Достапни линкови

Со топ моделот Елена Реи за суетите во модниот свет


Фотографија од едиторијал на Елена Реи (во средината)

На македонската манекенка со светска слава, Елена Трајановска ака Елена Реи, интернационалните модни писти ѝ се добро познат терен. Па така и суетата која владее меѓу модните големци.

Десетгодишната соработка на Трајановска со дел од најпознатите модни дизајнери ѝ покажала дека и меѓу најголемите има приземјени, но тука се и оние полни со его. „Лекција“ за второто била средбата со славниот Џорџо Армани.

„Суетата во модните кругови е нешто сосема нормално. Има премногу егоцентрични дизајнери и оние кои се приземјени секако. Од тоа што можам да се сетам е во Милано, пред околу девет години, кога бев во можност да се запознаам со Џорџо Армани. Дојде неговиот тим заедно со него и се запознававме, девојка од тимот ми се обрати - Елена, ова е Џорџо Армани- јас само климнав со главата како океј и тој се навреди што не изреагирав никако поинаку и си замина за три минути“, изјави Елена Реи за РСЕ.

За да може да се справи со различни ситуации и карактери ѝ помогнало и тоа што уште на петнаесет годишна возраст била соочена со предизвикот сама да се снајде среде Милано како модна метропола. Сега 25-годишната Елена, да може да испие кафе со својата 15-годишната верзија би ѝ рекла дека се гордее со нејзината сила.

„Би ѝ кажала дека сум горда на неа, покрај сите предизвици од тоа време, без смартфони, гугл мапа успеала да се снајде сама во Милано, па и Париз, како обичен турист со мапа во рака да успее да стигне до сите кастизи, сликања, ревии и никогаш да не потклекне кога и било тешко, секогаш со фокус на целта која ја зацртала. Да, таа Елена не била толку јака не би постоела Елена денес“, додаде успешниот модел.

Елена Реи
Елена Реи

Според топ моделот, за младите луѓе со големи цели кои се мислат дали да се осмелат на некој крупен чекор, важна е поддршката од најблиските, но ако тоа го нема, најважно е прво да се најде силата во себе.

„Силата доаѓа од себе и поддршката од најблиските. Има моменти кога и најблиските не ја даваат поддршката што ни е потребна за некој крупен чекор, па тогаш останува да се потпреме самите на себе, доколку нешто силно посакуваме и веруваме во тоа нема зошто стравот да ни стои на патот. На крајот на денот подобро е да се проба, отколку цел живот да се прашуваме што ќе беше“, истакна Трајановска.

„Имам трема кога чекорам по домашна писта“

Чекорењето по странска писта е посебно важна и голема задача, но настапот на домашна, си носи понаква одговорност.

„Дефинитивно да, имам трема секој пат кога чекорам по домашната писта бидејки очекувањата од мене се преголеми поради сè што имам постигнато, и никогаш не ми е сеедно и не би сакала да не ги достигнам очекувањата од домашните дизајнери“, додава Елена.

Ако некогаш се случи да стави потпис на своја колекција, прво лице на нејзината ревија би била нејзината најдобра другарка, манекенката Елена Гугоска.

Елена Гугоска и Елена Трајановска
Елена Гугоска и Елена Трајановска

Убавото македонско девојче Елена Реи кое може да се пофали со фактот дека беше ексклузивно лице за Келвин Клајн, дел од кампања за Черути, Барбери, Масимо Дути, Блу Грл, Ла Мер, Шисеидо, Сефора, Вог ја истакна како еден од топ моделите за сезоната 2016. Нејзина матична агенција останува македонската Моделс Ин, а фокусот и понатаму е кон светскиот моден терен.

На активната Елена, пандемијата ѝ ги зема ангажманите, но и донесе слободно време на претек кое го посветува на работа на односот со родителите и пријателите, поминувајќи многу време со нив, а тоа нешто кое претходно поради бројните обврски не можела да си го дозволи. Периодов е посветена на едукација во областа на дигиталниот маркетинг, работи на помали модни проекти во регионот и чека стабилизација на пандемијата за повторно да дојдат на ред оние големите.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG