Достапни линкови

Пандемија - ќе станат ли приватните болници достапни и за оние со потенок џеб?


Орка и Аџибадем Систина

РСЕ побара одговори од Министерството за здравство дали се размислува дел од трошоците за лекување на заболени од ковид во приватно здравство да се надоместуваат од државата поради кризната состојба? Од таму, без детали, ни потврдија дека ќе разговараaт со приватните болници.

Од избувнувањето на пандемијата на корона вирусот во земјава помина една година, а толку време е воочливо дека граѓани кои издвојуваат пари за здравствено осигурување се лекуваат во приватни клиники. Причините се комплексни - од немањето кревет повеќе до квалитетот на услугите. Роднини на заболените на социјалните мрежи објавуваат повици за парична помош и солидарно собирање пари од граѓани за да се платат високите трошоци во приватни болници.

Засега нема информации дали и на кој начин државатата ќе овозможи поповолни шанси за лекување на сите пациенти.

Промени на здравствените политики поради пандемијата деновиве побара претседателот на државата Стево Пендаровски кој ги повика приватните здравствени установи да ја разгледаат можноста услугите да ги направат подостапни за болните од Ковид 19 и да се откажат од дел од профитот.

Пендаровски: Благодарност за Србија за вакцините, но тоа е срам за Македонија

Радио Слободна Европа се обиде да добие коментар во врска со апелот на претседателот Пендаровски од Клиничката Болница "Аџибадем Систина" и од Клиничката болница "Жан Митрев", но одговор до овој момент не добивме.

На очигледниот проблем со нееднаквост во пристапот до здравствена заштита за РСЕ укажува и доктор Јордан Савевски, професор на Медицинскиот факултет во Скопје, поранешен декан на Медицинскиот факултет и директор на трауматолошкото одделени во приватната клиничка болница "Аџибадем Систина".

Професорот Јордан Савевски нагласува дека во време на кризна состојба потребно е да се најде заеднички јазик во здравството, дополнувајќи дека не е во ред да може да се лекуваат во приватниот здравствен систем само тие што имаат да платат. Не е добро пациенти кои се на кислородна поддршка, да чекаат да се соберат пари за аванс, за да им се продолжи натамошното лекување, вели тој.

"Приватните болници се дел од законот за здравство, но приватниот капитал е нивни. Ако сме исти во тоа, тогаш не треба да има разлика меѓу приватните и јавните болници кога станува збор за кризни состојби. Кога треба да се реши некоја криза би требало да има некаков сооднос на плаќањето. Да не биде да се лекува во приватно само тој кој има пари. Другата патологија како што се тумори, или други заболувања, за тоа има таков лек и во јавното здравство, и секој има право да побара да се лекува на друго место, и тоа во ред, но сега кога е криза, кога нема кревет, би требало да има некоја нова политика, да не излезе дека може да се лекуваат во приватно здравство само тие што имаат да платат, во тој случај не сме под исти закон", вели професорот Јордан Савевски.

Владата одлучи да прогласи кризна состојба на 20 ноември лани, а подоцна собранието изгласа таа да трае до 30 јуни 2021 година.

Со оглед дека се уште е на сила кризната состојба, РСЕ побара одговори од Министерството за здравство, дали се размислува и има ли можност дел од трошоците за лекување на заболени од ковид во приватно здравство да се надоместуваат од државата. Од таму ни кажаа дека ќе имаат разговори со приватните болници, а за детали ќе треба да се почека.

"Средба со приватните болници ќе биде остварена во текот на наредните денови, за заклучоците од состанокот јавноста ќе биде навремено информирана", стои во одговорот од министерството.

Во меѓувреме, дел од граѓаните, особено од Скопје, реагираат и дека во државните болници не може да најдат место за пациент со Ковид 19, но од Министерството постојано повторуваат дека има слободни кревети и дека ниту еден пациент не е вратен.

Инаку, во изминатиов период се наведуваше дека еден болнички ден за пациенти заразени со ковид 19 во некои од приватните клиники чини 36.000 денари со вклучени оперативни трошоци, но оти има и болници и со повисоки цена за болнички ден. На социјалните мрежи во кои се бара помош за лекување во приватна болница се споменуваат аванси од неколку илјади евра, а дека подолго лекување од Ковид достигнува и до 20.000 евра.

Негодувања во јавноста имаше и за цените на молекуларните тестови за ковид-19 чија висина варира во текот на пандемијата, а во одреден период на приватно достигнаа и цена од 2.000 до 4.000 денари. Претставници од приватни болници одговорноста ја пренасочуваа кон Фондот за здравствено осигурување, прашувајќи зошто тие не учествуваат во плаќањето на тестовите.

Ништо од идејата Хотелот Ибис да биде инфективно одделение

Министерството за здравство и трите најголеми приватни болници, „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“, лани во ноември се договорија да соработуваат во борбата против ковид-19. Тогаш беше најавено дека за кратко време старата гинеколошка болница на „Систина“, поранешна „Мала богородица“, ќе биде пренаменета во инфективно одделение каде ќе може да се лекуваат 100 пациенти. Според здравствените власти лекувањето требаше да биде бесплатно, на трошок на државата, а за пациентите да се грижи лекарски тим од трите приватни болници.

Постигнат договор меѓу приватните болници и Министерството за здравство

РСЕ побара одговори од министерството до каде е пренамената на старата гинеколошка болница на „Систина“, поранешна „Мала богородица“, во инфективно одделение.

Но, по се изгледа од оваа замисла не остана ништо - од минстерството ни одговорија дека засега не е потребно да се активира тој капацитет.

"Здравствениот систем добро се менаџира, болничките капацитети за прием на ковид пацинети за разлика од ноември лани се зголемени за 50%, а зголемена е и потребата од хоспитализација на пациенти што бара сериозен пристап и координација која успешно се менаџира. Стотина кревети дополнително се подготвуваат и во секој момент доколу е потребно може да се стават на располагање за прием на ковид болни во Скопје. Со отворањето на модуларните болници обезбедени се дополнителни 650 болнички кревети низ државата за лекување Ковид пацинети, од таа причина засега не е потребно да се активира тој капацитет", се вели во одговорот од министерството за здравство.

Од таму дополнуваат дека ,исто така, нема потреба и од ангажирање на персонал од приватните болници во битката против пандемијата, наведувајќи дека се спроведува ротација на кадарот со лекари и медицински пероснал.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 130.022, бројката на оздравени пациенти е 106.979, на починати е 3.781, а бројот на активни случаи изнесува 19.262.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG