Достапни линкови

Лидерската откажана, Пендаровски се нуди за домаќин


Архивска фотографија- Лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Лидерската средба, која премиерот Зоран Заев ја закажа за денеска е откажана. Претседателот Стево Пендаровски, пак, вели дека вистинското место за лидерска средба е кај претседателот.

Лидерска средба денеска нема да има. Владата на Република Северна Македонија преку соопштение информираше дека не се создадени услови за постигнување консензус за организирање на лидерската средба.

„Владата одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја”, наведуваат во владиното соопштение и најавуваат детали од премиерот Зоран Заев на прес конференција попладнево.

До ова доаѓа откако средбата најавена на 15 јули за денеска, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ја одби поради барањето на неа да се разговара само за предвремени парламентарни избори.

На лидерска средба требаше да се разговара за реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот.

Не би сакал да ја поткопувам иницијативата на премиерот за лидерска средба за важни прашања, вели македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе го емитуваме в недела, тој додава дека, сепак, смета оти вистинското место за лидерска средба е кај претседателот на државата.

„Сакам да бидам искрен. Мислам дека за неколку битни прашања, како што е на пример идната позиционираност на СЈО во нашиот правосуден систем или пописот кој за жал почна да се политизира, иако законот се уште не е донесен и неколку други слични битни работи, мислам дека вистинското место за средби е кај претседателот на државата“, вели претседателот Пендаровски.

Тој додава дека се сомнева оти заради големата политичка поделба меѓу двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е можна продуктивна средба од тој формат кога едната или другата партија е организатор.

„Затоа мислам дека би било попродуктивно ако претседателот, значи јас тука, би организирал една таква средба, но би почекал да видам каков ќе биде исходот од оваа лидерска средба која ја најави премиерот Заев”, вели Пендаровски.

На денешната средба во Клубот на пратениците потврдија дека ќе дојдат Али Ахмети, претседател на владиниот коалициски партнер ДУИ и опозиционерот Зијадин Села од Алијансата за Албанците. Мицкоски, кој најави дека нема да присуствува, пак ги има најголемите забелешки за две од темите за кои беше најавено дека ќе се разговара- пописот и законот за јавно обвинителство. Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, на лидерската треба да се постават темите, а иако сега не се сите вклучени, тоа е можно и да се смени.

„Верувам дека во понатамошниот период, ако не сега, ќе се вклучи и опозицијата и мислам дека независно од сегашните политички препукувања пак ќе се седнат заедно за да се договорат како да се оди напред во однос на клучните прашања”, вели Муслиу.

Премиерот деновиве најави дека е подготвен да разговара за сите теми што ќе ги предложат лидерите на политичките партии, но дека немал намера да исполнува желба за предвремени избори.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG