Достапни линкови

Мирен дочек на 2021 година


Париската авенија „Елисејски полиња“ празна како никогаш досега
Париската авенија „Елисејски полиња“ празна како никогаш досега

Светот влезе во Новата година со бројни ограничувања поради пандемијата на коронавирусот и иако традиционалниот огномет беше организиран во некои главни градови во присуство на луѓе, плоштадите и улиците беа претежно празни, бидејќи собирите беа главно забранети.

Светот ја дочека Новата година многу поразлично од вообичаените начини на прослава, оставајќи ја зад себе мрачната 2020 година која го трансформираше животот на стотици милиони луѓе. Отчукувањето на стрелките на часовникот на полноќ започна со надеж за посветла иднина откако неодамна почнаа да се употребуваат и дистрибуираат вакцините против коронавирусот.

Првичните извештаи од македонската полиција зборуваат за мирна ноќ во целата држава во однос на забавите и групирањата во викендички и изнајмени станови.

Во текот на новогодишната ноќ на подрачјето на Скопје евидентирани се само три пријави за прославување на поголема група луѓе. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ќе бидат поднесени соодветни пријави. Оттаму додаваат дека биле контролирани 288 угостителски објекти и не се констатирани неправилности при спроведување на протоколите за спречување на Ковид-19.

И за скопските клиники синоќешната вечер била најмирна. Со 10 прегледи во Ургентен, 10 приеми на Токсикологија и 42 интервенции на Брза Помош, здравствените власти оценија дека ова е најмирната новогодишна ноќ за Скопје.
Пет мажи и пет жени биле третирани на Клиниката за токсикологија во Скопје за време на новогодишната ноќ. Главно биле на возраст до 22 години, а најмладиот имал само 16-години. Директорот на Универзитетската клиника за токсикологија Ридван Бајрами денеска изјави дека од вкупно 10-те пациенти третирани на Клиниката, шест биле малолетни.

Мирно било и низ другите градов во земјава. Дописниците јавуваат за мал број интервенции и претежно мирна вечер без нарушувања на јавниот ред и мир.

Традиционални огномети на празни плоштади низ светските метрополи

Како што се настапуваше полноќ почнувајќи прво од Австралија и Азија до Блискиот исток, па во Европа, Африка и Америка, прославите на Нова Година беа логичен одговор на здравствените мерки кои земјите ги преземаа за спречување на ширењето на пандемијата. Скоро насекаде официјалните здравствени власти апелираа луѓето да останат дома и да ги ограничат собирите поради загриженоста дека празникот ќе предизвика нов наплив на инфекции во време кога вирусот се повеќе се шири во многу земји во светот.

Новата 2021 година први ја дочекаа жителите на островите Самоа и Кирибати без огномет и затворени за туристи. Веднаш по нив беа жителите на Нов Зеланд, со традиционален огномет. Нов Зеланд славеше на вообичаениот начин, бидејќи земјата се справи со коронавирусот, па луѓето беа поопшуштени и имаа дозвола од властите да се групираат.

Светот во 2020 низ видео избор
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:09 0:00

Новата 2021 година пристигна и во поголемиот дел на Австралија, а најголемиот дел од граѓаните ја дочекаа во своите домови, пиејќи коктели, гледајќи телевизија или играјќи видео игри, наведува Сиднеј морнинг Хералд.

Огномет имаше над Црвениот плоштад во Москва и Акрополата во Атина, но експлозиите одекнаа низ главно празни улици. Славните новогодишни прослави во Дубаи продолжија со Бурџ Калифа, највисоката кула во светот, со громогласен огномет, а многу луѓе ги преплавија улиците, но одржуваа социјална дистанца.

Од Париз до Берлин, голем дел од Европа беше во карантин или полициски час, поради што немаше масовни и величествени прослави за новата година. Во Соединетите Држави, светкавата топка падна на њујоршкиот Тајмс Сквер, но полицијата ја огради областа за да спречи собири. Наместо тоа, луѓето беа повикани да останат дома и да го гледаат на телевизија.

Додека добар дел од остатокот од светот остана во своите домови за пречек на Новата година, граѓаните на Вухан, град во Кина кој важи за некогашно жариште на коронавирусот во светот. Фотографиите и видеата од Вухан го обиколија светот бидејќи жителите ги преплавија улиците за да ја пречекаат 2021 година, а повеќето, сепак, носеа маски како мерка на претпазливост иако во градот не е забележан пренос на Ковид-19 со месеци. Постариот дел од населението беше на улица, а младите се одлучија за ноќните клубови. Некои луѓе кои беа излезени на улиците, изјавија дека внимаваат, но дека не се плашат. Освен Кина, уште неколку азиски земји влегоа во 2021 година во 17 часот по средноевропско време, а меѓу нив се Филипините, Хонг Конг, Сингапур.

Виенскиот новогодишен концерт за прв пат без публика

Традиционалниот виенски новогодишен концерт годинава се одржува без публика поради пандемија на болеста предизвикана од коронавирусот.
Овој 1 ви јануари, музичари под диригентската палка на италијанскиот диригент Рикардо Мути настапија пред празната сала, за прв пат од основањето на концертот во 1939 година.

За да се надополни тишината, особено забележлива по полките и маршевите што традиционално се на програмата, телевизијата ОРФ емитува аплаузи во живо од гледачите. На тој начин 7.000 луѓе ќе можат да го споделат своето воодушевување од своите дневни соби.

Новогодишниот концерт, посветен на династијата Штраус се емитува во повеќе од 90 земји за 50 милиони телевизиски гледачи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG