Достапни линкови

Рекет и политичари - Се фотографираа, а сега ја негираат дружбата


Неформалниот сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски, познат како Боки 13
Неформалниот сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски, познат како Боки 13

Двајца политичари, двајца градоначалници, неколку бизнисмени и Лила Филипоска во изминативе две недели поминаа по неколку часа во обвинителска канцеларија за случајот „Рекет“. Се уште не се знае нивната улога, но затоа шпекулациите се се погласни. Боки13 досега не е повикан на распит.

Обвинителството за гонење на организиран криминал не открива нови детали за истрагата за предметот „Рекет“, но во јавноста се повеќе се споделуваат шпекулации и половични информации за тоа кои луѓе биле ракетирани и кои политичари учествувале во рекетирањето. Оттаму велат дека денеска немаат на распоред нов сведок за распит. Двајца политичари, двајца градоначалници, неколку бизнисмени и Лила Филипоска во изминативе две недели поминаа по неколку часа давајќи исказ и одговараа на прашања на обвинител за да ја избистрат сликата за „Рекет“. Како излегуваа од обвинителството пред новинарите речиси сите тврдеа дека не биле блиски пријатели со осомничените Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески со прекарот Кичеец.

Политичари и Боки 13 - толку блиски а толку далечни.

Пратеникот Александар Кирацовски пред новинарите тврдеше дека со Боки 13 имал само една заедничка фотографија и тоа по барање на осомничениот.


Тој рече дека не присуствувал на средби каде наводно Јовановски рекетирал, не посредувал кај одредени градоначалници, ниту пак дека се препознава во псевдонимот Кики.

Но, само еден час подоцна на социјалните мрежи осамнаа и видеа со неколку фотографии на кои се гледа како на пример Кирацовски свири гитара, а Боки 13 држи микрофон в рака.

По ова Кирацовски на социјалните мрежи возврати и напиша дека „ниту слика со Христијан Мицкоски ве прави косопственик на неговите хидроцентрали, ниту слика со Боки ве прави соучесник во неговите активности“.

Обвинителите Вилма Русковска и Љубомир Јовески во неколку наврати јавно изјавија дека во „Рекет“ нема инволвирани политичари, за само ден потоа да бидат повикани на распит пратениците и поранешни високи функционери во СДСМ Фросина Ременски и Александар Кирацовски. И Ременски демантираше дека била блиска со Боки 13 по што беа објавени спектар од фотографии од разни семејни прослави до официјални средби.

Сето ова, во јавноста предизвика реакции во кои се се изразува сомнеж во тврдењата на овие политичари дека немале врска со осомничениот Јовановски.

Во дел од медиумите и социјалните мрежи се објавуваат детали дека меѓу рекетираните е бизнисмен кој е уценуван со компромитирачки снимки од разузнавачки служби за кои платил стотици илјади евра.

ВМРО ДПМНЕ со нови прашања за Рекет

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на прес конференција праша дали во телефонот на Боки 13 имало порака од премиерот Зоран Заев со содржина: „Многу си го обрал друже“, и со тоа алудирајќи дека тој знаел за „рекетот“ на осомничените.

Од ВМРО-ДПМНЕ со денешното соопштение посочуваат на нов скандал во истрагата „Рекет“.

„Аферата рекет зема нови димензии кои имплицираат вмешаност на разузнавачките служби во рекетот и нивна злоупотреба за прибавување на милионски суми финансиска корист. Медиумите во Македонија изминатите денови пренесуваат дека македонски бизнисмен бил уценуван со компромитичарчки снимки кои потекнуваат од разузнавачките служби на Република Македонија,“ се вели во соопштението.

Оттаму тврдат дека обвинителството ја развлекува истрагата со цел да ја забошотат.

Муслиу - истрагата не е бавна

Дел од аналитичарите велат дека за разлика од досега овој пат обвинителството не го води бавно предметот како што тврди опозицијата. Политикологот Алберт Муслиу вели дека до сега во јавноста се знае за голем број на испитани и тројца притворени од кои една е специјалната обвинителка Катица Јанева.

„За жал, кај нас имаме неодговорна политичка елита, која се труди од вакви предмети да извлече максимална политичка корист со неодговорно однесување. Јас дури и се надевам дека обвинителството ќе реагира и на допрен глас. Не може вие да обвинувате а за тоа да не поднесете докази па дури и пријави во обвинителство,“ вели Муслиу.

Тој објаснува дека се создава магла околу целиот процес за политички да се искористи. Политичката цена од овој процес е висока и зависи од тоа кој ќе одговара на крај за стореното злодело.

„Власта ако обезбеди секој што се огрешил од законот да одговара, нема да има политичка штета. Доколку тоа го оневозможи секако дека ќе има политичка штета. Од друга страна, ако опозицијата се труди да го успори процесот наместо да го забрза со давање евентуални некакви докази, секако дека и таа ќе има бенефит. Граѓаните се заинтересирани да има владеење на право и да нема неказнетост“, вели Муслиу.

Ако интересот на власта и опозицијата, според него, е да владее правото ќе и ја олеснат работата на обвинителката да го донесе случајот до суд.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG