Достапни линкови

Смртните случаи од корона отворија дилеми за пропусти во болничкото работење?


Амбулантно возило пред здравствен дом во Битола

Извештајот на Лекарската комора за еден од смртните случаи како последица на ковид-19 покажа дека пациентката била лекувана согласно протоколите, но се препорача и промена на работата во болницата. Дали со тоа всушност се укажа на пропустите во лекувањето на пациентите за време на ковид кризата?

Извештајот на Лекарската комора за првиот од девете смртни случаи како последица на ковид-19 за кои се врши надзор, иако покажа дека пациентката биле лекувана согласно протоколите, ги отвори дилемите за пропустите во работењето на болниците.

Извештајот се однесува на смртта на 41 годишна жена кој предизвика реакции во јавноста откако нејзината ќерка се пожали дека мајка и навремено не добивала кислород во болницата во Штип. За токму тој случај Комисијата на лекарската комора го заврши надзорот и своите видувања ги испрати на адресата на Министерството за здравство.

Комисијата иако донесе одлука дека докторите и медиционскиот персонал си ја завршил својата работа во конкретниот случај, сепак излезе со препораки дека треба да се направат одредени технички и организациски промени во болницата во Штип.

Во извештајот, како што посочија од Министерството за здравство, се наведува дека не се нотирало време на менување на кислородни боци и периодот кога се алармира за промена на боците од другиот медицински персонал и сугерирано е дека е потребно да се воспостави подобра телефонска комуникација, потешките пациенти да бидат сконцентрирани во неколку простории и блиску до персоналот за да бидат под постојан надзор.

Поранешниот претседател на Лекарската комора, пензионираниот доктор Владимир Борозанов вели дека проблемот потекнува од минатото кога болницата во Штип била прогласена за клиничка болница иако не ги запазува стандардите, а вината тој сега ја гледа во организацијата и менаџментот.

„Системот е проблем. Не сакам да ги бранам докторите, но не може за се да биде медицинскиот персонал крив. И кога треба и кога не треба. Ова е работа на менаџментот и проблемот е во менаџирањето со објектите во јавното здравство“, вели Борозанов.

Дополнително, според него, ретко која болница во државата има кислород во сите соби. Од Министерството за здравство посочуваат дека се разгледува извештајот и препораките наведени во него, по што како што велат ќе известат за следните чекори.

Дали со извештајот се укажува дека болницата не работела како што се очекува, микробиологот Никола Пановски вели дека преку еден случај не може да се покаже како е лекувањето во болниците.

„Не можам да коментирам бидејќи не го знаеме протоколот на лекување, а за другото нема потреба од инспекција, жената немала контакт со перосналот и со саати молела за кислород. Тоа е јасно и без инспекција дека не е како што треба. За еден случај не може да кажете како е лекувањето во болниците. Тоа треба да се направи од стручно тело секаде, а не да се прави од случај на случај“, вели Пановски.

Тој додава дека одлуката на комисијата е очекувана, бидејќи со години не утврдила лекарска грешка.

„Точно не изненадува воопшто. Вообичаено е во изминатите 30 години“, порачува Пановски.

Ќерката на пациентката, Михаела Довичинска на социјалните мрежи за извештајот реагираше дека требало да ја загуби мајка и за да се донесе заклучок дека тешките случаеви треба да бидат под постојан надзор и дека нејзиното семејство и да сака да тужи, било советувано дека тешко ќе го добие случајот.

„Вакви случаеви се скоро невозможни за докажување баш заради тоа што се наоѓаме на дното, баш заради тоа што живееме во пропадната држава, со пропаднат и здравствен и правен и секаков систем“, напиша таа на Фејсбук.

Воедно се чека епилогот за стручниот надзор и за другите смртни случаи. Откако ќе биде изготвен извештајот, Лекарската комора има рок од 8 дена да ги испрати своите сознанија до министерството.

Македонија последниов период е седма во светот по бројката на смртни случаи. Највисоката бројка на 46 починати во земјава беше забележана на 9 декември. Најмногу од нив се од Скопје, а највисока смртност во однос на заболени има во Крушево.

Во меѓувреме на листата пред Македонија се искачија и две земји од регионот БиХ и Словенија. Додека во првите пет земји на листата се Сан Марино, Белгија, Италија и Перу.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG