Достапни линкови

Вести

Рекорден број заразени во БиХ, Србија, Словенија, Хрватска и Бугарија

Илустрација- тестирање за ковид19

Бројот на заразени со коронавирусот во неколку балкански држави во последните 24 часа е рекорден. Во Босна и Херцеговина се регистрирани 1586 нови случаи, а починале 36 лица, во Србија се регистрирани повеќе од 1200 новозаразени, од кои половина во Белград. И Словенија, Хрватска и Бугарија денеска забележаа рекорди со над 2000 заболени. Во Словенија во последните 24 часа се регистрирани 2605 нови инфицирани од вкупно 7471 тестирање, а во Бугарија има 2569 нови случаи од 11 226 теста и 25 смртни случаи.

Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 2378 нови случаи на коронавирус, а за истиот период починале 23 луѓе. Ова се рекордни бројки во таа балканска земја од почетокот на епидемијата досега. Бројот на активни случаи е 12 736, вкупниот број на починати е 493, а на заразени од почетокот на епидемијата досега 40 999.

види ги сите денешни вести

Во Грција е зголемен бројот на новозаразени

Илустрација. Грција.Корона вирус

Во изминатото деноночие во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вкупно 2.353, а се зголеми и бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници, јави МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, приклучени на апарати се 422 лица, 16 повеќе од вчера, а регистрирани се уште 23 смртни случаи.

Од 2.353 новозаразени, половина- 1.159 случаи се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Минатата недела, по подолг период беа регистрирани над 2.000 нови случаи, а денешната бројка на новозаразени е иста со податоците од средината на ноември, две седмици по почетокот на карантинот.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, со мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, а областа Атика, поширокиот регион на Атина, 19 дена е во строг карантин.

Побаран притвор за тројца учесници во протестите за „Монструм“

Илустрација. Протест на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, Скопје 26 февруари 2021

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување мерка притвор за трoјца учесници во протестот за пресудата за случајот „Монструм“ што се одржа во петокот, а на кој беа повредени 11 полицајци.

„Осомничените, од кои двајца на возраст од 29 години и еден 22-годишник, на 26 февруари учествувале на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“. Притоа тие биле дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“, се наведува во денешното соопштение на Обвинителството.

Во објавата се дополнува дека јавен обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени зашто постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да избегаат или да го повторат делото.

МВР-осум приведени, седум полицајци повредени на протестот за „Монструм“

Претходно за истиот настан Основното јавно обвинителство Скопје веќе поведе постапка за двајца други учесници во протестите.​

Сите се осомничени за учество во толпа која ќе изврши кривично дело.

САД и ЕУ со санкции за Русија поради Навални

Опозицискиот лидер на Русија Алексеј Навални.

Соединетите држави и Европската унија објавија координирани санкции против руски официјални лица во врска со труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Вашингтон денеска соопшти дека санкцииите се насочени кон седум високи руски функционери откако разузнавачите заклучиле „со голема доверба“ дека офицери од Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) стојат зад труењето со нервен агенс на Навални во август.

Експерти на ОН бараат меѓународна истрага за Навални

САД соопштија дека ќе ги објават имињата на седумте лица подоцна во текот на денот.

Официјални лица од администрацијата на претседателот Џо Бајден изјавија дека Вашингтон воведува и ограничувања на извозот на 14 субјекти вклучени во биолошко и хемиско производство.

„Ние ги користиме нашите овластување да испратиме јасен сигнал дека употребата на хемиско оружје од Русија претставува кршење на нејзините меѓународни заложби за човекови права и има сериозни последици“, рече висок службеник на администрацијата за време на денешниот брифинг.

Заев: Поучени од бегството на Груевски, успеавме да го натераме Мијалков да се пријави

Илустрација. Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Имаме јакнење на безбедносните служби кои се под извршната власт, рече премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на прашање на новинарите дали е утврдено која институција потфрлила за случајот со бегството на обвинетиот Сашо Мијалков.

На денешната прес конференција на која беше презентиран акцискиот план за борба против корупцијата, Зеав прашан за бегството на Мијалков рече дека државните органи сепак успеале да го натераат да се пријави, а порача и дека системот мора да се усовршува за да нема повторни разочарувања.

„Влечеме поуки секогаш и се трудиме да учиме од слабостите кои сме ги воочиле од претходните случаи. Веројатно поучени од бегството на Груевски, имавме сега успешна акција за натерување на бегалецот да се пријави. Но, секако рековме истрагата мора до крај да се спроведе за да видиме дали некаде затаил системот, дали имаме одредени слабости, дали се тоа институциите под извршната власт или во правосудството за да можеме да извлечеме повторно поуки и да видиме каде се слабостите за нивно отстранување. Овој случај навистина ги охрабри граѓаните дека е можна правда“, рече Заев.

За Мијалков зборуваше и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, кој смета дека власта транспарентно досега споделила сè што има во врска со случајот со Мијалков.

„Целосно детално премиерот ги води сите процеси во овој дел, беше транспарентно објаснето сето она што и Владата и надлежните министерства во рамки на своите надлежности ги направија",рече Николовски.

Направен посебен безбедносен план за Сашо Мијалков во Шутка

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузвање, Сашо Мијалков, минатата недела беше првостепено осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, односно за незаконското масовно прислушување на над 20 илјади граѓани во Македонија.

Претходно Мијалков два дена исчезна па службите не можеа да го пронајдат по што беше распишана домашна и меѓународна потерница. По ова тој сам се пријави во обвинителството и кажа дека имал температура и бил во самоизолација поради симптоми на коронавирусот по што му беше дадено решение за домашен притвор.

Нови 726 заразени од корона вирус

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3.144 тестирања, а регистрирани се 726 нови случаи на ковид-19 од кои најмногу во Скопје – 367.

По Скопје градови со најмногу заразени лица се Прилеп, каде има 53 нови случаи, Куманово – 34, и Неготино – 29.

Пријавени се вкупно 7 починати лица, од кои двајца пациенти се од Скопје (77г,74г) и двајца од Кичево (71г, 51г) , и по 1 пациент од Битола (72г), Неготино (67г) и Кавадарци (64г)

Регистрирани се 368 оздравени пациенти.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата е 103.746, на оздравени пациенти е 91.875, а бројот на активни случаи е 8.720.

Ѓукановиќ: Здравјето на граѓаните е во сериозна опасност.

Црна Гора.Луѓе со заштитни маски. Ковид 19

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ побара затворање на границите на државата и забрзана имунизација, наведувајќи дека здравјето на граѓаните е во сериозна опасност.

Ѓукановиќ рече дека бројот на починати е „страшен“, како и бројот на заразени од коронавирус, поради што е потребно навремено затворање на границата за влез во државата без ПЦР-тест, како и забрзување на процесот на имунизација на населението.

За да успее тоа, како што рече, „мора да се издигнеме над сите поделби, да заборавиме на меѓусебните обвинувања и сите разлики и несогласувања од политичка и друга природа, да покажеме дека како општество сме дораснати на овој предизвик и времето во кое живееме “.

Во последните 24 часа во Црна Гора се потврдени уште 585 случаи на корона вирус, а од последици од вирусот починале осум лица, соопшти Институтот за јавно здравје.

Заев - Николовски: Со „Акција 21“ против корупцијата и остатоците од режимот

Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и премиерот Зоран Заев

Со овој акциски план ќе се спречи корупцијата на Владата и ќе се расчисти со коруптивните остатоци од минатиот режим, рекоа денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски, на презентацијата на акцискиот план за борба против корупцијата.

„Го усвоивме планот за борба против корупцијата наречен 'Акција 21'. Првите два приоритети се борба прочистување на правосудството и борбата против корупцијата, а планот е производ на политичката волја како Влада да се избориме против корупцијата“, рече премиерот Заев.

Заев и Николовски истакнаа дека планот ги содржи сите забелешки, препораки и барања на невладините организации, на Граѓанската платформа за борба против корупцијата, на „Транспаренси“, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на регулаторните тела и сите забелешки и препораки од стратешкиот партнер-САД, Извештајот на ЕК, и од сите релеватни институции кои ја следат состојбата во државата.

Премиерот порача граѓаните и медиумите гласно да зборуваат за оваа појава за да се помогне борбата со корупцијата и додаде дека со планот се опфатени дејностите на актуелната власт, но и на опозицијата, која, како што рече, „ги трошела парите на граѓаните за времето на режимското владеење“.

„Некои се осудени, некои се уште се судат. Додека тие се во обвинителните клупи, ние правиме демонтажа на остатоците на режимот. Додека тие се бореа да нема правда, ние уште од првиот ден започнавме со транспарентност, а тоа е антикорупциски лек, односно воспоставен стандард од кој нема назад“, изјави Заев на денешната прес-конференција во Владата.


Премиерот потенцираше дека и неетичкото однесување на актуелните функционери нема да остане неказнето и апелира да се пријавува секое мито.

Дел од мерките во планот се екипирање и дигитализација на Обвинителството, со што се очекува да се забрза процесуирањето на пријавите и повеќе да нема пријави во фиоки. Воедно, ќе се дигитализира и Управата за водење матични книги на родени, со што изводите би се ваделе онлајн. Заев најави и креирање т.н. е-инспектор, но и зајакнување на регулативата за укажувачите, со што би се зголемиле пријавите за противзаконски постапувања.

„Граѓаните наскоро ќе ја забележат разликата“, рече вицепремиерот Николовски и додаде дека за да не се повторат „Панами и Белизиња“, се креира точен регистер за сопственици на фирми, а со Советот на Европа се работи на создавање план за утврдување потекло на имот.

„Во рок од 30 дена Министерството за правда заедно со ОЈО се задолжени да направат анализа за сите потребни капацитети и ресурси во истражните центри на обвинителствата. Со тоа ќе се забрза решавањето на предметите. Ќе се дигитализира и Управата за матични книги и веќе чекањето пред шалтерите ќе замине во историјата“, рече Николовски.

Буџетот според проекциите и стабилен, тврди Бесими

Фатмир Бесими

Буџетот е во рамки на проекциите. Тој е во стабилна кондиција и во ниту еден момент за време на кризата не била доведена во прашање ликвидноста на буџетот, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими одговорајќи на новинарски прашања на средбата во Стопанската комора на Македонија.

„Сите мерки што се преземени ја зголемија ликвидноста во економијата и ќе продолжиме со предлог-мерки за подобрување на кондицијата на економијата и годината да ја завршиме со позитивна стапка според планираното од 4,1 отсто“, рече Бесими.

Тој додаде дека во февруари приходите се очекува да бидат подобри во споредба со минатата година, што би значело добар тренд на реализација на приходите, што значи враќање на економската активност.

Горбачов наполни 90 години - За запад Горби, дома контроверзен

Архивска фотографија - Михаил Горбачов на парадата во Москва, по повод Денот на победата (9 мај 2019)

Михаил Горбачов, историскиот реформатор и последниот претседател на Советскиот Сојуз пред неговиот распд, денеска го одбележа својот 90-ти роденден, во карантин, „уморен“ како и сите други од ограничувањата поради ковид пандемијата, објави неговиот портпарол, пренесе АФП.

Честитки дојдоа од целиот свет, а претседателот Владимир Путин, лидерот на САД, Џо Бајден, и германската канцеларка Ангела Меркел ги испратија своите најдобри желби, додаде Владимир Полиаков, портпарол на фондацијата Горбачов.

„Тој е во карантин во болница за време на пандемијата. Тој е уморен од ова, како и ние останатите“, изјави за АФП, Владимир Полиаков, портпарол на фондацијата Горбачов.


Додека беше на власт помеѓу 1985 и 1991 година, Горбачов се залагаше за реформи за да се постигне „гласност“ (отвореност) и „перестројка“ (преструктуирање), но неговите политики на крајот доведоа до распад на Советскиот сојуз. По падот на Берлинскиот ѕид, тој ја доби Нобеловата награда за мир во 1990 година за „радикалните промени во односите Исток-Запад“.

Со Горбачов, првиот руски водач кој наполни 90 години, го одбележа својот роденден со семејството и пријателите и веќе добил „куп“ пораки од целиот свет, рече неговиот портпарол. Горбачов разговарал со своето семејство и пријателите според здравствените протоколи.

Рускиот претседател во роденденската честитка, го опиша Горбачов како „извонреден“ политичар.

„Вие со право припаѓате на низа светли и извонредни луѓе, истакнати државници од модерната ера кои значително влијаеле на текот на домашната и светската историја“, рече Путин и ги пофали „енергијата и креативниот потенцијал“ на Горбачов. Путин и Горбачов секогаш имале „специфични односи“.

Американскиот претседател Џо Бајден во честитката го истакна „придонесот на Горбачов за побезбеден свет“.

„Драг претседателе Горбачов, во име на американскиот народ би сакал да Ви упатам честитки по повод Вашиот 90. роденден“, му напишал Бајден на Горбачов.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека народот на Германија нема да го заборави придонесот на Горбачов во обединувањето на земјата.

„Денес со гордост може да погледнете назад кон работата на вашиот живот“, рече таа.


Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон рече дека тој и британскиот народ „остануваат воодушевени од храброста и интегритетот што ги покажал Горбачов при носењето на Студената војна кон мирна разрешница“.

Додека Горби, како што нагалено го нарекуваат Горбачов на Запад, неговата репутација дома останува контроверзна, објави АФП.

За едни, пишува АФП, тој е виновен за распадот на Советскиот сојуз, додека други, како на пример весникот „Роскаја газета“, напиша: „Горбачов дојде предоцна. Беше многу тешко да се запре уништувањето. Горбачов дојде прерано. Не бевме подготвени тогаш да го цениме и спроведеме замисленото“.

Во интервју за ТАСС, Горбачов вели дека „знае оти некои го обвинуваат за лековерност“, но вели дека „перестројката била неопходна“.

Ослободени киднапираните 279 нигериски ученички

По ослободувањето, ученичките беа донесени во просториите на нигериската Влада

Стотици киднапирани ученички од интернат во северозападна Нигерија се ослободени и се наоѓаат во просториите на владата на нигериската држава Замфара, изјави гувернерот на таа област.

„Среќен сум што објавувам дека девојчињата се ослободени, тукушто пристигнаа во зградата на владата и се во добра здравствена состојба“, изјави гувернерот Бело Матавале за Франс Прес.

Како што рече, вкупно 279 средношколки биле киднапирани минатиот петок и сите биле ослободени. Властите најпрво објавија дека 317 ученички исчезнаа за време на прозивката по нападот на вооружени лица врз тој интернат во државата Замфара ноќта од четврток кон петок.

Ова е четврти напад за помалку од три месеци врз училиштата во северозападна Нигерија, каде последните повеќе од десет години, криминалните групи, кои владата ги нарекува разбојници, краделе добиток и киднапирале луѓе за кои барале откуп.

Киднапирањата на ученици и студенти стануваат се почести во Нигерија.
Со секое ослободување, властите негираат дека платиле каков било откуп на киднаперите, но експертите за безбедност не се сомневаат дека откупот е платен и стравуваат дека тоа може да доведе до зголемување на бројот на киднапирања во тој сиромашен и слабо обезбеден регион.

Милошоски го обвини Филипче за „коруптографија“

Антонијо Милошоски

Еве една задача денес за делување на истражните органи и на самите таканаречени борци против корупција. Набавката за томографија се претвора во нова афера наречена коруптографија на министерот за здравство Вено Филипче, а се однесува на болниците во Кавадарци и Гевгелија, обвини денеска Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Додека трае драмата за набавка на вакцини, зад завесата се случува уште еден сомнителен тендер овој пат со набавка на томографи за потребите на двете споменати болници Кавадарци и Гевгелија. Она што е драматично воочливо е што се поништува првиот пат јавната набавка на томографи, се елиминира конкуренцијата од преостанатите 7 фирми преку нарачана интервенција на Управата на Бирото за јавни набавки и двете набавки ги добива само една фирма. Разликата е во тоа што првиот пат цената на чинење на тендерите за два томографи е 21 милион денари, а по поништувањето вториот пат тендерот чини со томографите и составните елементи 36 милиони денари. Односно 15 милиони денари повеќе за истите томографи, за истата набавка, но овој пат само со една фирма во игра која што го добива монополот“, рече денеска Милошоски.

Според него, „тоа покажува дека во здравството нема вакцини, но има големи сомнежи за корупција, и набавката на томографи во Кавадарци и Гевгелија е со еден од показателите дека корупцијата во здравството игра значајна улога“.

Владата најави „широк фронт за конечно средување на земјата“ со дигитализација, инвестиции во делот на инспекторатите, транспарентност на институциите, особено општините, реформи во администрација, во јавните набавки. Во најавата посочија дека планот го правеле со помош на невладиниот сектор. Македонија годинава е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.

По овие обвинувања, реагираше Министерството за здравство од каде велат дека постапката за набавка на компјутерски томографи не е завршена, процесот е во фаза на евалуација.

„Врз основа на повторната евалуација направена врз основа на препораките од записникот од управна контрола, беше изготвен извештај од спроведена постапка и врз основа на истиот одговорното лице донесе одлука за избор, врз основа на што од страна на три понудувачи беше поднесена жалба. Од страна на Државната комисија за жалби по јавните набавки беа донесени решенија со кои постапката ја враќаат на повторна евалуација. Повторната евалуација на понудите се уште е во тек и од страна на Министерството за здравство нема донесено никаква одлука за избор или поништување, што значи постапката се уште не е завршена, односно е во тек“, стои во демантот од Министерството за здравство.

Заев за вакцините: Направивме се, производителите не можат да постигнат

Премиерот Зоран Заев

Недоволниот капацитет на продукција и на фајзеровите и на сите други вакцини во светот дефинитивно е причината за доцнењето на вакцините кај нас, изјави денеска премиерот Зоран Заев. Тој и понатаму тврди дека „навистина денови се во прашање“ и дека Македонија направила се што е потребно за што поскоро да стасаат вакцини против ковид-19.

„Не сме членка на Европската Унија и сме надвор од земјите членки на ЕУ и во такви околности сме преземале дејствија коишто значат склучување на договори, склучување на анекси на договори, некаде дури и авансирање пари се со конечна цел да ги склучиме договорите со сите постоечки вакцини. Значи ги имаме преземано дури и чекорите на линија на црвената граница во функција на количините, дури и ако треба да поминат количини кои на крајот не би се имплементирале, но да имаме нарачки на крај. Така беше последната нарачка за стоте илјади спутникови вакцини, но секако имаме дуплирани нарачки од Кина, 200 по 200 илјади вакцини, осумстотини илјади преку Ковакс механизмот, 833.000 директно со Фајзар којшто се склучени, договорите кои што ги имаме со ЕУ заради Западен Балкан… Кога ќе ги правите пресметките поминуваме преку два милиони вакцини. Проценките беа милион, значи сме направиле се што треба да направиме“, изјави Заев.

Според него, Фајзер најавиле дека прво ќе добие вакцина Албанија, па Македонија, потоа Црна Гора, Косово и БиХ.

„Видовме во Албанија стигнаа вакцините, овие денови очекуваме првите пратки од директниот договор со Фајзер да стигнат кај нас“, потенцираше премиерот.

Опозицијата веќе подолг период ја критикува Владата дека не презела ништо за да обезбедни вакцини против ковид-19 и тоа е една од причините поради кои бара оставка од Владата. Вакцинирањето во Македонија почна пред една недела со вакцини од Фајзер, отстапени по набавна цена од Србија. Со нив се вакцинираат здравствените лица од првите редови во борбата против ковид-19.

Направен протокол за локалите за свадби, на потег е Комисијата за заразни болести

Импровизирана „свадба“ пред Владата беше направена на последниот протест на угостителите за владина помош поради економските последици од ковид пандемијата

Предлог-протокол за работа на рестораните за свадби и ноќните клубови ќе биде доставен до Комисијата за заразни болести, договорија денеска претставниците од овој угостителски сектор со вицепремиерот Фатмир Битиќи и директорот Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

На средбата во Владата, што се одржа претпладне, Битиќи и Пауновски повторно истакнале дека заштитата на јавното здравје е најбитна, но и дека е важно да се зачува секое работно место.

„Со петтиот пакет мерки, компаниите од овој сектор може да искористат финансиска помош за исплата на плати, бескаматен кредит со грант компонента до 50 отсто, а со законот за државна гаранција кој е во собраниска процедура, значително би се помогнало за одржување на ликвидноста на компаниите“, рече Битиќи на средбата.

Според директорот на Инспекторатот, Пауновски, здравјето на граѓаните е најважно, а протоколите предложени од Комисијата за заразни болести и усвоени од Владата, се токму во насока на заштита на јавното здравје. Тој на претставниците на угостителите им гарантирал дека нема никаква селективност во постапување на инспекторите, ниту интенција при спроведувањето санкции.

Вучиќ достави 10.000 анти ковид вакцини во Сараево

На сараевскиот аеродром Бутмир, Претседателот на Србија беше пречекан од Претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, и бошњачкиот член на Претседателството Шефик Џаферовиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ, денеска во Сараево, предаде контингент од 10.000 вакцини на компанијата „АстраЗенека“, што Србија ѝ ги донира на Босна и Херцеговина (БиХ).

На сараевскиот аеродром Бутмир, Претседателот на Србија беше пречекан од Претседателот на Претседателството на БиХ Милорад Додик и бошњачкиот член на Претседателството Шефик Џаферовиќ. Хрватскиот член на Претседателството, Жељко Комшиќ, пристигнал подоцна, но не присуствувал на заедничкиот состанок.

Вучиќ изјави дека овие вакцини „ќе спасат човечки животи во БиХ“. Србија и на Македонија ѝ отстапи векцини против ковид-19, од производителот Фајзер, по набавна цена.

Пендаровски и Заев за потегот на Радев: Нема кршење права, ова е мешање во туѓа држава

Стево Пендаровски и Зоран Заев

На никого во земјава не му се нарушени правата, ниту на граѓаните кои се декларираат како Бугари, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на новинарско барање за коментар на барањата на бугарскиот претседател, Румен Радев, бугарските безбедносни служби да се ангажираат за заштита на правата на Бугарите во странство, вклучително и во Македонија.

„Јас се надевам дека е информативен состанок во којшто сакаат да соберат информации од граѓани коишто се со бугарска определба, и ќе споделат некои информации ако некаде некои права не се признаени или се непочитувани. Недозволиво е мешање на туѓа земја во друга земја. Ние тоа сме го декларирале во Договорот за пријателство со Бугарија и не само тоа, во разговорите одиме и понатаму, немешање во малцинства, затоа што тоа се решава при Совет на Европа, преку судот на Советот на Европа, не треба да дојде до судар ако на некои граѓани не им се еднакви првата, ние сме тука да реагираме како институција. Јас немам проблем со определбите на граѓаните“, рече Заев.

На изјавата на Радев денеска имаше реакција и од Кабинетот на македонскиот претседател, Стево Пендаровски.

„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава. До овој момент, претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност. Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на ЕУ не се регистрирани такви случаи“, се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Двете реакции следуваат по средбата на бугарскиот претседател, Румен Радев, со безбедносните структури на официјална Софија и барањето на нивни ангажман за заштита на македонските Бугари од, како што рече Радев, „кршење на основните човекови права и слободи и пречки да ја прокламираат својата национална припадност“. Од Софија информираа дека средбата била организирана по дописот со аларм од здружението „Иван Михајлов“ од Битола.

СДСМ може да се вика Социјалдемократи од Северна Македонија

СДСМ

Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали ќе го сменат името на партијата, согласно Преспанскиот договор со Грција, изјави дека тоа ќе се одлучи на следниот Конгрес, кој е единствениот орган кој тоа може да го направи.

„На следните конгреси, тоа не можеме на Извршен одбор или на Централен одбор, тоа е Конгресот на партијата, којшто ретко се свикува. Од уставните промени сме одржале само еден конгрес, онлајн… Верувам дека во периодот пред нас ќе постапиме согласно Преспанскиот договор. Дури дадовме и информација во делот на ново име – Социјалдемократи од Северна Македонија“, рече Заев.

Тој додаде се размислува за оваа идеја - СДСМ како кратенка од Социјалдемократи од Северна Македонија, но дека има и други идеи за ново име на партијата.

Австрија и Данска нема да се потпираат на ЕУ за ковид вакцини, изјави Курц

Австрискиот канцелар Себастијан Курц

Австрија и Данска во иднина повеќе нема да се потпираат на Европската унија (ЕУ) и ќе работат заедно со Израел на вакцина против коронавирусот, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц, пренесе АП. Пред да замине за Израел, Курц објави промена на курсот во стратегијата за борба против вирусот.

„Во иднина веќе нема да се потпираме на ЕУ и заедно со Израел ќе произведуваме вакцини од втора генерација против понатамошни варијанти на вирусот во следните години, и заеднички ќе ги истражуваме можностите за лекување“, рече Курц.

Во писмената изјава за агенцијата АПА, Курц истакна дека само на Австрија ѝ се потребни 30 милиони дози вакцини. Во пресрет на посетата на Израел, Курц денеска ќе оствари средба со претставници на водечките австриски фармацевтски компании.

ДЗС: Апликацијата за попис не е пробиена, за злоупотреба 3 години затвор

Принтскрин од апликацијата за самопопишување на македонски државјани во странство

Државниот завод за статистика (ДЗС), денеска, преку соопштение, ги негира наводите објавени на социјалните мрежи и во некои медиуми, дека апликацијата за попишување на иселениците е пробиена, оценувајќи ги ваквите информации како неточни и деструктивни. Реакцијата доаѓа по објавата на програмерка од Македонија која тврди дека со користење на ВПН адреса, од Македонија ја пополнила апликацијата за попис која може да се отвори само од странство.

„Во врска со внесувањето на податоци преку VPN, односно прикриена IP адреса, самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци. Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон“, се наведува во соопштението од Статистика.

Од Заводот нагласуваат дека согласно Законот за Попис на населението, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“.

„При внесот на адресата, освен улица, не е задолжително полето број и стан, бидејќи во некои населени места – села не постои улица, број и стан.
Во врска со јавното објавување на лични податоци во медиумите и на социјалните мрежи, сметаме дека е повреда на личните права заштитени со Законот за заштита на лични податоци, за што Агенцијата треба да постапува“, соопшти Статистика.

По Радев, и Захариева за Бугарите во Македонија: Реагираме за секој случај

Илустрација - Бугарскиот премиер Бојко Борисов и вицепремиерката Екатерина Захариева

Ние реагираме за секој случај и се радуваме на тоа што и колегите од Северна Македонија започнаа да реагираат затоа што на крај тоа се и нивни државјани, тие живеат таму. Над 100.000 граѓани имаат и бугарско државјанство и понекогаш се заплашувани. Недозволиво е во 21 век да не се признаваат права на самоопределување, изјави бугарската министерка за надворешни работи и вицепремиерка, Екатерина Захариева, во интервју за бугарската БНТ, на прашањето за „Бугарите во Македонија“.

Оваа нејзина изјава седува по вчерашниот состанок на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на бугарските безбедносни служби за „заштита на бугарското малцинство во Македонија“ и по неговата изјава дека треба „да преземат навремени мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани во странство кога тие се нападнати само поради нивната национална самосвест“.

Захариева во интервјуто додава дека многумина во Македонија биле изненадени на бугарското „не“ за преговарачката рамка, иако „Софија уште во 2019 година предупредила дека Македонија откако влегла во НАТО, затаила во спроведувањето на Договорот за добрососедство, а Бугарија останала доследна“.

Ваквите реакции од Софија, како што рече Радев, доаѓаат по „предупредување од здружението Иван Мијалов од Битола“.

Министерски состанок на АСЕАН за ситуацијата во Мјанмар

Демонстранти се кријат зад домашно изработени штитови за време на демонстрациите против воениот удар во Јангон на 1 март 2021 година.

Министрите за надворешни работи на Здружението на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН) денеска одржуваат специјален состанок на кој ќе разговараат за Мјанмар, изјави министерот за надворешни работи на Сингапур, Вивијан Балакришнан, повикувајќи на итно ослободување на соборениот лидер Аунг Сан Су Ќи. Тој исто така ги повика воените власти на Мјанмар да се откажат од употребата на сила „и да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата за да се спречи понатамошно крвопролевање, насилство и смрт“.

Жестоки судири на демонстранти со полиција по пучот во Мјанмар

Во Мјанмар продолжуваат протестите и покрај операцијата на безбедносните сили во неделата кога загинаа најмалку 18 лица. Првичните напори предводени од Индонезија за решавање на кризата покрена сомнеж кај активистите за демократија во Мјанмар, кои стравуваат дека справувањето со хунтата ќе и даде легитимитет и нејзиниот обид за укинување на изборите во ноември, на кои победи Су Ќи.

Повеќето Руси сметаат дека коронавирусот е биолошко оружје

Недовербата кон Русите во Кремљ првенствено се однесува на недостаток на транспарентност, поради нередовните извештаи на властите за заразените и вакцинираните

Скоро две третини од Русите веруваат дека коронавирусот е „биолошко оружје“ создадено од човекот, покажа истражувањето на рускиот независен центар Левада. Ваквите резултати сведочат за традиционалната недоверба кон властите, нагласениот недостаток на транспарентност во управувањето со пандемијата и затегнатите односи со Западот, оценува центарот. Според истражувањето спроведено над над 1.600 луѓе, само 23 проценти од Русите веруваат дека појавата на коронавирусот е природен феномен „без човечка интервенција“, додека 64 проценти сметаат дека тој е „вештачки феномен и претставува ново биолошко оружје“. ; Истата анкета покажува дека стапката на Руси кои се подготвени да се вакцинираат против коронавирусот опадна за два месеца од 38 на 30 проценти.

Русија ја регистрира и третата вакцина против ковид-19


Меѓу оние кои ја одбиваат вакцината, 37 проценти од анкетираните рекле дека се плашат од несакани ефекти, 23 проценти чекаат резултати од клинички испитувања пред можната вакцинација, а 16 проценти „не ја гледаат поентата“ на вакцината. Недовербата кон Русите во Кремљ првенствено се однесува на недостаток на транспарентност, поради нередовните извештаи на властите за заразените и вакцинираните, додава Левада центарот.

Од грчкиот осуден радикален левичар Куфодинас е побарано да го прекине штрајкот со глад

Во Грција роднините на жртвите на Димитрис Куфодинас, радикален левичар кој веќе 52 дена штрајкува со глад, го повикаа да го прекине штрајкот

Во Грција роднините на жртвите на Димитрис Куфодинас, радикален левичар кој издржува доживотна казна и веќе 52 дена штрајкува со глад, го повикаа да го прекине штрајкот. „Неговата смрт нема да ги врати нашите најблиски“, рекоа семејствата на жртвите на екстремно левичарската група 17 ноември. Се проценува дека оваа организација е одговорна за смрт на 23 лица.
Нејзиниот лидер 63 годишниот Куфодинас е во затвор повеќе од 18 години. Тој е осуден на доживотен затвор за убиство на 11 лица, вклучувајќи го и десничарскиот пратеник Павлос Бакојанис, татко на сегашниот градоначалник на Атина, Костас Бајоканис. Куфодинас започна штрајк со глад на почетокот на јануари во затворот во Домокос, во централна Грција. Осудениот бара да биде префрлен во Атина поради семејни посети.

Атина: Доживотна казна затвор за водачите на 17-ти ноември


Тој е во болница 24 дена и неговата здравствена состојба е значително влошена, соопштија лекарите. Сепак, владиниот портпарол Аристотел Пелони оцени дека Куфодинас бара привилегиран третман и се обидува да ги уценува властите. Во последните неколку недели во Грција се одржуваа митинзи за солидарност на Куфодинас. Вчера во Атина се собраа меѓу 2.000 и 3.000 луѓе да побараат исполнување на барањата на затворениците.

Закажани продолженија на четири собраниски седници

Собрание на Република Северна Македонија

Во Собранието по скоро еден месец денеска треба да се одржат продолженија на 21, 22, 25 и 26 седница. Закажувањето на продолженијата на пленарните седници доаѓа по вчерашната координативната средба на првите луѓе на пратеничките групи и потпретседателите со собранискиот претседател Талат Џафери. На средбата присуствуваше заменик-координаторот на ДУИ Арбер Адеми. Координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои не одат на овие средби веќе подолго време, не присуствуваа на состанокот, но имаат неформална комуникација со Џафери за работата и активностите на Собранието.

Собранието му ја враќа на Мицкоски Иницијативата за пописот, згрешени се името на државата и на законот

По недоразбирањата кои се појавија во пратеничката група на ДУИ, по што Собранието повеќе недели не можеше да одржи нова пленарна седница заради немање на кворум, премиерот Зоран Заев изјави дека сите 62 пратеници со кои располага власта во Парламентот во наредниот период ќе доаѓаат на работа. Претходно и лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа дека проблемите се надминати на претседателството на партијата. На дневен ред на 21-та седница се Предлог – законите за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, за изменување на Законот за поштенските услуги и за дополнување на Законот за заштита на населението од Заразни болести, двата во прво читање. На 22-та седница пак се Предлог на законите за остварување на јавниот интерес во културата во прво читање и Предлог на Деловникот за дополнувања на Деловникот, поднесен од собранискиот спикер Талат Џафери. Пратениците на 25-та седница ќе ги расправаат по Предлог на законот за задолжување со заем кај Европската банка за обнова и развој за реализирање на „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“.

Неоправдани отсуства на функционерите на собраниските седници

На оваа седница се и Предлог – законите за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка во второ читање. На дневен ред на 26 седница се четири предлог закони за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и за контрола на опојни дроги и психотропни сусптанци. Последен пат пленарна седница имаше на 3 февруари.

Ердоган ќе објави акционен план за човековите права

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска, како што претходно најави, треба објави акционен план за човековите права како дел од реформите што ќе се фокусираат врз слободите, правото на безбедност и правично судење и слободата на говорот. Ердоган тврди дека акциониот план за човекови права е подготвен „во согласност со очекувањата на сите сегменти во општеството“. Тој најави и пакет економски реформи кој, според него, „ќе ја демонстрира желбата на владата за економски раст на Турција“.

Ципрас - Ако не постоеше Договорот од Преспа, денес Турција ќе беше и на нашата северна граница

Владеењето на правото и практиките за човекови права во Турција заедно со нејзината демократија се под удар особено од 2013 година со растечките овластувања на Ердоган, што доведе до промена на парламентарниот систем во претседателски. Оттука и економијата на Турција се влоши. Ветувањето за економски реформи на тој начин има за цел привлекување странски инвестиции и стабилизирање на турската валута.

Србија денеска ќе ѝ даде 10.000 дози вакцина на БиХ

Српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на босанското трипартитно претседателство, Милорад Додик на церемонијата на устоличување за новиот патријарх на Српската православна црква Порфирије во Белград, 19 февруари 2021 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска ќе го предаде контингентот на вакцини на компанијата АстраЗенека, што Република Србија ѝ ги дава на Босна и Херцеговина. Според кабинетот на Вучиќ, тој на меѓународниот аеродром во Сараево ќе биде пречекан од претседателот и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.

Пристигна втората пратка вакцини отстапени од Србија

Вучиќ претходно најави дека на Босна и Херцеговина ќе ѝ бидат дадени 10.000 дози од вакцината „АстраЗенека“, што ги набави Србија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG