Достапни линкови

Заев за новите министри, опозицијата за негова оставка


Архивска фотографија- премиерот Зоран Заев на седница во Собранието
Архивска фотографија- премиерот Зоран Заев на седница во Собранието

Премиерот Зоран Заев, образложувајќи зошто ги предложил Нина Ангеловска и Хисен Џамаили за министри рече дека тие ќе бидат сериозно засилување на владиниот капацитет, посебно во овој период во кој се очекува интегрирање во ЕУ и НАТО. Опозицијата пак побара негова оставка.

Двајца нови министри и три нови заменици-министри добива македонската влада. Предлозите за заменици сепак предизвикаа помалку јавна дебата од предлозите за министри- Нина Ангеловска за прв човек на финансии и Хисен Џемаили за министер без ресор.

“Со ова испраќам порака до младите, до успешните студенти, до оние кои се докажале во пракса дека може да го најдат своето место на високи позиции во државата, па дури и на вака високи позиции”, рече премиерот Зоран Заев образложувајќи ги предлогот за позицијата на Ангеловска.

Ангеловска за ресорот финансии предизвика реакции најмногу поради младоста и професионални компетенции за водење на јавните финансии. Во нејзиниот ресор, сепак 31 годишната Ангеловска не е најмладиот кадар досега.

Со јавните пари во 1999 година беше назначен да раководи сегашниот азилант во Унгарија, а поранешен премиер Никола Груевски кој тогаш имаше 29 години. Политичкото искуство на Груевски почна една година претходно, кога во 1998 година стана министер за трговија во владата на Љубчо Георгиевски. Претходно имаше работно искуство во Балканска банка и Брокерската асоцијација.

Ангеловска досега не била на државна функција. Девет години управува со интернет страницата за попусти Групер, била наградувана и во светски рамки, а додека студирала била ангажирана и како демонстратор по неколу предмети.

Џемаили- пратеник, обвинет, советник па министер

Се чини далеку пожестоки коментари предизвика предлогот Хисен Џемаили за министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија. Тој не е нов на македонската политичка сцена, а покрај пратеник во Собранието и претседавач со советот на општина Тетово, за него беше изречена и мерка притвор. На сега 43-годишниот Џемаили во 2008 година му беше одземен пратеничкиот имунитет по барање на специјалниот скопски суд за хашките досиеја како обвинет малтретирање на работниците на градежното претпријатие „Маврово“ за време на конфликтот во 2001 година.

Тогаш Муса Џафери од позиција на министер за локална самоуправа рече дека хашките случаи ќе се затворат со политички договор, а не со судски епилог. Три години подоцна, во 2011 година, владејачкото мнозинство кое тогаш го сочинуваа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го изгласа законот за амнестија на хашките случаи, меѓу кои и мавровските работници со што Џемаили стана слободен од обвиненија.

Заев цитирајќи го неговото политичко, но и академско искуство на Универзитетот во Тетово рече дека очекува тој да помогне.

“Неговото знаење и искуство може да даде сериозен придонес во сите економски ресори”, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Заев

Но, ниту Џемаили ниту Ангеловска не предизвикаа почетни силни реакции од опозицијата. Пратеникот Илија Димовски направи компарација со состојбата на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на таканаречените бомби и состојбата на сегашната влада по објавувањето на аферата Рекет.

“Ајде да ја следиме Австрија, блиску ни е. Се појави една, единствена снимка за заменик претседател на Владата, државата отиде на избори. Господине Заев време е вие лично да си поднесете оставка. Не мора тоа да го поврзете со ваша лична морална и политичка одговорност, но за доброто на државата време е оваа политичка агонија да заврши”, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димовски.

Во однос на замениците министри- на позицијата во економија седнува Кирил Колемишевски, во образование Елизабета Наумовска, а Неџад Мехмедовиќ во новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Тројцата досега немаа високи државни позиции и политички кариери.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG