Достапни линкови

Неизвесни и вонредната состојба и датумот за избори


Архивска фотографија- Лидерска средба 18 мај 2020
Архивска фотографија- Лидерска средба 18 мај 2020

Партиите меѓусебно разговораат за компромисен датум за избори, но се воздржани за детали. Засега јавно од ДУИ го споменуваат петти јули како можен термин за гласање, а работите се очекува да станат појасни по лидерската средба кај претседателот Пендаровски.

В сабота истекува вонредната состојба, трета по ред која ја прогласи претседателот Стево Пендаровски поради пандемијата со коронавирусот. Дотогаш се очекуваше партиите да постигнат договор за датум за предвремените избори, а засега се најавува простор за компромис за гласање во јули, но од партиите се уште се воздржани.

СДСМ, кои до скоро инсистираа на избори на 21 јуни, односно 22 дена по завршување на вонредната состојба, деновиве не го споменуваат тој конкретен термин, туку наведуваат дека изборите треба да се одржат во првиот можен рок. Извори од партијата, сепак, се воздржани за компромисот за гласање во јули, наведувајќи дека се подготвени да разговараат, има можност за поместување, но врз основа на разумни образложенија.

Од владејачката партија инсистираат дека избори треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, додавајќи дека таа би можело да се продолжи уште малку, но не со месеци земајќи предвид дека и мерките за справување со коронавирусот веќе се олеснети.

И од ВМРО-ДПМНЕ се воздржани. Нивниот лидер Христијан Мицкоски рече дека комуникација за одредување на датумот на избори постои, но не коментираше ништо во врска со неа и додаде дека ако има договор меѓу партиите, тоа ќе се соопшти јавно. Од партијата исто така стојат на ваквите позиции без да откриваат детали. Очекувањата се дека до крајот на неделава, можеби и викендов, ќе има повторно лидерска средба кај претседателот, по што работите ќе станат појасни.

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за РСЕ велат дека седница на Советот за безбедност ќе се оддржи в сабота, а за лидерска средба остануваат на ставот дека ќе се свика ако има приближување на ставовите.

Од партиите досега со најјасен став излегоа од ДУИ. Вицепремиерот Бујар Османи во интервју за Независен вели дека 5 јули не е лош датум и дека е датум околу кој може да се сретнат сите партии.

„Ако ме прашате како ДУИ, ние не спориме ниту еден датум од утре до декември, кога е редовниот термин. Но, сметаме дека по 5 јули па до септември ќе има отежнати околности за одржување на изборите. Така што очекувам да постигнеме договор околу овој датум“, вели Османи.

Кои се несогласувањата?

Од СДСМ тврдат дека според Уставот изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, наведувајќи дека ако вонредната состојба заврши в сабота, на 30 мај, тогаш изборите би требало да се одржат на 21 јуни.

Ставот на СДСМ е дека со владината уредба за сопирање на изборните дејствија за изборите првично закажани за 12 април, всушност само се сопрени процесите и тие треба да продолжат веднаш по завршувањето на вонредната состојба.

Оваа позиција за ВМРО-ДПМНЕ е незаконска. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во интервју за РСЕ рече дека со тоа ќе се прекрши Изборниот законик, а и дека е потребно претседателот на Собранието Талат Џафери да направи ново решение за избори и да определи нов датум кога би се одржале.

„Врз основа на тој датум треба да се извести Државната изборна комисија, за таа да изготви нов роковник со сите дејствија кои не се завршени кога е донесена таа уредба со законска сила за да продолжи кампањата за до денот на избори. Тој рок со новиот роковник не може да биде пократок од 35 дена. Како ќе се организираат избори на 21 или на 28 јуни?“, рече Јанушев.

Другите партии кои учествуваа на лидерската средба кај претседателот, односно Алијансата за Албанците, Беса и Алтернатива пак не зборуваа толку за датумот за избори, туку инсистираа на тоа дека треба да се гласа кога здравствено е најбезбедно за граѓаните, а и дека мора да има странски набљудувачи.

Набљудувачите чекаат датум

Минатата недела премиерот Оливер Спасовски информираше дека добиле писмо од меѓународните набљудувачи, односно од ОБСЕ/ОДИХР во кое ги информираат дека очекуваат датум за избори и врз основа на датумот да ги започнат сите подготовки за испраќање на мисијата за набљудување на изборите.


Инаку, првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Втората беше со времетраење од 30 дена, а третата од 14 дена.

Со вонредната состојба и се овозможува на владата да носи уредби со законска сила земајќи предвид дека Собранието не функционира и нема кој да носи закони. До предвремени избори, пак, дојде по инсистирањето на опозицијата и одлука на тогашниот премиер Зоран Заев, откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG