Достапни линкови

Младите македонски истражувачи се надеваат на големи промени


Илустрација, млада истражувачка
Илустрација, млада истражувачка

Ако иднината им припаѓа на младите, би било супер да се верува дека таа останува во добри раце. Младите македонски истражувачи влеваат надеж дека тоа ќе се случи.

Од Државниот натпревар на млади истражувачи во применети природни и технички науки, двајца талентирани кумановски средношколци си заминаа со прва награда.

Проектите на Марио Анѓеловиќ и Гала Арсовска од Средното техничко училиште „Наце Буѓони“ од Куманово, се истакнаа како едни од најдобрите помеѓу 220 конкуренти кои оваа година, поради пандемиските услови, „силите ги мереа“ онлајн.

Марио Анѓеловиќ
Марио Анѓеловиќ


Петнаесет годишниот Марио кој заслужи прво место во категоријата - автоматика и роботика е инспириран од начинот на кој роботите можат да го сменат секојдневието.


„Најмногу ме привлече тоа што поголем дел од работите кои ги извршуваат луѓе сега може да ги извршат роботите. Со контрола од страна на човекот, а притоа да се добие брза и ефективна работа“, изјави Анѓеловиќ за РСЕ.


3Д принтерите се во фокусот на младиот истражувач кој посетувал курс за 3Д печатење, па оттаму ја добил и идејата за проектот.


„Јас се претставив со проектот „ Мини CNC машина за цртање и пишување”. Во проектот опфатив изработка на машината, односно нејзините составни делови, а држачот на машината го изработив со 3D принтер односно користејќи софтвер (Cura) и апликација (TINKERCAD) во која го креирав држачот, а принтањето беше на 3д принтер“, додава средношколецот.


Гала Арсовска пак, како 17 годишна ученичка во здравствена струка, со проектот ,,Заштита на пчелите од паразити” ја споила хуманоста кон луѓето со онаа кон животните и природата воопшто.


„Проектот ми беше поврзан со пчелите односно нивната егзистенција. Самиот факт што нив може да ги снема поради паразитите претставува една закана за опстанокот на човештвото. Како медицински ученик обврзана сум да направам сè за да ги заштитам луѓето, односно љубовта кон медицината ме предизвика да ги зачувам пчелите“, изјави средношколката за РСЕ.

Гала Арсовска
Гала Арсовска

Љубовта кон екологијата ѝ помогнала да стигне до прво место во категоријата -агротехника. Младата кумановка има благородна цел.


„Се надевам дека ќе придонесам со тоа што ќе успеам природата да ја претставам како лек за сите живи суштества“, истакна Арсовска.

Младиот Марио има свој идол во светот на роботиката и автоматиката.


„Може да се каже дека мојот идол е Чарлс (Чак) Хал бидејќи тој ги открил 3Д принтерите кои се за мене многу интересни и занимливи“, истакна Анѓеловиќ.

Иднината има име

Средношколецот има конкретен план. Доколку во иднина конструира робот, тој нема да има име на човек.


„Тоа би било име кое би содржело 2 букви и 3 бројки. На пример: ES123“, вели Анѓеловиќ.

Иднината има и надеж, со млади истражувачи кои веруваат во големи цели. Натпреварот во организација на Сојузот на здруженијата на младите истражувачи „Народна техника“ ги собра младите истражувачи на едно место по 57. пат. До следното издание, пандемиско или регуларно, успехот на Марио и Гала нека биде инспирација повеќе за оние кои во меѓувреме ќе добијат добра идеја!

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG