Достапни линкови

Јавното обвинителство ги презема предметите на СЈО


Работна група во министерство за правда за предлог законот за Јавно обвинителство

Јавното обвинителство денеска ги презема во надлежност и натамошно постапување предметите од СЈО, соопштија од Обвинителството. Правните експерти се со различни мислења за тоа дали државниот јавен обвинител Љубомир Јовески има правна основа да ги преземе предметите на СЈО.

Откако за тоа амин доби од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска ги презема предметите на СЈО, соопштија од Јавното обвинителство.

За некои има, за некои пак, нема правна основа Јовески да ги преземе предметите на СЈО, откако специјалната јавна обвинителка Катица Јанева даде овластување за нивно предавање. Универзитетскиот професор Гордан Кајалџиев пред состанокот во Министерството за правда на кој се расправа по ова прашање изјави дека Јанева нема овластување да ги делегира предметите на друго обвинителство.

„Во случајов има поднесено оставка и не може да се однесува од типот на после мене потоп, туку ќе си се избере нов обвинител за што очигледно не постои интерес. Тоа е најстрашното и очигледно ова е крај на СЈО. Не постои никаков интерес Македонија да има независна, самостојна и автономна институција која ќе се бори со висока корупција. На крај морам да признаам со жалење дека излезе оти СЈО е злоупотребено да се бутне власта и ништо од благородните идеи“, вели тој.


Академик Владо Камбовски кој исто така е дел од групата која расправа во Министерството не се согласува со ставот на Калајџиев. Според него, во јавноста се создала ситуација дека ќе се случи крах на СЈО, што не е точно. Тој додава дека законот за СЈО предвидува, ако некое прашање не е уредено, се применува постојниот закон за ЈО.

„Државниот јавен обвинител има генерално овластување, согласност уставната поставеност на Јавното обвинителство како институција која е заснована врз принципите на хиерархиска субординираност да преземе предмети од кој било обвинител и кое било обвинителство и да ги додели тие предмети на работа на други обвинители. Значи ние имаме решение“, вели тој.

Ако, како што додава Камбовски, Собранието не го усвои законот и со тоа СЈО не се спои со обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција тогаш може да се избере нов специјален обвинител кој ќе ја продолжи работата каде што застанала Јанева. Според него, политичка волја мора да има.

„Решение мора да има и да не постои кај нив волја, која сега треба да биде изразена преку забрзана работа за усвојување на законот за ЈО. Ако не тогаш останува според постојниот закон за ЈО, државниот јавен обвинител без да праша никого да си ја заврши својата работа“, смета Камбовски.

Калајџиев вели дека се можни две решенија, или СЈО да остане самостојно или да биде дел од редовното обвинителство.

„Сега во законот што го предлага Министерството за правда нема трага од тоа. Значи, го нема СЈО, нема автономија, си има обвинителство за организиран криминал кое што беше порано. СДСМ не дојде на власт со тие ветувања“, порачува тој.

И Калајџиев и Камбовски го покренуваат прашањето зошто три месеци пред истекот на мандатот на Јанева како што налага законот не бил избран нејзиниот наследник. Кога ќе биде донесена одлука за судбината на предметите на СЈО се уште не е познато. Во работната група освен претставници од министерството се и обвинителката од СЈО, Ленче Ристовска и Љубомир Јовески.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG