Достапни линкови

Дали Западен Балкан ќе „извиси“ во 2021 за имунизација на население во трката со богатите земји


Илустрација

Богатите земји набавиле повеќе од што им е потребно од вакцините против ковид -19 со што имунизацијата во сиромашните земји како Западен Балкан ќе ја одложи за една година, пишуваат светските медиуми. Македонските власти смируваа, вакцините преку Ковакс ќе пристигнат на почетокот на 2021 година.

Западен Балкан може да „извиси“ за вакцините догодина, па имунизацијата на населението во овие држави да се одвива дури во 2022 година, е тврдењето на британскиот Економист. Оваа претпоставка Економист ја претстави во твит со инфографика која ја разбранува јавноста поради мапата на земји и распоредот на имунизацијата. Во него се посочува дека богатите земји ќе го имунизираат населението во текот на следната година додека посиромашните како Западен Балкан ќе почекаат до 2022 година. Според нивната анализа ќе се имунизира населението во САД и западноеврвопските земји во период од септември 2021 до јуни 2022 година а потоа на ранг листата следуваат Западен Балкан, Украина и Молдавија каде имунизацијата ќе трае во цела 2022 година. Во црвената зона спаѓаат африканските држави.

Македонските власти смируваат

Од министерството за здравство на прашањето каква гаранција добиле дека првата транша од обезбедените 400 илјади вакцини ќе стигне во земјава до март месец, како што најави министерот за здравство, ни одговорија дека Ковакс системот преку кој аплицираше и Македонија овозможува еднаков пристап до вакцините на сите земји кои аплицирале во тој систем.

„Тоа значи дека кога ќе стигнат првите количини вакцини, практично во исто време тие ќе бидат еднакво дистрибуирани во соодветен процент според населението на земјите. Вакцините во земјава ќе стигнуваат согласно планот за дистрибуција кој ќе го одреди Ковакс, а испораката ќе биде истовремено во сите 127 земји, како и земјите од регионот Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и дел од Србија. Првата испорака на вакцини се очекуваат во првите месеци од 2021 година“, се вели во одговорот од Министерството за здравство на прашањата дали постои ризик земјава дека нема да „извиси“ за вакцините во 2021 година.

Од друга страна, од министерството за здравство не одговорија на прашањето колку вкупно вакцини ќе брои првата транша според најавата дека вакцините кои ќе пристигнуваат преку Ковакс механизмот ќе ги добиваме во етапи. Владата ја утврди банкарската гаранција за да потврди дека ќе биде исплатена целата сума за набавка на вакцината против КОВИД-19 и го плати авансот за ковид вакцината.

За оваа теза дека економската разлика меѓу земјите во светот ќе се почуствува и во процесот на вакцинација во изминативе неколку дена пишуваа и други светски медиуми повикувајќи се на соопштение на Алијансата „Вакцина за народот“. Во него е посочено дека речиси 70 земји кои имаат понизок економски стандард ќе може да вакцинираат еден од десет луѓе. Во нивната анализа е вкалкулирано и ветувањето на Окфорд- АстраЗенека дека ќе обезбеди 64 проценти од своите дози за земјите во развој. Нивната теза е дека богатите земји купиле три пати повеќе од потребните дози за вакцинирање во 2021 година. Канада е на врвот на листата со набавени вакцини за секој Канаѓанец да се вакцинира пет пати. Нивните податоци покажуват дека богатите нации кои се 14 проценти од вкупната светска популација купиле досега 53 проценти од најперспективните вакцини досега.

Нема јасна временска рамка на Балкан кога ќе стигнат вакцините за ковид

Европската комисија пак најави дека ќе се залага вишокот на вакцините кои ги набавале земјите членки на ЕУ ќе бидат поделени со државите од Западен Балкан. Портпаролот на Комисијата Ерик Мамер додаде дека се уште не е познато кога тоа ќе се случи, бидејќи во моментот ниту ЕУ не знае кога ќе бидат достапни вакцините и со кое темпо ќе се распределуваат.

„Нашата јасна намера е да ги охрабриме земјите-членки вишокот вакцини да го поделат со земјите од Западен Балкан и другите соседи и тоа да се организира во еден европски процес,“ посочи Мамер.

Во меѓувреме, Европската комисија веќе обезбеди голем број дози на вакцини кои ќе ги надминат потребите во рамките на ЕУ, така што се очекува непосредните соседи на земјите-членки на ЕУ да бидат први по Европејците кои ќе имаат корист од овие вакцини.

Вакцините ќе бидат испратени во регионот преку два канала: првиот е COVAX, кој им овозможува на земјите со високи примања да овозможат вакцината да биде достапна за земјите со низок и среден приход, како и преку одделни земји-членки кои можат да имаат вишок вакцини.

Ковид 19: Кога ќе има вакцини за сите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

Професорката на Фармацевскиот факултет и претседателка на националниот комитет за имунизација Александра Грозданова во интервју за Радио Слободна Европа неодамна објасни дека вакцините во земјава ќе пристигнуваат во етапи и според тоа ќе се одредува кој кога ќе се вакцинира, според приливот на вакцините.

„ Со Ковакс механизмот нашата држава обезбедува иницијално , само во првиот момент количини за 20 проценти од популацијата. Во однос на персоналот согласно анализите што ги правиме дали ќе биде потребно да се вклучат и други наши колеги во процесот на имунизација, но треба да имаме в предвид дека самиот процес нема да се одвива во еден наврат. Овие 400 илјади количина нема да ги добиеме одденаш туку тоа ќе биде со одредена динамика и токму врз база на тој дефиниран план на активности ќе се прави и прераспределба на вакцините и ангажирање на колеги“ изјави Грозданова.

Во САД стартуваше вакцинирањето против ковид -19 со одобреаната вакцина на Фајзер и бионтек. Британија, Канада, Мексико, Саудиска Арабија и Бахреин веќе ја одобрија вакцината. Други одобрувања, вклучително и од Европската унија се очекуваат во наредните недели. Во меѓувреме се очекува и вакцината на компанијата Модерна да се стави во оптег за имунизацијата на населението. Дел од западните европски земји веќе стартуваа со вакцинирање на населението.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG