Достапни линкови

Јанева се надева на фер процес за Рекет


Скопје- Катица Јанева на распит за „Рекет“ во Јавно обвинителство,24.09.2019

По околу еден час во Обвинителството, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева повторно беше однесена во притворот во населбата Шуто Оризари. Таа не добила решение за завршена истрага во случајот „Рекет“, а во утре ќе го искористи правото на увид во доказите, по што ќе даде изјава за делото.

Со полициско комбе и лисици на рацете поранешната специјална обвинителка Катица Јанева беше донесена во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција петнаесетина минути пред закажаниот термин- 12 часот. Внатре се задржа не подолго од еден час. Потоа, со полициското комбе повторно беше вратена во притворското одделение во затворот Скопје каде што е повеќе од триесет дена.

И Јанева, која е трето осомничена во случајот „Рекет“, исто како и прво осомничениот Бојан Јовановски не даде исказ во обвинителството. Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска рече дека таа не добила решение за завршена истрага, како Јовановски, а им било најавено дека ќе го добијат в среда, а увидот во доказите ќе им биде дозволен ден подоцна.

„Таа ќе го искористи правото да изврши лично увид во доказите и потоа ќе даде соодветна изјава во врска со делото“, рече Фрчкоска.

Јанева ќе врши личен увид во доказите, па ќе даде исказ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:28 0:00

Другиот адвокат на поранешната обвинителка Дељо Кадиев најави дека ќе побараат да се тргне мерката притвор, оти како што рече со завршувањето на истрагата отпаѓа основот влијание врз сведоци. Останува само основот за можност од бегство, рече адвокатот, додавајќи дека ќе понудат гаранција таа да се брани од слобода.

На новинарско прашање, пак, дали „основното обвинителство може да го води случајот, со оглед на тоа дека СЈО беше формирано поради исполитизираност на ОЈО“, Кадиев не даде квалификации.

“Не би сакале политички квалификативи да даваме ниту за едно обвинителство, ниту за кое било друго, се надеваме на фер процес„ рече Кадиев.

Тимот адвокати на Јанева и досега имал увид во доказите, па Фрчкоска рече дека од она што го виделе во нив имало снимки од телефонски разговори, а дали имало и докази од посебни истражни мерки не коментираше. Според сознанијата на адвокатката, во Меѓународниот сојуз чиј претседател е Јовановски, Јанева не е вклучена во истрагата, а постапката смета дека е завршена само за случајот „Империја“.

Поранешната обвинителка е во притвор од 21 август. Таа е трето осомничена во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службена положба и овластување. Јовановски, пак, е осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Зоран Милески Кичеец, кој беше приведен истовремено со Јовановски, е осомничен за “примање награда за противзаконито влијание”.

Според обвинителството Јовановски, Милески и Јанева во неколку наврати земале милион и пол евра од осомничениот бизнисмен Јордан Камчев и неговата сопруга за олеснителни околности во случајот Империја кој го водеше Специјалното јавно обвинителство.

Во обвинителството во меѓувреме беа повикани политичари, бизнисмени, луѓе од естрадата и други кои се поврзуваа во јавноста со невладината организација на Јовановски, Меѓународен сојуз.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција в понеделникот соопштија дека ја завршиле истрагата за осомничените во случајот „Рекет“. Претходно, по седумдесет дена во притвор, Јовановски беше донесен да даде исказ но откако истовремено му беше врачено известување за завршена истрага одбил да зборува пред да ги види доказите. Неговиот адвокат Сашко Дукоски обвини за прекршување на процесна постапка, а слично мислење има и адвокатката на Јанева.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG