Достапни линкови

Случај „Рекет“- Дика и Азманов на распит во обвинителството


Архивска фотографија- Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет

Во обвинителството за организиран криминал и корупција денеска продолжија исказите на лица чии имиња се поврзуваат со случајот „Рекет“. Агапи Дика од Меѓународниот сојуз и бизнисменот Зоран Азманов со часови даваа исказ во обвинителството.

„Истрагата ќе покаже“ и „немам коментар“ беа одговоритe што на новинарите им ги даде Агапи Дика, претседателка на собранието на Mеѓународниот сојуз Скопје пред да влезе да даде исказ во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет“. По два часа таа замина од задниот излез на зградата. Дика е дел од високите структури на Меѓународниот сојуз, невладината организација чиј претседател е Бојан Јовановски, прво осомничениот во случајот „Рекет“.

Името на организацијата почна да се споменува во поврзување со двајца бизнисмени- Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски. И двајцата сведочеа во обвинителството во почетокот на месецов. Мицевски неколкупати ја менуваше изјавата, па тврдеше дека 720 илјади евра уплатил на сметка на пензионерката Лиљана Тодоровска, па потоа дека парите биле префрлени на Меѓународниот сојуз, но ова негово тврдење го демантираше Финансиската полиција. Амзоски, пак, на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13. уплатил околу 260.000 евра за стратегиско партнерство и деловна соработка.

Уште едно лице од невладината на Јовановски деновиве била да даде исказ- главниот финансиски координатор Јованка Кухар, а пред две недели исказ даваше и потпретседателкта на Собранието, Фросина Ременски, која е почесен претседател на Меѓународниот сојуз.

И Азманов во Обвинителството

Во текот на истрагата покрај лица кои се поврзуваат со невладината организација се повикани и други кои се поврзуваа лично со името на Јовановски.

Во обвинителство денеска дојде и бизнисменот Зоран Азманов, сопственик на градежната компанија Настел. Неговото име засега не се поврзува конкретно со невладината на Јовановски. Тој во почетокот на годинава по емитувањето на рекламата за емисијата Инсајдер која се емитуваше на 1ТВ, телевизија чиј неформален сопственик е Јовановски, тврдеше дека тој му барал 50.000 евра или стан за да „немал никакви проблеми“. По ова, бизнисменот рече дека го пријавил случајот во полиција и поднел кривична пријава за изнуда и за изнесување невистини.

Месецов исказ даваа и пратеникот и поранашен генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски и водителката Лила Филиповска. Во обвинителство, како што се јавува, била повикана и продавачка од продавницата Пјер Карден од каде што наводно Јовановски купувал мебел. Тој беше уапсен во јули, а притворот месецов му е продолжен за нови триесет дена. Осомничен е за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“. Со него беше приведен и Зоран Милески Кичеец, осомничен за “примање награда за противзаконито влијание” .

Јовановски и Милески трет месец во притвор

Еден месец по нив, во август, беше приведена и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која деновиве доби уште 30 дена притвор. Според кажаното на прес конференцијата на обвинителството кога Јанева беше приведена, тројцата, во неколку наврати земале милион и пол евра од осомничениот бизнисмен Јордан Камчев и неговата сопруга за олеснителни околности во случајот Империја кој го водеше Специјалното јавно обвинителство. Обвинителството, во тој момент имаше докази дека Јанева прибавила предмети и мебел во вредност од околу 5000 евра.

И самиот Камчев беше да даде исказ во обвинителството, а обвинителката Вилма Русковска која го води случајот, оцени дека тој можел да помогне. Исказ даваше и Жарко Луковски, поранешниот главен извршен директор во „Т-мобиле“. Неговото име се споменува во еден од аудио разговорите што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ на својата интернет страница. Во тој разговор се слуша како Јовановски во разговор со Орце Камчев, вели дека „Луковски завршил работа за случајот со базните станици – и во СЈО и во Владата“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG