потребата од уште еден пакет.

Меѓутоа, мерките потенцијално се соочуваат со отпор од републиканците, а некои демократи изразија разочарување што со нив не се гарантира целосна исплата на личните плати.

Шпанија го следи финскиот модел - универзален основен приход

Концептот за универзален основен приход станува се попривлечен, а политичарите ширум светот ја испитуваат идејата на папата Франциск кој во неговото велигденско обраќање рече дека „ова може да биде време“ да се разгледаат тоа.

Идејата е најтесно поврзана со Финска, која во 2017 и 2018 година на 2.000 случајно избрани невработени лица им исплаќаше редовен месечен приход од околу 600 долари. Тие немаа обврска да бараат работа.

Туризам во карантин: Ќе има ли летна сезона 2020 година

Резултатите од двегодишната студија, објавени на почетокот од овој месец, покажаа дека учесниците ја подобриле менталната и финансиската благосостојба, што значи дека биле генерално посреќни, но не и премногу заинтересирани да најдат работа.

илустрација
илустрација

Со појавата на пандемијата порасна и бројот на оние што го застапуваат ваквиот универзален основен приход.

Шпанија, една од најтешко погодените во светот од коронавирусот, се очекува да донесе законодавство овој месец што ќе обезбеди основен приход за 3 милиони најсиромашни граѓани.

Околу една петтина од домаќинствата во Шпанија добиваат помалку од 270 долари месечно, а земјата - четврта најголема економија во Европа - забележа стапка на невработеност од 14,4 проценти во првиот квартал од годинава.

Министерот за социјално осигурување Хозе Луис Ескрива изјави дека идејата е да се обезбедат стимулации за вработување, како на пример, на корисниците да им се овозможи да ја комбинираат месечната стипендија со платите од новото вработување за одреден временски период.

„Без мотиви за наоѓање работа, постои искушение да се исцрпи стипендијата и да не се бара работа“, рече Ескрива.

Германија - борба против кризата со „Курцарбајт“

Многумина на Германија, најголемата економија на еврозоната, гледаат како на лидер.

„Курцарбајт“ или програмата за кратко работно време значи владини субвенции за деловните субјекти, овозможувајќи им да го скратат работното време додека им плаќаат на вработените најмалку 60 насто од платите.

Обезбедувањето поддршка за плати помогна да се контролира невработеноста во Германија, при што Меѓународниот монетарен фонд предвидува стапка од само 3,9 проценти оваа година, наспроти 3,2 проценти во 2019 година.

Олабавување на мерките за коронавирусот - прерано или пребавно?

Пристапот доби малку критики. Шефот на Меѓународната организација на трудот, на пример, го наведе како пример за остатокот од светот што треба да го следи, бидејќи тоа им обезбедува континуитет на процесите и институциите.

Берлин, протест
Берлин, протест

И, откако ја видоа Германија како со Курцарбајт успешно излезе од нејзината последна финансиска криза, во 2008-2009 година, земји како Британија, Италија и Холандија направија свои верзии на програмата.

Сепак, други оценуваат дека дури и ако таа програма е успешна, не може да функционира долго време.

Според институтот за економски истражувања со седиште во Минхен, половина од германските компании се пријавиле за да стават дел или сите нивни вработени во програмата - вкупно околу 10 милиони работници.

Концептот предвидува достапна работна сила откако ќе се отвори бизнисот.

Но, ако тоа не се случи, тогаш е неизбежна поголема невработеност.

Протести во Германија против рестрикциите поради коронавирусот

Бруто домашниот производ веќе се очекува да падне за повеќе од 6,5 проценти оваа година, предизвикувајќи стравувања од подлабока рецесија, а веќе има знаци дека многу фирми во автомобилската индустрија, хотелиерството и патувачките сектори започнале да го кратат бројот на вработени.

Институтот за економски истражувања објави дека скоро третина од германските компании соопштиле дека би можеле да преживеат само три месеци со ограничувањата за спречување на пандемијата на коронавирусот.

Русија – нема веќе “неработен одмор”

Русија во моментов е на второ место по САД само по бројот на пријавени случаи на коронавирус.

Русија во меѓувреме, се бори да ја задржи својата животна зависност од нафтата откако потонаа цените на бензинот заради ниската побарувачка.

И покрај загриженоста дека отворањето на економијата може да ја разгори епидемијата, сепак, претседателот Владимир Путин на 11 мај објави дека заврши националниот “неработен одмор” воведен кон крајот на март.

Путин ги ублажува мерките, и покрај растот на заболени од коронавирус

Овој потег се случи откако затворените бизниси наидоа на потешкотии во обезбедувањето плати на вработените и откако официјалниот број на невработени двојно се зголеми за еден месец и тоа на повеќе од 1,4 милиони луѓе.

Русија, илустрација
Русија, илустрација

Во исто време се најавени нови исплати за социјална помош за семејствата, додека компаниите би биле квалификувани за даночни олеснувања и кредити што може да ги користат за плати на вработените.

Не е јасно од каде ќе доаѓаат парите.

Владата претходно соопшти дека заштитата на работните места е главен приоритет, но стимулот доаѓа најмногу во форма на субвенции, со само малку повеќе од милијарда долари во директна финансиска поддршка.

Скоро 160 милијарди долари ставени во националниот фонд за богатство во земјата, очигледно се надвор од границите, при што министерот за финансии Антон Силуанов во минатата недела изјави дека нивното „трошење“ би било погрешно.

Путин го издвои градежништвото како сектор на економијата што може да се засили, идеја која ја промовираа експерти од Меѓународната организација на трудот.

Казахстан - без вонредна состојба

Казахстан, кој е најголемата економија во Централна Азија и води во регионот според бројот на регистрирани случаи на коронавирус, го следи примерот на Русија и на 11 мај објави дека дозволува крај на вонредната состојба.

Претседателот Касим Зомарт Токаев најави дека рамната даночна стапка од 10 проценти ќе биде напуштена и заменета со персонален данок на доход што ќе ги намали даноците за послабо платените работници, а ќе ги оптовари богатите.

Како ковид-19 ќе влијае врз глобалното производство на храна?

Според новите упатства, на провинциите и градовите што можат да покажат ниски стапки на инфекција за период од една недела ќе им биде дозволено да отворат одредени бизниси, како што се трговците на мало и пазарите на отворено.

Како што мерките стапија на сила, невладините организации од Казахстан бараа транспарентност во однос на тоа како земјата потрошила 13 милијарди долари што Токаев тврди дека неговата влада ги искористила во борбата против коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG