Достапни линкови

Сто дена влада - затвори една дупка, отвори друга


Премиерот Димитар Ковачевски зборува на тематска владина седница по повод 100 дена влада
Премиерот Димитар Ковачевски зборува на тематска владина седница по повод 100 дена влада

Изминаа првите сто дена падни-стани на новата влада. Ја зголемија минималната плата на 18 илјади денари, па се соочија со штрајкови и барање за скалесто зголемување и на останатите плати во држава, почнаа интензивно да работат на надминување на проблемот со Бугарија и најавија дека повеќе ќе се фокусираат на економијата, но посетата на бугарскиот политички врв на отворањето на Клубот на културниот центар Ванчо Михајлов во Битола повторно ги отвори историските теми за кои нема решение на повидок. Бугарската блокада за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ засега останува. Владата потроши над 600 милиони евра за справување со кризата предизвикана од драстично зголемените цени на храната и енергенсите, но ја зголеми задолженоста, а најави и нови задолжувања.

Владата во првите 100 дена ја зголеми минималната плата и се соочи со барања за зголемување на другите плати, трошоците за живот се зголемени за 9 отсто во однос на лани, храната драстично поскапе, а владата потроши стотици милиони евра за справување со ценовните шокови.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој е три месеци на функцијата, тврди дека добро се справуваат со предизвиците и оти со преземените мерки сметките на граѓаните се намалени за по 4000 денари месечно. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува за „100 порази“.

Храната станува луксуз

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во март биле за 8,8 отсто поголеми отколку во истиот месец минатата година. Храната во март била за 12 отсто поскапа отколку истиот месец минатата година. Лебот и житата само за еден месец се поскапени за 5 отсто, додека во однос на лани се поскапени за 16 отсто, маслата се поскапени за над 20 отсто, овошјето за 13 отсто, а зеленчукот за 18 отсто.

Владата пред Нова година ги замрзна цените на основните животни производи, но таа мерка беше неодржлива со оглед на тоа што Македонија е увозник на храна, потоа ги замрзна профитните маржи за трговците, а за лебот, брашното и зејтинот целосно ги укина. Во меѓувреме, во продавниците снема зејтин, иако владата уверуваше дека се обезбедени доволни количини. Сега снабдувањето е стабилизирано, но зејтинот е 30-тина денари поскап од лани.

Пред еден месец беше укинат ДДВ-то за основните животни производи.
Пензионерите, пак, во април, мај и јуни добиваат по 1000 денари на пензијата за справување со покачувањата.

Стотици милиони евра за енергетската криза

Главоболки со сметките за струја
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:57 0:00

Од Нова година струјата поскапе за 10 отсто, а парното во Скопје за 14 отсто. Според Државниот завод за статистика, гасот е поскап за скоро 40 отсто, а горивата за над 70 отсто во однос на лани. За колку-толку да ја држи цената на горивата под контрола, ја намали акцизата, ДДВ-то за горивата од 18 го спушти на 10 отсто, и ја продолжи повластената даночна стапка од 5 отсто за струјата до крајот на годинава.

Претседателот на Стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков вели дека наредната зима ќе биде уште потешка со оглед на тоа што земјава е целосно зависна од руски гас, чија цена драстично се зголеми по почетокот на војната во Украина. Ако војната не заврши, можни се и проблеми со снабдувањето.

„Државата треба сериозно да преземе мерки и доколку тоа не го направи веднаш и брзо, граѓаните може да очекуваат дека следната зима ќе останат без парно греење во градот Скопје. Цената на струјата ќе расте во наредните година-две, како што ќе расте и цената на горивата“, вели тој.

Енергетската криза почна уште на почетокот на зимата, кога струјата на европската берза поскапе за неколкупати. Со оглед на тоа што Македонија не произведува доволно струја за себе и мора да увезува, владата потроши стотици милиони евра за справување со кризата.

За сите овие мерки за справување со ценовните шокови владата потроши над 600 милиони евра.

„Со овие антикризни мерки, сметките на граѓаните се помали за околу 4.000 денари месечно“, рече денеска Ковачевски во своето обраќање на тематската седница 100 дена Влада.

На сметка на тоа долгот на државата достигна рекордно ниво од над 7,1 милијарди евра. За оваа година е предвиден буџетски дефицит од 550 милиони евра, но министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека со ребалансот буџетската дупка ќе се прошири и оти ќе има нови задолжувања. Дел од медиумите објавија дека Македонија сака да се задолжи кај ММФ за нови 900 милиони евра. Тие пари ќе се трошат за враќање на стари долгови и за тековни потреби, па јавниот долг веројатно ќе надмине 7,5 милијарди евра, односно 64 отсто од БДП-то.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира дека изминативе 100 дена ги обележале 100 порази.

„100 дена влада 1 милијарда задолжување. Ова се пари кои оваа влада ќе ги позајми за одржување на ликвидност, затоа што економијата пропаѓа од нивните лоши политики“, реагира опозициската партија.

Во меѓувреме, војната во Украина ги забави економиите низ цела Европа, а Светска банка ги намали проекциите за економски раст на Македонија годинава на 2,7 отсто. Властите претходно очекуваа економијата годинава да порасне за 4,6 отсто.

Минималната плата порасна, но сега бараат и другите

Живот на минималец
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

На 23 февруари беше изгласан законот за зголемување на минималната плата од 15 на 18 илјади денари. Владата се пофали дека од зголемувањето ќе се офајдат околу 80 илјади вработени кои работат за минималец. Владата најави дека со 16 милиони евра ќе ги субвенционира придонесите за покачувањето на минималецот.

Тоа, пак, отвори нови проблеми зашто синдикатите побараа скалесто покачување и на останатите плати за да не се дојде до урамниловка. СОНК почна штрајк во училиштата и градинките со барање за покачување и на нивните плати. Беше постигнат договор просветарите да добијат зголемување од 12 отсто, што исто така ќе го чини буџетот неколку десетини милиони евра.

Покачување на платите бараат и останатите вработени во администрацијата. Конфедерацијата на слободни синдикати најави дека од денеска почнува со секојдневни едночасовни протести за зголемување на платите на административните службеници. Сојузот на синдикати на Македонија, пак, побара линеарно зголемување на платите во целиот јавен сектор за 2800 денари.

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека од септември пензиите ќе се зголемат за просечно 900 денари.

Академик Абдуменаф Беџети вели дека барањата зголемувања на платите и пензиите без анализа од каде да се обезбедат пари се целосно неодговорни и деструктивни.

„И вака буџетот е веќе кнап. Од една страна велат да ги покачиме сите овие давачки, вклучувајќи ги и пензиите за ненормални 20 отсто, а од друга страна велат не смеат да се покачуваат даноците и критикуваат за зголемување на јавниот долг. Па има ли поголема нелогичност од ова“, прашува Беџети.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната плата во Македонија во февруари била 29.840 денари, што е за скоро 7 отсто повеќе од истиот месец лани, но сепак, платата не го следи огромното зголемување на трошоците за живот, па тие пари вредат помалку од лани.

Ванчо Михајлов го врати проблемот со Бугарија на почеток

Бугарскиот премиер Кирил Петков во посета на Битола на отворање на културниот центар „Иван Михајлов“
Бугарскиот премиер Кирил Петков во посета на Битола на отворање на културниот центар „Иван Михајлов“

Веднаш откако беше избран на функцијата на 16 јануари, премиерот Димитар Ковачевски се сретна со неговиот бугарски колега Кирил Петков во обид да се надминат проблемите меѓу двете земји и Бугарија да ги откочи македонските евроинтеграции.

На 18 јануари, Петков ја посети Македонија и беше најавено формирање работни групи кои треба да работат на надминување на проблемите, а една недела подоцна во Софија беше одржана заедничка седница на двете влади, беа потпишани неколку договори за соработка, а беше договорено отворање на авиолинија Скопје – Софија. Ковачевски и Петков најавија нов пристап фокусиран пред сè на економските, а не на историските теми.

Се чини дека работите се вратија на почетна точка пред десетина дена, кога Петков, потпретседателката Илијана Јотова и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска присуствуваа на отворањето на Клубот на Културниот центар Ванчо Михајлов во Битола. Тоа наиде на жестоки критики од македонската јавност, но и од државниот врв со оглед на тоа што Михајлов, родум од Штип, во Втората светска војна бил соработник на фашистите. Тој тврдел дека Македонците се дел од бугарскиот народ.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека Македонците се конструкт на Коминтерната, Македонија ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

И Петков и македонските власти тврдат дека Москва работи против подобрување на односите меѓу двете земји и откочување на евроинтеграциите, но засега нема најави дека Бугарија ќе дозволи почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Зекири во притвор, Тупанчевски на фудбалски натпревар

Поранешниот генерален секретар на Влада Мухамед Зеќири
Поранешниот генерален секретар на Влада Мухамед Зеќири

Со непроменета оценка 3,82, исто како и минатата година, Македонија останува во категоријата „хибриден режим“, според извештајот „Држави во транзиција - од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“ на Фридом хаус. Просечната оценка на Македонија постојано паѓаше од 2012 до 2017 година. Земјава падна во категоријата „хибриден режим“ во 2013 година. Од 2017 до лани има раст, но во изминатата година има стагнација.

Владиниот портпарол Душко Арсовски, коментирајќи го извештајот рече дека во изминатите пет години Владата успеа да ја врати слободата во општеството, вербата во институциите и да ја зајакне меѓусебната граѓанска почит.

Најголемата афера која ја потресе владата на Ковачевски во изминатите 100 дена е апсењето на доскорешниот генерален секретар на владата Мухамед Зекири, кој е осомничен дека незаконски доделил тендер од скоро 950 илјади евра. Тој поднесе оставка на функцијата пред 20-тина дена и беше однесен во притвор.

„Актуелната Влада си постави и останува на јасната цел – Да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот како и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење. Тоа се одликите што ги побарав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот кој заеднички се стреми да им служи на интересите на сите граѓани, без исклучок“, потенцираше претседателот на Владата Ковачевски во обраќањето на тематската седница.

Пред еден месец, министерот за правда Никола Тупанчевски на трошок на Фудбалската федерација на Македонија отпатува во Палермо да го гледа фудбалскиот натпревар Италија – Македонија. Патот и картата биле на сметка на ФФМ, а тој си го платил хотелот. Случајот предизвика реакции во јавноста, Тупанчевски тврди дека не го прекршил етичкиот кодекс, а вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска го опомена.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG