Достапни линкови

Карантинот - единствен спас од коронавирусот


ТВ обраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон
ТВ обраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон

Брзото ширење на коронавирусот ги принуди владите на повеќе земји да ги вратат рестриктивните мерки кои ги имаа воведено пролетта. Франција и Германија влегоа во делумен карантин во обид да го стават под контрола ширењето на заразата. Тоа пак, ќе доведе до натамошни економски тешкотии.

Баровите, рестораните и таканаречените несуштински бизниси во Франција мора да се затворат на 29 октомври кога земјата влегува во втората национална блокада спроведена за запирање на зголемениот број нови случаи на ковид-19.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека тоа е потребно бидејќи здравствениот систем се оптоварува по десетици илјади нови инфекции со коронавирус дневно.

„Како и на друго место во Европа, нас нè обзеде втор бран, кој веројатно ќе биде потежок и по погубен од првиот“, рече Макрон.

Според него, ако ништо не се преземе, постои ризик од најмалку 400.000 смртни случаи во наредните месеци.

На луѓето им е наредено да избегнуваат патувања и да останат дома што е можно повеќе. Фабрики и фарми може да работат, но од другите работници кои можат да ги извршуваат своите должности од дома ќе биде побарано да го сторат тоа.


За разлика од двомесечното заклучување воведено минатата пролет, учениците до средно училиште може да продолжат да одат на училиште. Универзитетите веќе се префрлија на интернет.

Рекорден број заразени во БиХ, Србија, Словенија, Хрватска и Бугарија

Макрон ги објави мерките само неколку часа откако германската канцеларка Ангела Меркел најави четиринеделно делумно заклучување во нејзината земја.

„Треба да преземеме акција сега“, рече Меркел, опишувајќи ја ситуацијата како „многу сериозна“.

Според итните мерки, од 2 ноември ќе се затворат сите барови, ресторани, забавни центри, концертни сали, театри и спортски сали. На продавниците ќе им биде дозволено да останат отворени под строги ограничувања.

Од луѓето ќе биде побарано да не патуваат од приватни причини, а ноќевањата во хотели ќе бидат достапни само за неопходни службени патувања. Училиштата во повеќето сојузни држави се очекува да останат отворени.

Најголемата европска економија денеска забележа 29.774 нови инфекции со коронавирус во период од 24 час. Тоа е двојно повеќе од бројот на инфекции во минатата недела.

Болниците и интензивните единици се полнат и во другите европски земји, бидејќи случаите се зголемуваат далеку над нивоата забележани во март и април, кога блокирањата помогнаа за запирање на коронавирусот.

Влијанието на мерките врз економската активност ги удри финансиските пазари, при што германскиот DAX загуби 4,2%, а францускиот CAC 3,4%.

Во Соединетите држави, акциите на Вол Стрит паднаа поради зголемената загриженост од новите блокади. Индустрискиот просек на Дау Џонс падна за 3,4 проценти. Другите главни индекси забележаа слични падови.

Косово размислува и за затворање на границите како антикорона мерка

Но, Министерството за трговија веројатно ќе објави добри вести за третиот квартал на 29 октомври.

По разорниот економски пад во вториот квартал, американската економија се очекува да забележи огромен раст од 30 до 35 проценти во периодот од јули до септември.

Сепак, економистите предупредуваат дека ова беше поттикнато од потрошувачката, поддржана од масовната владина помош, од која голем дел оттогаш истече.

Тие велат дека дури и раст од 30 до 35 проценти не е доволен за да се извлече економијата на САД од дупката што ја предизвика пандемијата.

Во САД само вчера имаше повеќе од 73.000 нови случаи и скоро 1.000 починати. Индија вчера објави дека нејзиниот вкупен број на случаи надмина 8 милиони.

Земјата е втора најпогодена во светот зад Соединетите држави, кои имаат 8,8 милиони случаи.

Глобално бројот на смртни случаи од ковид-19 е повеќе од милион и сто илјади, а бројот на заразени над 44 милиони.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG