Достапни линкови

Рекет - место исказ на Боки 13, известување за завршена истрага


Сккопје- Бојан Јовановски на распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, 23.09.2019

Првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски денеска не дал исказ во обвинителството, оти како што тврди неговиот адвокат, веднаш му било дадено известие за завршена истрага без да може да ги види доказите. Утре исказ ќе дава поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција попладнево соопшти дека ја завршиле истрагата за осомничените во случајот „Рекет“.

„Од денес тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените. Воедно, обвинителството укажува дека давањето на исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законскиот утврдениот рок кога се врши увид во доказите. Во текот на утрешниот ден е повикано третоосомниченото лице, кое воедно ќе биде информирано и за завршување на истражната постапка “, се наведува во соопштението.

Претходно денеска, по седумдесет дена во притвор, првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски точно еден час помина во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Првпат откога е во притворското одделение во затворот Скопје, Јовановски е повикан да даде исказ. Од скопската населба Шуто Оризари каде што се наоѓа затворот, до обвинителството стигна со полициско комбе кое го остави веднаш до задната врата на оваа институција. Неговиот адвокат Сашко Дукоски вели дека се случил преседан - веднаш му било дадено известување за завршена истрага со датум 23.09.2019 година.

„Ова досега, во историјата на македонското правосудството не се случило во ист ден да се донесе известие за завршена истрага и да се бара да се даде изјава од осомничен кој, претходно ниту еднаш не бил известен и за основите на сомневања и за доказите кои се против него“, рече Дукоски.

Дукоски - Јовановски ќе даде исказ по увидот во доказите
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:11 0:00

Ние не се браневме со молчење, ниту некогаш ќе се браниме со молчење, додаде адвокатот, кој нагласи дека сега не дале изјава оти немале увид во доказите, а од среда во следните 15 дена ќе прават увид во предметот, по што Јовановски ќе даде исказ.

Дукоски предупреди и дека на неговиот клиент здравствена состојба не му била добро и според него можела да се опише и како живото загрозувачка. Ова следувало, додаде адвокатот, по намалување на желудникот и по двете неуспешни операции на подврзување на тенкото црево

„Нонстоп повраќа, нонстоп паѓа и покрај одобрение од судија на претходна постапка, нонстоп го носат во амбуланта и му даваат еден обичен емулзионен раствор и со тоа се завршува“, рече Дукоски.

Инаку Јовановски беше уапсен летоска на граничен премин и досега еднаш беше на распит во судот кога се одлучуваше дали да му се одреди мерка притвор. Од тогаш на претседателот на Меѓународниот сојуз и неформален сопственик на 1 ТВ уште два пати му беше продолжувана мерката притвор. Истовремено со него беше приведен и бизнисменот Зоран Милески Кичеец кој исто така е во притвор и досега даваше исказ.

Во вторник во обвинителството, точно напладне, исказ треба да даде и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. И таа е во притвор, но беше приведена подоцна од Јовановски и Милески и сега ги почна вторите 30 дена во притворското одделение во затворот Скопје.

Јовановски е осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Милески за “примање награда за противзаконито влијание”. Според обвинителството Јовановски, Милески и Јанева во неколку навратиземале милион и пол евра од осомничениот бизнисмен Јордан Камчев и неговата сопруга за олеснителни околности во случајот Империја кој го водеше Специјалното јавно обвинителство.

Обвинителката Вилма Русковска, пред околу еден месец, по приведувањето на Јанева рече дека ако се смета до колку може да бидат осомничените во притвор, истрагата може да трае шест месеци и дека ако се сака да сеопстои притворот и понатаму, во рок од три месеци мора да биде подигнато обвинение.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG