Достапни линкови

Кочан ќе излезе од затвор додека државата да ја наплати штетата од Трансмет


Сеад Кочан на изрекувањето на пресудата за „Труст“
Сеад Кочан на изрекувањето на пресудата за „Труст“

Кривичната пријава од МВР за стечајниот управител на „Трансмет“ не стигнала до Обвинителството. Во меѓувреме, додека институциите истражуваат како имотот кој требаше да биде конфискуван станал стечајна маса, осудениот за Труст Сеад Кочан одлежа две третини од затворската казна.

Осудениот Сеад Кочан во предметот Труст ја издржува третата година од затворската казна во казнено поправниот дом Идризово. Му остануваат уште 1 година, 10 месеци додека да излезе на слобода, велат од министерството за правда за Радио Слободна Европа. Кочан беше осуден поради тоа што неговата фирма Трансмет во 2011 година незаконски добила тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола вреден 17 милиони евра.

Помина три години и два месеца откако Кочан започна со издржувањето на казната, ама државата се уште не може во целост да си ја наплати штетата за незаконскиот тендер. Со пресудата за Труст против Кочан во 2018 година, требало да се конфискува имот во вредност од направената штета односно 17 милиони евра за да се обештети државата поради наместен тендер во РЕК Битола во 2011 година.

Со правосилноста на пресудата овие средства треба да се одземат во полза на државата. Таа станува извршна на 15 јули 2019, по одлуката на Апелација за намалување на затворската казна на Кочан од од шест на четири години и осум месеци.

Неколку институции веќе два месеца истражуваат кој е виновен што имотот кој требаше да го конфискува државата, а стана стечајна маса и засега е ничив, односно во пракса не го поседува нити на државата, нити доверителите на кои Кочан преку Трансмет им должи пари за неисплатени услуги.

Стечајната постапка со која е оспорен имотот кој требаше да го конфискува државата е обременета со контроверзии и неколку кривични пријави.

Поранешниот обвинител Констатин Кизов вели дека проблемот со тригодишниот неуспех на државата да ја наплати штетата е во институциите, затоа што веднаш штом биле забележани, како што вели, небулозите со законските решенија требало да се направи усогласување на законските одредби. Тој објаснува дека е недозволиво имот кој е дел од кривично дело да се третира како стечајна маса.

„Не може да се дели на пример имотот ако е во стечајна маса. Се знае во стечајна маса приоритет кој има, државата, оштетените, вработените па доверителите треба да си наплатат од стечајната маса. Не може тие пари и тој имот да влезат во таква спогодба. Државното правобранителство требало тоа да го оспори, во координација со јавното обвинителство и Судот“ вели Кизов.

Како заглави конфискацијата на имотот на Сеад Кочан

Стечајната постапка по донесувањето на првата пресуда против Кочан и Трансмет во 2018 година во неколку наврати била прекинувана и стартувана отпочеток. Последниот обид е во 2019 година, покажуваат податоците од Централниот регистар.

МВР и Обвинителство со различни одговори за кривичната пријава против стечајниот управител на Трансмет

Во меѓувреме пред да настапи правосилноста на пресудата во случајот Трансмет во 2019 година против стечајниот управител Благоја Макревски била покрената кривична пријава до Секторот за економски криминал и корупција во МВР, под сомнение дека впишувал нови и дополнителни милионски долгови во полза на дел од доверителите. На прашањата на РСЕ до каде е постапката по оваа кривична пријава од МВР одговорија дека ги исполниле своите надлежности во врска со овој предмет.

„Ве известуваме дека по Наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при МВР веќе постапуваше при што е поднесена кривична пријава против стечајниот управник на Трансмет, а до ОЈО за ГООК е поднесено известување“, се вели во одговорот до МВР за РСЕ.

Но, од друга страна пак, од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција Радио Слободна Европа доби поинаков одговор.

„Кривична пријава против лицето за кое покажувате интерес не е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Како што веќе информиравме, отворена е предистражна постапка во која меѓу другото се истражуваат и околностите поврзани со стечајната постапка на Трансмет“ се вели во одговорот од Обвинителството.

Муареми- Многу актери се вмешани во неконфискацијата на имотот на Трансмет

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми изјави дека нивната предистражна постапка која ќе утврди како е дојдено стечајот и извршувањето на имотот на Трансмет кој пред стечајната постапка бил заведен на име на државата. Тој вели дека во оваа приказна се инволвирани многу актери и само еден доверител успеал да си поврати пари од стечајната постапка.

„За брзо време ќе се докаже и начинот како е дојдено до стечајот на Трансмет, кои се тие главни играчи што им се овозможи да се крене толкава паника, за имотот на Трансмет да не може да се конфискува, што не е точно. Дел од имотот односно недвижниот имот е запишан на име на државата“, изјави Муараеми за Алсат.

Предмет на истрагата е и како Агенцијата за катастар „експресно “ го префрлила делот од имотот на „Трансмет“ на име на фирмата „НОВА ТВ“ која исто така беше во сопственост на Кочан. Според правосилната пресуда дел недвижниот имот во вредност од 7,5 милиони евра и движниот имот во вредност од 7 милиони евра треба да се конфискува затоа што тој имот е стекнат со кривично дело направено во период од 2013 до 2018 година.

„Недвижниот имот бил во сопственост на државата а тоа се докажува со имотните листови, со прибелешки дека одреден некој имот е под залог на одредени доверители. Е сега тој имот за кој кажуваме дека е сопственик државата, одредени доверители го искористиле правото меѓу првостепената пресуда и укинувањето нејзино со жалба до второстепен суд тогаш биле истакнати некои побарување на некои компании спрема Трансмет и тогаш се отвора стечајот. Но, во овој вакум простор никогаш тие прибелешки кои се ставени за замрзнување на имотот од страна на државата во Катастар не биле тргнати, што значи стоело времето, дека уште е прибелешката со времена мерка од судот. Не знам како стечајчниот управител во стечајната маса се дозволило да влезе и овој имот и да ги признаат тие побарувања од тие компании“, вели Муареми.

Претходно Државното правобранителство соопшти дека поднело кривична пријава против Муареми како истражител на СЈО и обвинителите кои за време на истрагата биле дел од СЈО Артан Ајро и Гаврил Бубевски.

Играњето пинг-понг со надлежностите и конфискацијата на имотот и натаму останува нерасчистено затоа што Државниот правобранител тврди дека поради пропусти на јавните обвинители овој имот останал оптоварен со хипотеки и товари. Во меѓуврем Агенцијата за конфискација на имот тврди дека пресудата односно конфискацијата на имотот е неизвршлива. Тоа значи дека за сега за државата не останало ништо за наплата од пресудата. Враќањето на украдените пари во буџетот беше еден од главните изборни адути на оваа власт на изборите во 2016 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG