Достапни линкови

Дали Црна Гора ќе стане првата земја без коронавирус во Европа?


Подгорица, аеродром
Подгорица, аеродром

Црна Гора повеќе од три недели нема забележено ниту еден нов случај на заболување од коронавирус. Тоа би значело дека ги исполнува критериумите утврдени од Светската здравствена организација за да се изјасни за ослободена од вирусот. Како го постигна тоа?

Нема нови случаи на коронавирус подолг временски период. За повеќето земји низ светот, тоа е желба, а не реална цел.

Но, Црна Гора, мала балканска нација со околу 600,000 луѓе, тврди дека е на работ да го постигне тоа.

Премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ на 25 мај објави дека не се регистрирани потврдени случаи.

Премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ
Премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ

Објавата дојде ден откако последниот пациент заразен со коронавирус закрепна.

Сега, ако не се пријават нови случаи, Црна Гора планира на 2 јуни да се прогласи за ослободена од коронавирус според упатствата утврдени од Светската здравствена организација (СЗО).

Од денеска во Црна Гора не можат да влегуваат македонски граѓани

Технички, таа не би била првата земја што ќе се прогласи за ослободена од коронавирус.

Словенија го стори истото неодамна, но сепак подоцна пријави нови случаи.

Црногорската влада се надева дека ваквиот статусот ќе и даде поттик на клучната туристичка индустрија во земјата, уверувајќи ги странските посетители дека сè е безбедно, иако владата ќе биде селективна.

Црна Гора ја пријави својата прва инфекција на ковид-19 на 17 март, со што стана последна европска земја која регистрираше случај на коронавирус. Вкупно се потврдени 324 случаи и девет починати.

Како една земја се потврдува дека нема коронавирус?

Црна Гора соопшти дека доколку не се регистрираат нови случаи на ковид-19 до 2 јуни, таа ќе биде ослободена од смртоносниот вирус. Зошто?

Бидејќи ќе бидат точно 28 дена откако последниот случај беше идентификуван на 5 мај.

Подгорица
Подгорица

СЗО прогласува една земја ослободена од вирус кога нема докажано случај во период два пати подолг од максималниот период на инкубација, што е време на првото изложување на инфекција и појава на симптоми.

Во случајот со ковид-19, СЗО вели дека максималниот период на инкубација е 14 дена. Сепак останува нејасно дали СЗО планира да ја прогласи Црна Гора за земја без ковид-19.

Како го стори тоа?

Црна Гора уште на 10 март ги забрани сите патувања во жариштата на коронавирусот: Италија, Шпанија и покраината Хубеи во Кина - каде што вирусот за прв пат беше откриен во декември 2019 година - како и во Јужна Кореја.

Малата балканска нација потоа на 15 март ги затвори своите граници за сите странци.

Тоа беше два дена пред земјата да го регистрира својот прв случај на коронавирус.

САД апелираат на дијалог и воздржаност во Црна Гора

Во почетокот на март, владата во Подгорица, исто така, ги затвори училиштата и забрани јавни собири и активности на отворено низ целата земја.

Контроверзно, владата јавно ги наведуваше имињата и адресите на луѓето во самоизолација поради сомнителни инфекции или зголемен ризик, потег што беше критикуван од активистите за човекови права.

„Нека секој граѓанин знае кој од неговите соседи и сограѓани ги става во опасност“, соопшти црногорската влада на крајот на март кога списоците беа објавени на интернет.

Во еден момент, имиња и локации на скоро 6.000 луѓе - околу еден процент од населението на Црна Гора - беа наведени на веб-страницата на владата. Како што се намалија бројките, владата започна да ги олеснува ограничувањата.

Дали ќе заживее туризмот?

Во својата објава на 25 мај, премиерот Марковиќ рече дека Црна Гора ќе ги отвори своите граници за патниците од земји кои пријавуваат не повеќе од 25 случаи на инфекција на 100,000 луѓе - вклучително и Хрватска, Албанија, Словенија, Германија и Грција.

Ова ги исклучува честите туристи како Британците и Русите, кои прават голем дел од странските посетители во Црна Гора.

Отворени граници за „меур туристи“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Црногорските тур-оператори сè уште очекуваат тешка сезона, но се надеваат дека статусот „без коронавирус“ ќе го ублажи ударот за индустријата што претставува една петтина од БДП и вработува околу 19 проценти од работната сила. Сепак, гостувањата се очекува да паднат далеку под 2,6 милиони од минатата година, со прогнози за пад на 70 проценти во приходите од туризмот, исто така.

Можни стапици

Зоран Радовановиќ, епидемиолог и професор во пензија во Белград, за Радио Слободна Европа изјави дека „секоја епидемија е исто така социјален, економски феномен“.

„Тие (црногорската влада) очигледно ги имаат своите економски и финансиски причини; голем број работници на кои би морале да им платат обештетување, запрена економија и други причини, така што надлежните проценија дека е поудобно да се каже едноставно дека епидемијата заврши“, вели Радовановиќ.

Отворени прашања околу почетокот на летната сезона

Словенија го објави крајот на појавата на коронавирус на 14 мај. Тековната состојба „овозможува да се олабават мерките што беа итни да се задржи ширењето на ковид-19, но тие сè уште не можат да бидат целосно укинати“, соопшти тогаш владата.

Премиерот Јанез Јанша рече дека Словенија била „најуспешната земја во ЕУ во справувањето со епидемијата“.

изградба на хотел на Црногорското приморје
изградба на хотел на Црногорското приморје

Како и да е, Словенија објави случај на коронавирус на 25 мај, истакнувајќи дека вирусот сè уште останува таму.

На второ место во Европа е малиот Лихтенштајн кој со вкупно 82 случаи на коронавирус и еден починат кај население од 38.000 не објави нов случај од „почетокот на април“.

Исланд исто така е на патот за закрепнување. Далечната островска земја регистрираше вкупно 1.805 случаи со 10 починати. Во моментов има три пријавени случаи на инфекција со коронавирус.

Со население од околу 366,000, стапката на инфекција во Исланд е висока, но во голема мерка тоа се сведува на големиот број тестирања.

Во Црна Гора, некои се скептични во врска со тврдењето на владата дека земјата може да биде без коронавирус:

„Не се чувствувам подобро или побезбедно, затоа што тие тестираа многу малку луѓе во Црна Гора“, вели Десанка Ракчевиќ од Подгорица, додавајќи. „И, како би знаеле колку меѓу нас се со без поголеми симптоми?“

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG