Достапни линкови

Стравот најголем противник на вакцинацијата


Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021
Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Околу 20 проценти од пријавените за вакцинација не се појавиле на закажаниот термин. Во меѓувреме на социјалните мрежи се води кампања против вакцините. Според матичните лекари, стравот е клучниот проблем, а надлежните порачуваат вакцинацијата е клучна во борбата против ковид-19.

Заинтересираност за вакцинација на официјалната веб страница од нејзиното пуштање во употреба досега покажале 134 501 граѓанин. Од средата кога започна масовната имунизација на населението на над 77 годишна возраст со вакцината на АстраЗенека, па досега, на веб страната се пријавиле само околу 17 илјади граѓани. Во меѓувреме некои од пријавените не се ни појавија на нивниот закажан термин.

Според претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова-Дервишова има повеќе причини зошто се уште нема поголем одѕив за вакцинацијата.

Д-р Чолакова Дервишова: Стравот кај луѓето за реакција од вакцините е голем
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:09 0:00
Директен линк

„Има неколку моменти. Има огромен број на луѓе кои што се настинати во моментов и кои чекаат да видат дали е корона или грип и настинка. Исто така, има голем број што си проверуваат антитела. Трети изричито сакаат Спутник. Значи не сакаат било која вакцина. Некако стравот кај луѓето да не се случи тромб и да не направат реакција е голем. Дел од луѓето велат па јас ќе чекам да видам други да се вакцинираат и како тие ќе поминат“, вели Чолакова-Дервишова.

Според неа, дел од повозрасната популација се премислила за вакцинацијата токму поради случајот со девојката која имаше здравствени проблеми по примањето на вакцината на АстраЗенека во Србија.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во пунктовите на веќе закажаните термини не се појавиле 20 отсто од пријавените лица за вакцинација.

„Многу е тешко сега да се каже дали тоа се должи на оваа дилема што се роди во однос на вакцината АстраЗенека иако ние продолжуваме соодветно препораките, а тоа е дека апсолутно нема никаква контраиндикација да се даде кај постари, повозрасни граѓани и тоа е таа категорија што сега се вакцинира по вакциналните пунктови. Тоа што беше внимателност на неколку национални агенции, еве Германија запре, а сега продолжува на пример за помлади лица после примена прва доза на АстраЗенека да се прими друга вакцина на пример Фајзер. Значи друг тип, а ние ќе го чекаме официјалниот став на Европската агенција за лекови, чиј што борд ќе заседава меѓу 7 и 9 април и согласно што и ние ќе постапиме“, рече Филипче.

Бројката на вакцинирани граѓани досега изнесува 12.052 во кои спаѓаат и здравствените работници. Вчера започна и вакцинацијата на вработените во критичната државна инфраструктура во спортската сала Борис Трајковски со Спутник В, донација од Србија. Вкупно 4000 вакцини ќе бидат издвоени за овие категории. Во критична инфраструктура се вработени во МВР, АРМ, новинари, вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП, пожаникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините.

Пет поенти за третиот ковид бран
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:53 0:00

Антиваксери

Додека едни се вакцинираат и чекаат термин, други на социјалните мрежи се противат на вакцинацијата.

„Абе луѓе не знаете ни сами што содржи таа вакцина. Младите ќе страдаат. Женскиот пол да се сопре и плодот да се шири, да се намалат и луѓето на земјата. Не дозволувајте децата да се вакцинираат. Зошто не се вакцинираат политичарите кои ја носат таа вакцина во нивната земја“.

„Кој ќе ја избере вакцината ќе ја избере смртта“.

„И сега јака им душа на тие што ја примија“.

„Ако сакате да останете живи и здрави не се вакцинирајте со ни една вакцина“.

„Јас не се вакцинирам.Млада сум да умрам“.

„Како заморчиња сме и пробуваат како ќе делува“.

Ова се дел од кометарите на таканаречените антиваксери. Против вакцините јавно својот став го имаат искажано и некои здравствени работници.

Чолакова-Дервишова вели дека од нејзините дискусии со пациентите, најголем проблем за нив не е негативната кампања, туку тие бараат искуство од вакцината.

„Ние немаме искуство. Никој не направи научна студија, бидејќи прв пат вакцините се употребуваат. И тоа е моментот кај што они се плашат. Ние како доктори сме вакцинирани и се што требало сме примени. Постарите вести слушаат, а многу држави кажуваат дека АстраЗенека ја откажале или ја запира вакцинацијата ос АстраЗенка и сето тоа си направи одредено влијание“, вели таа.

Граѓани за вакцинирањето во Македонија против Ковид 19
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:45 0:00

Претседателот на комисијата за заштита од заразни болести Жарко Караџовски порача дека вакцинацијата е клучна во борбата против ковид-19.

„Светот вели вакцинирај, вакцинирај, вакцинирај. Што добиваме ние со тоа. Кога ќе успееме да вакцинираме поголем процент од населението, посебно ризичното население бројот на заболени ќе се намали“, рече тој.

Чолакова- Дервишова додава дека е потребно и телефонско закажување на термини за вакцинација, бидејќи така ќе се олесни процесот и на матичните лекари, а проблем е и тоа што преку веб страната за вакцинација се бара заинтересираните да внесат мејлови, иако повозрасните воопшто немаат.

Министерот Филипче порача дека нема никакви проблеми со вакцинацијата на постари граѓани. Според него, само двајца граѓани при вакцинација во салата Борис Трајковски имале состојба на лесна клиничка слика со колапс кој не се доведува во врска со вакцинацијата. Филипче додаде и дека девојката која имаше појава на тромбоза во окото по вакцинацијата со АстраЗенека во Србија, се чувствува добро и ќе биде пуштена на домашно лекување.

Најновата анкета на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ покажува дека половина од граѓаните со резерва гледаат кон вакцинацијата. Според анкетата, најмногу им веруваат на вакцините на Фајзер и Спутник, а за вакцината на АстраЗенека има доверба кај три отсто од испитаните.

Во земјава досега пристигнаа 24 илјади вакцини на АстраЗенека, потоа 8190 вакцини од производителот Фајзер и 20 илјади Спутник В кои беа донација од Србија, како и 6000 вакцини Спутник В од Русија кои беа наменети за здравствените работници.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG