Достапни линкови

Теориите на заговор и ковид 19 на Балканот


илустрација

Истражувањето кое во октомври го спроведе Советодавната група за јавна политика на Балаканот и Европа (BiEPAG) покажува дека теориите на заговор поврзани со пандемјата го поткопуваат јавното здравство, ја намалуваат довербата во институциите и претставуваат закана за демократијата во регионот

Теориите на заговор не се нови, но нивната поголема видливост и подготвеност илјадници луѓе да излезат на улица, придонесе до тоа ним да им се посвети поголемо внимание. Исто како и остатокот од светот и регионот на Западен Балкан силно го погодија теориите на заговор, сомневањата во јавните политики и падот на довербата во институциите во контекст на пандемијата со КОВИД-19. Особено е голем обемот и интензитетот на таквите теории, па со тоа и нивното влијание, се наведува во истражувањето кое во октомври го спроведе Советодавната група за јавна политика на Балаканот и Европа (BiEPAG) .

И додека во поголемиот дел од Европа, во теории на заговор во однос на коронавирусот верува една четвртина до една третина од населението, повеќе од 75% од испитаниците во регионот, веруваат во една или во повеќе од шесте теории на заговор за коронавирусот. На овие бројки значително не влијаат образованието, возраста или полот на испитаниците. Наместо тоа, во некои земји постои геополитичка матрица, според која поддршката за теориите на заговор често се совпаѓа со поддршката или сомневањата насочени кон Соединетите Држави или Кина. Најподложни на теорииите на заговор се сметаат припадниците на етничките малцинства, ранливите групи и оние кои имаат нарушена доверба во институциите.

Според Советодавната група за јавна политика на Балаканот и Европа, постои директна врска помеѓу поддршката за теориите на заговор и скептицизмот во врска со вакцинацијата. Низ целиот регион, повеќето луѓе не планираат да ја примат вакцината кога ќе стане достапна, што е далеку помал број во споредба со добиените податоци во Европа, каде што повеќето сè уште сакаат да ја примат вакцината. Затоа, теориите на заговор претставуваат ризик за јавното здравје во Западен Балкан, тие дополнително ја намалуваат довербата во институциите и државите и промовираат популистички поглед на светот што го нарушува демократскиот развој на регионот. Општо гледано, теориите на заговор се хранат и се шират преку радикална и антидемократска политика. Исто така, нив ги потенцираат поединците кои ја отфрлаат науката, како на пример вакцините и другите конвенционални лекови и совети.

Теориите на заговор наоѓаат плодна почва во регионот на Западен Балкан, се наведува во истражувањето. Институциите се кревки и недоверливи, а постои и предисторија на теории кои се намножиле во текот на 90-тите години. Теориите на заговор што се појавија и на Балканот и во другите делови на светот се засноваат на концептот „непријатели, односно други кои постојано работат против нас“, а со крајна цел уништување на сопствената нација и идентитет. Притоа, скоро секогаш непријателот е обвинет за соработка со таканаречените „домашни предавници“.

За време на распадот на Југославија и војната што следуваше, теориите на заговор добија нова димензија. Сите, за тоа што им се случуваше ги обвинуваа другите и сите најдоа по една надворешна сила што ги поддржува нивните непријатели. На тој начин сложените и тешко прифатливи минато и сегашност стануваат полесни за толкување и прифаќање. Медиумите и водечките политичари од Западен Балкан продолжуваат да ги шират теориите на заговор.

5Г мрежата - За што служи и има ли причина за грижа?

Се појавија бројни теории поврзани со коронавирусот, така што тие самите се како еден вид вирус кој се прошири глобално низ светот. Сепак, не се сите теории на заговор исти. Некои содржат елементи на вистина, односно тие би можеле да бидат вистинити, но не се докажани до денес. Меѓу теориите на заговор што се испитани во рамките на регионалното истражување на јавното мислење, најмалку неверојатна теорија е онаа со која се тврди дека вирусот избегал од лабораторијата во Вухан, т.е. вирусот постоел подолго отколку што јавноста знаеше и дека Кина го криела неговото потекло. Помалку е веројатна е торијата која тврди дека кинеската влада го створила коронавирусот во лабораторија и дека затоа тој е дизајниран, a не е од природно потекло. Нема докази за потврда на ова тврдење, иако многу индикации сугерираат дека станува збор за вирус кој природно еволуирал. Останатите четири теории на заговор кои се широко распространети се многу поекстремни, како на пример теоријата која тврди дека вирусот го проширила фармацевтската индустрија, дека американската влада го направи вирусот како биолошко оружје, дека е поврзано со 5G технологија и што е најневеројатната теорија дека е проширен за Бил Гејтс да може да го чипира населението преку вакцина.

Глобално гледано, прифатеноста на теориите на заговор е голема. Но сепак бројките се неверојатно високи во Западен Балкан. Од шесте најраспространети теории кои се откриени на глобално ниво, три имаат повеќе од половина од поддршката на населението. Тоа се имено оние кои тврдат дека кинеската влада го направила вирусот во лаборатории, оние во кои е вклучена фармацевтската индустрија за неговото ширење и теоријата дека вирусот избегал од лабораторијата во Вухан.

Земја со најголем број на луѓе кои поддржуваат теории на заговор во Западен Балкан е Албанија, каде што сите теории, без разлика колку се контрадикторни, имаат повеќе поддржувачи од оние кои не веруваат во нив. Она што е интересен факт од истражувањето е тоа дека ниту степенот на образование, ниту младоста, не претставуваат јасна заштита од веувањето во заговори И додека во неки случаи степенот на образвание е тесно поврзан со верувањата во заговори, за Западниот Балкан не постои таков образец. Па така на пример, во Косово 47% од испитаниците со завршено високо образование сметаат дека фармацевтската индустрија ја шири инфекцијата, во споредба со само 22,2% од оние со основно образование кои исто така веруваат во таа теорија. Ова само укажува дека теориите на заговор се длабоко вкоренети во сите слоеви на општеството.
Слично на тоа, етничките малцински групи во Црна Гора (Срби, Албанци и муслимани/Бошњаците) и во Северна Македонија (Албанците) се многу понаклонети да веруваат во теории на заговор од мнозинските етнички групи во тие земји.

Се чини дека овие резултати покажуваат дека припадниците на малцинската заедница која се чувствува обесправена од страна на нејзината влада, или има помала доверба во владата, се повеќе наклонети кон теориите на заговор насочени против себе. Поради тоа се смета дека иако геополитика може да игра улога, внатрешната динамика во градење доверба помеѓу владата и граѓаните би можело да претставува подобра призма за објаснување на ставовите на социјалните и етничките групи во регионот кон теориите на заговор.

Конечно, поддршката за теориите на заговор е значително поприсутна кај евроскептиците отколку меѓу поборниците за интеграција во ЕУ. Па така 60,6% од оние кои кои се противат на членството во ЕУ имаат силни ставови во прилог на една од теориите на заговор, наспроти 48,9% од еврофилите, или разликата е од скоро 12%.

Последици од теориите на заговор

Верувањето во теориите на заговор не е само ексцентрично убедување на неколку аутсајдери, тоа во контекст на пандемијата со КОВИД-19, се заканува да предизвика последици за јавно здравје. Повеќе студии покажуваат дека е малку веројатно дека луѓе кои веруваат во теории на заговор ќе се вакцинираат откако вакцината ќе стане достапна. Степен на подготвеност на граѓаните од Западен Балкан да ја примаат вакцината, во времето на спроведување на ова истражување (октомври 2020 година) е многу понизок од степенот на подготвеност во другите европски земји. Па така на прашањето дали би ја примиле вакцината против ковид кога таа ќе стане достапна, дури 53, 4 проценти од испитаниците во земјите од регионот одговориле дека сигурно или најверојатно нема да се вакцинираат. Во Северна Македонија дури 48,7 се изјасниле дека нема да се вакцинираат, додека 34, 7 рекле дека ќе се вакцинираат.

Податоците од истиот период покажуваат дека оваа подготвеност во Германија е на ниво од 53, 11 отсто, во Австрија 45,12 отсто и во Франција 54,13 проценти. Што се однесува до одделни земји на Западен Балкан стапките се највисоки во Црна Гора, каде што 44,8% од населението би примило вакцина. Во сите други земји, повеќето одбиваат вакцинација, од кои повеќе од една третина е цврсто уврена во таквиот став. Како и на други места и на Балканот, постои силна корелација помеѓу верувањето во теориите на заговор и отфрлањето на вакцините.

Но, тоа што може да се извлече како заклучок од истражувањето е дека покрај јавното здравство, теориите на заговор ги поткопуваат и довербата во државата и рационалното и научно поткрепено донесување на политички одлуки.
Овие теории не само што се закануваат да ја загрозат ефикасната борба против пандемијата, тие претставуваат и закана за демократијата во регионот. Високиот степен на прифаќање на теориите на заговор се совпаѓа со зголемените барања за владеење со железна тупаница и падот на демократијата, што само создава плодна почва за понатамошен колапс на демократија и појавата на антагонизам.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG