Достапни линкови

Црвените линии на Мицкоски и Заев


Архивска фотографија- Комбо фотографија на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев

Речиси половина година по последната лидерска средба Зоран Заев и Христијан Мицкоски вечерва во Собранието сами ќе разговараат за две теми- законот за ЈО и предвремени избори. Од партиите се воздржани за очекувањата од средбата и ги повторуваат нивните досегашни позиции.

По неколку месечна пауза во директните контакти вечерва лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Зоран Заев и Христијан Мицкоски ќе разговараат за две теми- Законот за јавно обвинителство и датумот за предвремени избори.

За двете прашања има непознаници, како на пример до каде е спремен да отстапи Мицкоски за законот за ЈО и до каде е спремен да попушти Заев за датумот за предвремени избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно повторува дека нивната позиција е јасна а „тоа е правда и правдина без разлика на политичката припадност, тој што се огрешил пред законите да сноси одговорнсот низ фер судски процес“.

„За законот за ЈО остануваме на тоа дека обвинителите кои досега работеа во СЈО треба да се вратат на своите претходни работни места, а не да бидат преземени од новото Јавно обвинителство. Истрагите отворени по јуни 2017 година, ако има основа да ги отвори Јавно обвинителство, но не да ги преземе онака како што се веќе отворени од СЈО“, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ пред денешната средба.

Суштинско прашање за законот не е барањето на опозицијата во врска со постапувањето по предметите по јуни 2017 година, туку дали „бомбите“ ќе се користат како доказ или не, изјави денеска премиерот Заев.

„Суштината според мене е дали бомбите ќе се користат како доказ или не, затоа што Уставот член 16, 17 и 18 од Кривичниот законик вели – кривично дело за кое што постојат индиции и аргументи не може да не се гони, насекаде во свет се гони. Ако не го гони СЈО, ќе го гони друго обвинителство. Надлежен орган за тоа е јавнообвинителскиот систем во државата и тука нема дали Заев, Мицкоски, СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ нешто сакаат или не сакаат. Апсолутно, прашањето е доказите – дали бомбите ќе се користат како докази затоа што сите тие се индиции на крајот на денот“, изјави Заев.

Пред средбата тој рече и дека нема против да се користат нелегално прислушувани материјали и по 2015 година.

Од СДСМ претходно денеска рекоа дека не сакаат да зборуваат за нивните црвени линии за законот, но дека сметаат оти не треба да пропаднат предметите кои ги води Специјалното јавно обвинителство, сите досега отворени предмети треба да се процесуираат без разлика за кого станува збор“, велат од СДСМ .

Втората тема на која инсистира Мицкоски, датумот за предвремени парламентарни избори, пак, во јули годинава беше причина тој да одбие лидерска средба со барање на неа да се разговара само за изборите, а не и за законот за обвинителството и други теми на кои тогаш инсистираше премиерот. Сега претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се согласи на лидерска средба за Законот за ЈО, а рече дека тие ќе ја отворат темата предвремени избори.

„Нашата понуда останува избори на пролет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Власта пак, засега за ова прашање е на позицијата дека треба да се оди на редовни избори. Заев смета дека ова е позитивно време за земјата, во кое вели, се очекува членството во НАТО и датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ и затоа требало да и се даде шанса и на правната држава и на економијата.

„Тие побараа предвремени избори, мојот коментар беше „ОК“ нека бидат крајот на октомври 2020 година, оти реално декември е навистина зима или слично, и стоиме на тие ставови“, рече Заев.

Инаку на вечерашнава средба во Собранието ќе бидат само Заев и Мицкоски. На минатата која не се одржа поради недоаѓањето на лидерот на опозицијата беа поканети и лидерите на ДУИ Али Ахмети и на Алијансата за Албанците Зијадин Села.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG