Достапни линкови

Неспособност, политика или документација- третина училишта без поевтина струја


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Рокот за користење поевтина струја од декември по цена од 95 евра по мегават час наместо по 400, го пропуштија третина од училиштата во земјава. За министерот Бектеши причина е „неспособноста на тие што раководат со тие институции“. Оние што не аплицираа, се жалат на комплицирани постапки.

Тетовското основно училиште „Братство Миѓени“ е меѓу 165-те училишта во земјава кои не аплицираа за мерката за користење поевтина струја до крајот на април, односно додека трае кризната состојба во земјава.

Од вкупно 474 јавни основни и средни училишта, за снабдување со субвенционирана електрична енергија преку ЕСМ Продажба се пријавиле 309 училишта, кои од 1 декември користат поевтина струја, покажува статистиката на ЕСМ. Останатите, или воопшто не аплицирале, или имале нецелосна апликација.

Како што појаснува директорот на тетовското училиште, Риза Етеми, ним најголем проблем им била апликацијата, но и што да прават во меѓупериодот - откако ќе го стават во мирување договорот со сегашниот снабдувач Фјучр Енерџи преку кој добиваат струја, па се до моментот кога ќе бидат префрлени на поевтината струја од ЕСМ.

„Имаше некој линк од кој требаше да симнеме документи, и тие документи беа некако... немавме време за 2-3 дена да ги собереме. Тоа беше причината. Моментално ние имаме договор со еден оператор, преку тендер, и тој ни нуди 10% намалување на цената на фактурата. Во меѓувреме требаше да го ставиме во мирување договорот со сегашниот оператор и во таа пауза не знаевме по која цена ќе се снабдуваме со струја“, објаснува Етеми.

Училиштата струја добиваат на отворениот пазар. Тоа значи дека треба да склучат договор со снабдувач на струја, по цени кои зависат од берзанските. Но, откако почна руската воена инвазија во Украина, струјата на берзите неколкукратно поскапе, па училиштата, заедно со општините, фирмите и целото стопанство се соочија сериозен проблем при плаќањето на сметките.

Етеми уште во септември стравуваше како ќе биде зимава и бараше помош од државата, но сега вели дека штедењето струја во школото дало резултати, па смета дека ќе се снајдат со сметките. Сепак, додава, во консултација со општината, ќе размислат дали ќе аплицираат на вториот повик за поевтина струја од јануари.

„За нас како училишта е директно Влада да интервенира, не да не тера нас како училишта да аплицираме, бидејќи ние сме институции, не сме приватници“, додава тетовскиот директор.

Бектеши обвинува за неспособност

Ваквите постапки, предизвикаа негодување кај Министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој прстот го впери кон опозицијата, која на ланските локални избори ја освои власта во поголем дел од општините. Општините се надлежни и за училиштата на нивна територија, ама пари за нив добиваат преу блок-дотации од Министерството за образование. Бектеши ги искара, и причината за тоа што не аплицирале ја виде во како што рече, „ неспособноста на тие што раководат со тие институции“.

„Тие плаќаат цена 400 евра (за мегават час), плус маржа од 10%, тоа е 440 евра и ако ја споредиме со 95 евра, замисли каков трошок прават кон буџетот на општината и кон буџетот на Министерството за образование. Или тоа се прави намерно, или тие се толку неспособни“, изјави Бектеши во едно од своите последни медиумски обраќања, за „24 Анализа“.

Во Тетово навистина градоначалникот е од опозициската „БЕСА“, исто како и во голем дел од општините каде ниту едно училиште не се пријавило за мерката за поевтина струја. Всушност, според списокот кој го достави ЕСМ до РСЕ, такви се 24 од 80 општини, но повеќето од нив се помали места, како Вевчани, Конче или Центар Жупа. Но ниту едно училиште не е пријавено и во градови како Гостивар и Кратово, но и Валандово и Дојран чии двајца градоначналници на пример доаѓаат од редовите на владејачката СДСМ.

Назми Даути, раководител од Општина Тетово е револтиран од острите критики на Бектеши, но останува на ставот дека ќе почекаат.

„Ако дојдат големи фактури, ќе пробаме да аплицираме и на оваа мерка донесена од влада“, заклучува тој.

Откако во ноември не аплицираа поголем дел од училиштата и компаниите за кои беше предвидена мерката за поевтина струја почнувајќи од декември, од ЕСМ оставија можност за поднесување апликација секој месец.

Поевтината струја стигна во скопските училишта

Во Скопје пак состојбата е поразлична од онаа во Тетово, па најголем дел од училиштата веќе имаат склучено договори со ЕСМ за поевтината струја. Меѓу нив се средното училиште „Шаип Јусиф“ од Шуто Оризари и основното „Јан Амос Коменски“ од Карпош. Директорите и на двете училишта се согласни дека постапката одела лесно.

„Постапивме веднаш по објавување на повикот од страна на ЕСМ и за брзо време го склучивме договорот. Договорот од наша страна е на 10.11, а од нивна страна на 20.11. Тоа значи дека за десет дена сме завршиле работа“, вели Доан Сулејмановски, директорот на „Шаип Јусуф“.

Тој додава дека и претходно снабдувач на струја им бил ЕСМ, па немале никакви проблеми при префрлањето.

Директорката Маја Старова од „Јан Амос Коменски“ пак појаснува дека постапиле по одлуката на Советот на општина Карпош, да аплицираат за субвенциите.

„Немаше што, само отидовме и склучивме договор со ЕСМ. Не гледам зошто би бил тежок процесот“, вели Старова која очекува дека за декември ќе имаат барем за третина пониска сметка од предвиденото.

Владата се одлучи за оваа мерка по бројните критики дека училиштата добиваат астрономски сметки за струја, кои се очекуваше да растат со доаѓањето на зимата. Со неа се гарантира цена на струјата од 95 евра за мегават час, независно од тоа што се случува на берзите.

Ова, според Душица Перишиќ, од ЗЕЛС е позитивен чекор, но не и решение за долгогодишниот проблем со сметките за струја на училиштата.

„Ние во последните 10 години, перманентно бараме од сите влади, училиштата, бидејќи тие не се производни капацитети, не создаваат профит, сите да бидат ставени на таа струја за домаќинства, а не да им наплатуваат како да се приватни бизниси. Тоа беше прашање кое веќе 10 години, можеби и повеќе ние го ставаме на маса, во секој преговор на влада, и успеавме тоа да го направиме за градинките, на пример. А зошто не им дозволуваат на училиштата такво нешто и ден денес не ни е јасно“, укажува Перишиќ.

Но, и во овој дел работите не се едноставни. Колку повеќе субјекти се ставени на т.н. регулиран пазар на струја по примерот на домаќинствата, толку е поголема опасноста дека сметките за сите граѓани ќе растат.

Освен за училиштата, од 1 декември можност да користат поевтина струја добија водостопанствата и прехранбената индустрија за основни намирници.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG