Достапни линкови

Политичка игра на тронови со Обвинителството


Со политичкото надмудрување околу решението за новото Обвинителство покажуваме дека ништо не сме научиле од лекцијата што е владеење на право и независен правосуден систем, велат правниците.

Политичката лицитација со имиња за новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција им носи голема штета на обидите за реформи во правосудниот систем, велат аналитичарите. Конечното решение за СЈО, како и обидот да се надгради Јавното обвинителство за справување со високата корупција се претвори во политичка игра на тронови без при тоа да бидат консултирани самите институции и нивните потреби и можности за исполнување на тоа што политичарите во нивно име го ветуваат пред ЕУ.

„Самото тоа што почнуваат да се кажуваат разно-разни имиња и тоа не само од власта, туку и од политичките партии, покажува дека ништо не сме научиле досега. Не сме разбрале што е владеење на правото, не сме разбрале што е тоа правна реформа и во најмала мера сме разбрале што е тоа независност на правосудниот систем“, вели професор Мирјана Најчевска.

Таа додава дека во ваква ситуација не може да очекуваме дека на чело на тоа обвинителство ќе дојде човек којшто ќе ја заврши главната работа, а тоа е да гони висок криминал и да го сопре кругот на неказнивост на високи функционери во власта. Според Најчевска, ваквата политичка игра ќе им направи голема штета на евроинтеграциите.

„Секој ваков потег претставува голем минус на она што е треба да преставува напредок на Република Северна Македонија кон ЕУ интеграциите. Тоа некаде се запишува, во одредени чек-листи и ова е еден од големите минуси, а потоа ние ќе се чудиме и ќе велиме како ете ние сè сме направиле, ама ете не сакаат да ги започнат преговорите со нас. И ние ќе бараме некое решение кое нема врска со вистинскиот напредок, но има врска со тоа што претставува политичка ситуација во моментов“, објаснува Најчевска.

Од една страна, премиерот Зоран Заев изјави дека новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе го води Вилма Русковска која има мандат и во моментот го води Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Два дена подоцна, пак, дополни дека Русковска не била негов предлог и дека изборот на шеф на новото Обвинителство ќе го прави Советот на обвинители.

На ова Русковска изјави дека е изненадена од Предлог-законот за новото Обвинителство и дека од новинарите дознала за тоа дека таа ќе биде на чело на оваа институција.

Во меѓувреме лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека не му се допаѓа решението и дека тој го предлага на разрешениот судија Владимир Панчевски.

Панчевски во моментов е суспендиран од работа и е обвинет поради злоупотреби на АКМИС системот и манипулирање со делегирањето на судии во случаите на СЈО.

И Панчевски беше затечен од ваквата изјава, па на својот Фејсбук профил праша дали го предлагаат или е посочен како лош пример.

Додека политичките партии дебатираат во јавноста за тоа кој обвинител им се допаѓа, а кој не, експертите апелираат сериозно да ја сфатат работата. Прво мора да се постават јасни критериуми за тоа каков човек треба да биде шеф на Обвинителството кое ќе гони висока корупција, а тоа се морален, професионален и интелектуален интегритет како и проверка на претходното делување, вели Најчевска. Според Уставот за одлуката кој да го одреди шефот на новото обвинителство е надлежен Советот на јавни обвинители кои не треба да дозволат политичарите да им се мешаат во работата.

Специјалната обвинителка Катица Јанева која е во оставка, на функцијата дојде со политички договор, но во исклучителна ситуација на политичка криза. Експертите велат дека во Собранието не треба да завладее овој преседан затоа што нема да донесе ништо добро.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG