Достапни линкови

Американски ацетон за македонски лепливи прсти


Илустрација
Илустрација

Тим од Вашингтон „ќе лови“ корумпирани функционери во Македонија. Граѓаните со поделени ставови – едни се радуваат, други не веруваат дека ќе има вистинска борба против корупцијата, а трети велат дека штом друг ни ги решава проблемите, не сме ни држава.

Од радост и воодушевување, сеир и очекување апсанџиско реално шоу до умереност во очекувањата и скепса за намерите се движат реакциите на јавноста по најавата на новата американска амбасадорка Анџела Агелер дека тим од Вашингтон „ќе лови“ корумпирани функционери во Македонија.

Амбасадорката Агелер завчера на Твитер објави дека „тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани чинители“.

Американската амбасадорка во неколку наврати ја посочи корупцијата како еден од најголемите проблеми за развој на земјата. Заменик помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Балканот, Габриел Ескобар најави дека се предвидуваат санкции за корумпирани официјални лица од Балканот кои ќе бидат тргнати од одговорните позиции. САД во април веќе ги ставија поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на „црната листа“.

Едни велат кога не можеме сами, барем некој да ја потсреди државата.

Други не веруваат дека проблемот со корупцијата ќе се реши со странска помош.

Трети сметаат дека додека сам не си го изметеш дворот, не треба да очекуваш некој друг да го направи тоа за себе.

Четврти, пак, се сомневаат дека се бараат корумпирани функционери за да се обезбеди мнозинство за уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот. Ваков сомнеж јавно изрази и претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

Кога се менуваше името, Власта обезбеди амнестија за неколку пратеници од опозицијата со сериозни обвиненија за и тие да гласаат за уставните измени.

Некои, пак, коментираат дека ако дошло до тоа странци да ти ги решаваат проблемите, тоа значи дека не си ни држава.

Оние кои се доживуваат како Оливер Твист во канџите на криминалниот Лондон во средината на 19 век, во Американците го гледаа добриот Господин Браунлоу.

Американската амбасадорка претходно изрази збунетост од изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Во јавноста излегоа информации и фотографии за блискост на Абази до функционери на ДУИ.

Агелер веќе се сретна со премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Дел од граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека новата американска амбасадорка веќе почнала „да става ред“.

Германската амбасадорка Анке Холштајн пред неколку дена истакна дека напредокот на Македонија на патот кон Европската унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата.

„И тоа не се однесува само на политичарите, туку и на сите луѓе кои треба да сфатат дека кога ќе заминат на лекар дека не треба да остават некоја банкнота во неговиот мантил, или пак наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок од ученикот за 8 Март за да има подобра оценка“, рече таа.

Сепак, таа нејзина изјава наиде на реакции дека ставањето во ист кош на 200 грама кафе и милионските провизии од тендери е релативизирање на проблемот.

Во кампањата против корупцијата се вклучи и Холандската амбасада.

Македонските власти се согласуваат дека корупцијата е голем проблем и уверуваат дека кај нив има волја за борба против корупцијата. Граѓаните коментираат дека политичарите се однесуваат како критиките секогаш да се за некој друг.

Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, пред неколку дена изјави дека „нема предмет за корупција кој е завршен“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG