Достапни линкови

Меѓународната критикува, власта уверува дека борбата против корупцијата е главен приоритет


илустрација

Во борбата против корупцијата Владата им стои на располагање на сите надлежни институции доколку побараат унапредување на некој закон или стручен мониторинг од надворешни експерти, уверува премиерот Димитар Ковачевски, по низата критики дека државата има сериозен проблем со корупцијата. Поранешниот член на Антикорупциската комисија Драган Малиновски е убеден дека ниту една мерка против корупцијата нема да биде успешна, доколку нема политичка волја

Преку обезбедување непречена работа на институциите, внимавање на интегритетот и професионалноста на оние кои ги водат институциите и политичка волја, Владата ќе се бори против корупцијата, откако во последниот период беше мета на гласни критики од претставниците на Меѓународната заедница.

Најпрво изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција кој има лични познанства со челниците на ДУИ, ја збуни американската амбасадорка Ангела Агелер, бидејќи како што рече „САД потрошија милиони долари на обука на обвинители“ во правосудниот систем. Набрзо потоа реагираше и евромбасадорот Дејвид Гир кој побара професионалност во институциите во случајот со доделувањето на македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко, кој се наоѓа на црната листа на САД.

Димовски: Го најдовме виновникот, јас не чувствувам одговорност за државјанството за Онишченко

Премиерот Димитар Ковачевски признава дека вели дека откако ги решиле најкрупните прашања во земјава, борбата против корупцијата и унапредувањето на владеењето на правото остануваат најважните проблеми на кои како што вели, се посветени. Во таа насока посочи неколку мерки кои ги преземаат:

„Она што е надлежност на Владата е да обезбеди независно функционирање на сите истражни, обвинителски и судски органи во државата, а тоа го правиме преку обезбедување на независен буџет. Второ преку изработка на закони со кои се уредува таа област кои се усогласени со ЕУ, дел од тие закони се веќе донесени, а дел се блокирани поради блокадата на опозицијата. И трето многу важно е неселективниот пристап кон корупцијата. Во изминатите десет месеци мене не можевте да ме видите во улога да бранам некој функционер за кој постои сомневање дека направиле злоупотреба“, изјави Ковачевски.

Секој мора да го даде својот придонес во борбата против корупцијата, апелира премиерот и уверува дека Владата им стои на располагање на судската и обвинителската власт доколку истите сметаат дека треба да се унапреди некој закон или дека е потребен стручен мониторинг за унапредување на работата во борбата против корупцијата.

„ Доколку е потребен стручен мониторинг за унапредување на работата Владата им стои на располагање да побара и странска помош, експертска помош која би била донесена и физички да да присуствува тука во државата и јас сум 100 проценти на располагање за таква помош“, вели Ковачевски.

Во април 2021 година, Парламентот ја усвои Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси 2021-2025 година и поврзаниот акционен план. Токму со оваа стратегија која била донесена во време кога тој беше министер, задолжен за борба против корупцијата се пофали и актуелниот министер за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Николовски.

„Нема да се сложам дека ништо не е направено или дека малку е направено. Оставивме силен белег и продолжуваат токму тие политики и тие реформи од страна на Владата. Ние сме тука да обезбедиме буџет и услови за надлежните институции и да имаме скок во меѓународните извештаи. Не дека тоа е доволно, уште многу треба да се работи и борбата против корупцијата останува главен приоритет“, изјави Николовски.

Јавни набавки, вработување во јавен сектор, политички систем, правосудство и органи за спроведување на законот се петте клучни и основни сектори во кои е детектиран висок ризик од корупција, покажува Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

По ланскиот најлош резултат и 111 место на листата за перцепција на корупцијата, годинава Македонија напредуваше за 24 места. Според извештајот на Транспаренси интернешнал, годинава, Македонија е рангирана на 87-место од 180 држави во светот со 39 индексни поени. Најдобар резултат во изминатата деценија Македонија имаше во 2014 година, кога со 45 индексни поени беше рангирана на 64 место во светот.

Во последниот извештај на ЕУ за напредокот на Северна Македонија, се наведува дека земјава има одредено ниво на подготовка односно дека е умерено подготвена во превенција и борба против корупцијата. Во извештајот се вели дека е постигнат е одреден напредок, бидејќи земјата продолжила да го консолидира својот учинок за истрага, гонење и судење на неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво и ја зајакнала својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Малиновски: Во борбата против корупцијата нема компромиси

Се започнува и завршува со политичката волја, вели поранешниот член на Државната комисија за спречување на корупцијата, адвокатот Драган Малиновски. Од моментот кога седнувате во владата и правите коалиции, ако уште од тогаш има индиции за непринципиелни договарања или компромиси, јасно е дека не може да постигнете резултати во борбата против корупцијата, вели Малиновски.

„Ако корупцијата ја дефинираме како антипод на владеењето на правото, тогаш треба да видиме дали тоа што ни се случува секојдневно во судница е на линија на владеење на правото. Секојдневни скандали ни се случуваат. Критиките од странските амбасадори досега очигледно не ги слушавме, но мислам дека ќе мораме да почнеме да слушаме. Можеби не сум пресреќен што тоа го правиме под притисок на надворешен фактор, но во недостаток на внатрешна волја да се справиме со корупцијата, добро е да постои и надворешен притисок,“ изјави Малиновски.

Новата американска амбасадорка Ангела Агелер неодамна упати остри критики по изборот на новиот шеф на ОЈО за организиран кримитал Ислам Абази, а веднаш по неа и евроамбасадорот Дејвид Гир изрази разочараност од брзината на прогресот во владеењето на правото.

Тој рече дека „ЕУ и нејзините земји членки инвестираа голема сума на техничка експертиза и финансиска помош во областа на владеењето на правото, вклучително и кај обвинителите“ и дека очекуваат има резултати од таа помош. Тој побара да има судии и обвинители кои се професионални и независни, кои работат со интегритет, ослободени од политички влијанија или финансиски поттик, и оттука да има доверба во судството, обвинителството и во владеењето на правото, генерално.

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, на настан посветен на евроатлантската иднина на регионов, деновиве потсети дека САД ќе преземат чекори да ги казнат корумпираните функционери од Балканот за да се тргнат од одговорните позиции.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи по овие најави рече дека наредните години се години на расчистување конечно со корупцијата на сите можни нивоа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG