Достапни линкови

На топлото време работниците забораваат на маски и дезинфекција


илустрација, градежни работници

Иако е тешко да се носи маска во услови кога температурите се високи и до 40 степени, од синдикатите апелираат работниците да ги почитуваат мерките за да се заштитат од евентуална зараза. Контролите на терен покажале дека не секој од работодавачите обезбедил соодветни услови за работа и заштита од вирусот.

За градежните работници летниот период е времето кога се работи со полна пареа. Иако температурите се високи, па во одредени периоди сме жртви и на „портокаловата фаза“, градежните активности не запираат. Препораки за заштита на работниците кои работат на отворено постојат, но сликата на теренот покажува дека отстапувања во делот на почитување на препораките има. Дополнително поради пандемијата со ковид 19, списокот на препораки за заштита на работниците сега е поголем.

Од Синдикатот за градежништво при ССМ велат дека редовно и внимателно ја следат ситуацијата на терен и доколку забележат прекршувања, навремено реагираат до соодветните институции. Сепак додаваат дека придржувањето на препораките за заштита од корона вирусот знае да биде сериозен предизвик на градилиштата.

„За работите да течат како што треба едноставно и луѓето забораваат на препораките. Бидејќи во осумчасовно работно време, не е само дистанцата туку и хигиената. Знаеме како е на градилиштата и во кои услови работат и дека немаат време да дезинфицираат редовно раце, но апелот од Синдикатот беше кога се работи, се работи но за време на паузата да се внимава, да се мијат рацете, за јадење да не разменуваат блиски контакти, секој да си работи со својот алат, но има блиски контакти кои и не се толку ризични ако се почитуваат овие мерки“, вели Иван Пешевски заменик претседател на Синдикатот за градежништво.

Оттаму додаваат дека она што ,исто така, е важно е почитувањето на препораките и од страна на работодавачите.

„Ние кога одиме на терен гледаме дека голем дел од работодавачите немаат обезбедено заштитни маски и дезинфекциски средства за секој работник. Така што и тука имавме акција и поделивме како синдикат маски и заштитни средства за дезинфекција, но тоа не е доволно за да се опфатат сите. Имаме толку многу градилишта и компании и навистина многу од нив не стигнаа да побараат помош бидејќи се влезени во еден барабан и не ни имаат време да се освестат што може да ги снајде на крајот од денот ако се заразат од корона вирусот“, вели Пешевски.

Текстилните работници пак, се покажаа како болна точка во оваа пандемија. Текстилните кластери во Штип и Свети Никола претставуваа сериозен ризик за ширење на болеста, но ставија и клуч на вратите на шест конфекции во Штип и една во Свети Николе. Но дали тоа ги направи работниците попретпазливи, а газдите поажурни во обезбедување на соодветни услови за работа во време на пандемија?

Претседателот на Синдикатот за текстилна, кожарска и чевларска индустрија, Љупчо Радовски вели дека поплаките од страна на текстилните работнички се намалени во овој период и дека контролите на терен покажуваат дека се претежно се почитуваат мерките за заштита од ковид19.

„Услови за работа мислам дека секоја фабрика има, ги исполнуваат стандардите. Сега веќе и самите работодавачи кога видоа дека се појавија кластери, самите за да не им опадне производството и да не се разболат работниците, пробуваат да направат се што треба. Што се однесува до дистанцата мислам дека може да се одржува, но кога се прават паузите тогаш вообичаено работниците не внимаваат и имаат блиски контакти“, вели Радовски.

Ирена Јакимовска е директорка на текстилната компанијата „Комфи Ангел“ од Прилеп. Таа уверува дека над илјада вработени во оваа компанија ги почитуваат препораките за заштита од ковид 19.

„Без компромис мора да се почитуваат правилата. И јас ги почитувам, знам колку е тешко да се носи маската меѓутоа нема компромис и ако сакаме да опстанеме и да ја одржиме стабилноста во овој период барем економски, мора да се почитуваат правилата“, вели Јакимовска.

Од оваа компанија во која еден дел од производството се преориентира кон изработка на заштитни маски кои веќе се извезуваат и надвор од земјата, велат дека вработените се дисциплинирани и совесни во однос на почитувањето на мерките.

„Тешко е да се воспостави некоја социјална дистанца, но оние ликови кои се во непосреден контакт со колегите мораат да носат маски, а работните позиции во кои има дистанца меѓу колегите, можат да ги симнат маските под нос“, вели Јакимовска.

Инаку, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија во периодот од 10-ти до 30- ти јуни регистрирал 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесуваа на 2723 работници. Најголем дел од повредите на работничките права се случиле токму во текстилниот сектор.

Голем број текстилни работнички беа превезувани во автобуси на начин на кој беше прекршувана уредбата за организирање на јавниот транспорт, односно не можеа да држат растојание во автобусите, дел од нив немаа заштитни маски, па така беше речиси сигурно дека ќе почне да се шири вирусот, затоа што оваа уредба не беше почитувана.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 11.128, бројката на оздравени пациенти е 6.972, на починати е 500, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.656

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG