Достапни линкови

Кризната состојба делумно корисна, владата бара нова до идното лето


Илустрација- модуларна монтажна болница за лекување на заболени од Ковид-19 во Скопје

На 19 декември ќе помине еден месец откако Советот за безбедност препорача воведување на кризна состојба поради пандемијата со коронавирусот. Во Собранието, пак, веќе е стигнат владиниот предлог за продолжување на кризната состојба до 30 јуни 2021 година. Што направи владата досега?

Војската да може да се вклучи во помагање на здравствениот систем и државата да може да управува со капацитетите на приватните болници- ова беа двете главни причини поради кои на 19 ноември Советот за безбедност кој се состана кај претседателот Стево Пендаровски одлучи да предложи воведување на кризна состојба на територијата на цела држава. Тогаш владата тоа и го стори, па следниот ден, на 20 ноември прогласи кризна состојба. Но според Законот за управување со кризи, владата тоа може да го стори само еднаш во времетрање од 30 дена, а потоа мора да одлучува Собранието.

Таму, пак, веќе е стигната владината предлог одлука за продолжување на кризната состојба до 30 јуни 2021 година, а на неа се потпишани како предлагачи пет министри- Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Венко Филипче, Бујар Османи и Благој Бочварски.

Во предлог одлуката на Владата која денеска е на седницата на законодавно-правната комисија се споменува потребата армијата да продолжи да помага во обезбедувањето на ковид центрите, но не се споменува државното управување со приватните болници, една од причините за кризната состојба која беше истакната по Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски.

Како се искористи кризната состојба досега?

Армијата веќе е на терен па околу 200 војници според информациите од пред десетина дена се ангажирани во поддршка на полицијата за обезбедување на објектите согласно потребите на Министерството за здравство.

Дополнително 12 лекари и 20 медицински сестри од Воено-медицинскиот центар странаа дел од медицинскиот персонал во ковид-одделенијата на интерните клиники во Скопје. Армијата даде и пет болнички возила и уште две кои дополнително се користат за други градови за транспорт на пациенти на Министерството за здравство како помош за справување со ковид пандемијата.

Микробиолот, доктор Никола Пановски за Радио Слободна Европа вели дека добро е што војската е на располагање и помага, особено и медицинскиот воен персонал и дека логично е кризната состојба да се продолжи. Но, тој додава, дека гледајќи ги работите од страна, досегашната кризна состојба не дала некаков ефект за битката со коронавирусот, туку дека овој месец претежно поминал во подготовки.

  • „Ниту приватните клиники почнаа да работат, ниту пак гледам кој е ефектот што војската што ги чува ковид центрите“, - Никола Пановски.
    Гладни за воздух

Инаку, во моментот, кога падна одлуката да се бара воведување на кризна состојба дневниот број на заразени беше 1405, а на починати 21. Како што се објаснуваше и тогаш, во владината одлука за прогласување на кризна состојба, а и сега во предлог одлуката доставена до Собранието, кризната состојба е потребна заради „заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија“ и „заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението“. Недели по воведувањето, бројките на новозаразени речиси секој ден се над 1000, а на починати и рекордни, во средата 46 за едно деноноќие.

Се уште се бара решение за приватните клиники

Една од причините за прогласување на кризна состојба беше и во недостиг на држaвни капацитети за зголемениот број заразени со ковид19 кои имаат потреба од болничко лекување државата да може да ги користи капацитетите на трите приватни клиники- Систина, Ремедика и Жан Митрев.

Законот за управување со кризи предвидува во случај на кризна состојба да можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. Поконкретно, по барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот за управување со кризи или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.

По прогласувањето министерот Филипче на средбата со сопствениците на трите клиники рече дека договориле стариот објект на Систина, а сегашен хотел да стане ковид центар со сто кревети, а во него да работи медицински кадар од трите установи.

Тогаш на 22 ноевмри најавата беше дека центарот ќе биде ставен во употребата до крајот на таа недела, но тој се уште не функционира поради правни нејаснотии. Последно директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов рече дека се работи на формално-правна техникалија за потпишување на нацрт-договорот на Министерството за здравство и приватните клиники.

И претседателот незадоволен

Професор Пановски вели дека не му е јасно што се случува оти како што вели тој гледал „многу работи кои не се правно издржани, но се терале во интерес на здравјето“.

„Државата дозволува приватните клиники да работат со баснословни цени, не знам како е тоа правно, велат дека било правно, иако се работи за епидемија, државата сама дозволува да одат луѓето да се лекуваат приватно, што според мене не треба да биде правно дозволено, е сега дали било правно за приватниот ковид центар? Тоа треба побрзо да биде. И сто кревети не се некоја којзнае колкава бројка за толку муабети што се прават, мислам дека тие драстично не ја менуваат состојбата“, вели Пановски.

Инаку, деновиве и претседателот Стево Пендаровски во телевизиско гостување рече дека не е задоволен од тоа како функционира целиот кризен менаџмент. Тој нагласи дека на половина од кризната состојба се уште не се направени интерни внатрешни процедури, споменувајќи ги Центарот за управување со кризи, Дирекција за спасување, па и како што рече Министерство за здравство. Претседателот додаде дека кога се ова ќе завршело ќе побарал анализа за сите пропусти што се случиле.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG