Достапни линкови

Работничките права „жртва“ на коронавирусот


Работнички шивачки во текстилна индустрија

Проблемите кои настанаа во економијата поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се прекршуваат врз грбот на работниците велат дел од невладиниот сектор. Првомајските празници за прв пат годинава нема да бидат да се одбележи со марш поради полицискиот час.

Бланко спогодбени откази, намалена плата, прекувремено работење, исплата на плата под минимално дозволената се само дел од проблемите со кои се справуваат работниците во земјава по воведувањето на вонредната состојба поради пандемијата со Ковид 19. Во пресрет на првомајските празници, работниците се ставени во дополнителен ризик со владимата последна мерка со која им се дозволува на работодавачите да отпуштат 15 проценти од вработените и да ги задржат правата за употреба на владината финансиска помош.

Дел од невладиниот сектор предупредува дека во владините мерки мора приоритет да бидат работниците, затоа што работодавачите кои останале со намален или без приход први на удар ги ставаат токму работниците. Кристина Ампева од Гласен текстилец од Штип вели дека од воведувањето на мерките за затварање на дел од објекти и намалување на капацитет на одредени погони имаше многу повеќе прекршувања на работничките права во март кога отпуштаа дел до работниците. Во април пак, е забележано намалување и доцнење на плата, како и работници кои останале без никаков надоместок.

„Јавување кај работничките кои што се дома ослободени со потврда дека имаат деца до 10 години, претежно работодавачите се оттарасуваат од нив во моментов поради договорите на определено време, фактички ако не се вратат на работа им велат немаме потреба од тебе или немаме помош од државата или слично. Ги немаме тие колективните отпуштања месецов но остануваат дел од проблемите од март, бидејќи голем дел од тие кои што вчера беа вработени немаат право на надоместок, затоа цело време пуштаме барање до Владата со кои би се опфатиле и овие работници кои не по своја вина останале без работа, а работодавецот го правда тоа со спогоден отказ или поради кршење на ред и дисциплина“ вели Ампева.

Во делот на намалување на платата, Ампева вели дека дел од работниците добиваат и по 4, 6 или 9 илјади денари кои се под минималната плата, но додава дека во Источна Македонија во пресрет им излегуваат инспекторите кои им наложуваат исплата до минималната плата.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет вели дека до нив стигнале поплаки на околу 300 работници кои се жалат на прекршување на работничките права во време на корона вирусот.

„Прекувремената работа не е нешто што би требало да се случува во моментов. Дел од тие поплаки што ги добиваме е дека на дел од работниците не им се платени преку времените часови а дел пак и добиваат надомест за тоа. Ние сметаме дека во ова време кога поголемиот број на граѓани воопшто не одат на работа за да се заштитат од вирусот, дека е навистина дискриминирачки дека работниците се тие кои не само што одат на работа туку треба и прекувремено да останат на работа, сметаме дека таа појава треба да биде во овој период спречена па дури и казнета од државните инспектори“ вели Пировска.


Таа додава дека генерално прекршувањата на работничките права во овој период најмногу се случуваат кај општите работници. Пировска вели дека за два смртни случаи на работници во тек на работно време и 4 повреди на работно место упатиле барање државниот инспекторат за труд да ги испитаат.

Александар Цветковски од невладината организација Агтис вели дека најпогодени се работниците во сектори каде што има најмала маргина на заработка како што е текстилната и кожарската индустрија, угостителството и хотелиерски бизнис каде што поради недостиг на приход се отпуштаат работниците.

„ За среќа во градежната индустрија сите работат и се бараат работник повеќе. Има отпуштање вокафеанскиот и хотелиерски бизнис, тука не е намалено туку е сведено на нула. Сметам дека во тој дел Владата треба повеќе да интервенира, отколку на некои други сектори. На пример се зголемуваат субвенции кај земјоделците а нема никакви мерки за одредени категории работници и бизнисмени кои најмногу изгубија. Земјоделцитескоро ништо не изгубија но добија зголемени субвенции.Каде што има мала заработка таму има најголем број на отпуштања.

Пировска вели дека до Владата испратиле барања да бидат опфатени со мерките и работниците кои имаат помалку од работен стаж од 9 месеци како и за оние кои се отпуштени со спогодбени откази.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG