Достапни линкови

Заев предложи СЈО да оди под команда на Русковска


Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција најави дека наредната недела Владата ќе поднесе во Собранието нов предлог закон за јавно обвинителство со кој ќе се реши статусот на СЈО. Новиот предлог предвидува СЈО да биде дел од Основното јавно обвинителство, односно Обвинителството за организиран криминал и корупција. Kако што најави Заев,ќе има ново име Јавно обвинителство за гонење на висок криминал и корупција и ќе биде предводено од обвинителката Вилма Русковска. Сите обвинители и тимот од СЈО ќе продолжат да работат во новото обвинителство, а може да конкурираат за реизбор.

„На овој начин ќе обезбедиме досегашната структура и ресурси на СЈО да биде во нова форма и политичарите да не одлучуваат за неговиот состав“, рече Заев.

Заев вели дека политичарите нема да можат да одлучуваат за составот на ова обвинителство, тоа ќе го прави Советот на јавни обвинители, а со тоа нема да има проблеми за избор на нов шеф. Со двотретинско мнозинство, Советот на јавни обвинители ќе може да го разреши шефот на новото обвинителство. Според Заев, сите случаи кои се пред судовите и за кои СЈО е надлежно согласно законите, ќе ги застапува новото обвинителство.

„Ова обвинителство ќе ги има сите гаранции за независно вршење на работата“, додаде тој.

Mатеријалите од прислушуваните разговори, освен оние кои се веќе дел од судските процеси, Заев додаде дека, согласно предлог законот, треба да бидат уништени.

Владата во Собранието ќе бара двотретинско мнозинство за законот, откако не успеаја преговорите со ВМРО-ДПМЕ. Заев порача и дека сега не гледа изговор од опозицијата да избегнува донесување на ваков закон.

XS
SM
MD
LG