Достапни линкови

Теориите на заговор ги поткопуваат ковид вакцините


илустрација

Светската здравствена организација проценува дека за да се создаде колективен имунитет потребно е да се вакцинира 70% од населението. Но ако продолжат да се шират теориите на заговор за вакцините, малку луѓе ќе се вакцинираат, а инфекциите со коронавирус ќе продолжат.

Како што некои земји започнаа да ги пуштаат во употреба вакцините против ковид 19, здравствените власти се загрижени дека неоснованите теории на заговор и анти-ваксерските кампањи на интернет можат да ги поткопаат напорите за вакцинација на популацијата против коронавирусот. Неодамнешното истражување на Ројтерс / Ипос на почетокот на декември покажа дека околу една третина од американските мажи не се подготвени да примат вакцина против ковид-19, а социјалните медиуми ги здружија силите за справување со штетните митови за вакцините.

На улиците на Лондон стотици луѓе протестираа против ограничувањата за да се спречи ширењето на коронавирусот. Протестот на 28 ми ноември се случи на околу една недела пред британската влада да започне кампања за вакцинирање на старите лица и здравствените работници со вакцината против ковид 19 произведена од компаниите Фајзер и Бионтек.

„Врати си ја слободата“! „Врати си ја слободата!"

„Не се согласуваме! Не се согласуваме и сме против каков било план за вакцинирање на населението“.

„Тука сум, не сакам да се вакцинирам. Сакам да бидам слободен. Сакам да го живеам својот живот. Пандемијата е измама “, велат дел од демонстрантите.

Но, пандемијата не е никаква измама. Глобалното ширење на пандемијата со КОВИД-19 и огромниот број на жртви се многу реални и добро документирани од здравствените власти ширум светот. Но, поплавата од теории на заговор и дезинформации на социјалните мрежи го разгоре скептицизмот во јавноста за вакцините. Неодамнешното истражување на јавното мислење во Велика Британија покажа дека повеќе од една третина од Британците веројатно нема да ја примат вакцината.

„Она што го откриваме е дека во екот на пандемијата теориите на заговор станале меинстрим и дека тие не се повеќе ограничени“, вели доктор Даниел Фриман, професор по клиничка психологија на Универзитетот Оксфорд.

На 8 декември, откако Маргарет Кинан стана првата личност во Велика Британија и во светот што ја прими вакцината против ковид 19, на социјалните мрежи се појавија лажни објави кои тврдат дека таа е т.н. „актер во криза“ и оти настанот бил исцениран. Неоснованото тврдење веднаш беше отфрлено.

Том Филипс, уредник за проверка на факти вели дека интернет просторот и социјалните мрежи овозможуваат ширење на спорните теории со невидена брзина.

„Она што исто така го видовме е дека интернет просторот обезбедува навистина плодна средина за различни теории на заговор што веќе постоеја за да се спојат околу пандемијата. Па видовме веќе постоечки верувања против вакцинацијата. Видовме веќе постоечки грижи околу 5Г технологијата. Видовме постоечки теории на заговор за нови заговори за светскиот поредок. Сето ова се спои и сите тие се соединија затоа што одеднаш сите зборуваат за еден настан во вестите и интернет просторот им дава можност да се вкрстуваат едни со други “, вели Филипс.

Во октомври, Велика Британија ја обвини Русија за водење кампања со дезинформации за да се наруши довербата на јавноста во вакцините за коронавирус од западните земји. Руските медиуми лажно тврдеа дека вакцината на АстраЗенека од Оксфорд ќе ги претвори луѓето во мајмуни.
Велика Британија соопшти дека таквата кампања била насочена кон правење меѓународни пазари за руската вакцина Спутник-В, која беше одобрена во земјава и покрај нецелосните клинички испитувања.

"Гласините и лажните информации за време на пандемијата не се ништо ново. Го видовме тоа со векови. Тоа е навистина природен човечки импулс. Она што го направи технологијата е што им овозможи да се шират далеку побрзо и интернационално на прилично невиден начин досега“, додава Филипс.

Социјалните мрежи велат дека го решаваат проблемот. Фејсбук, Јутјуб на Гугл и Тик Ток ги отстрануваат контроверзните тврдења за вакцините за ковид-19 и се справуваат со предизвикот на лажни информации, но не е јасно дали тие ќе можат да држат чекор со цунамито од дезинформации на социјалните медиуми. Твитер соопшти дека сè уште работи на својата политика. Фејсбук ги отстрани страниците на некои од најголемите групи против вакцинацијата.

Без вакцини нема колективен имунитет

Но, дивите и неосновани обвинувања за заговор тешко може да се отстранат откако ќе навлезат во јавната свест. Неодамнешна анкета на Ројтерс / Ипос покажа дека околу една третина од американските мажи не биле подготвени да се вакцинираат против КОВИД-19. Некои пак продолжуваат да веруваат во невистините кои го обвинуваат коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс дека сака да вгради микрочипови кај луѓето или радикално да ја намали глобалната популација. Продолжувањето на ваквите лаги предизвикува смртоносни последици и ги загрижува американските здравствени власти.

„Генерално, Западна Вирџинија добро се снаоѓа со вакцините. Сепак, кога станува збор за ковид 19, забележав голем отпор и многу озборувања и некако се се поврзува со политика и одредени прашања, за разлика од другите случаи кои сум ги видел во историјата, сипаници, заушки, рубеола, такви работи “, вели Енџи Сетл, извршен директор во „Вест Вирџинија Хелт“.

Поплавата од дезинформации за вакцините и пандемијата доаѓа откако Соединетите Држави го поминаа прагот од 300.000 смртни случаи од коронавирус. Во светски рамки, повеќе од 1,6 милиони луѓе починаа. Лажните теории на заговор што се шират за вирусот и вакцината се особено разочарувачки за здравствените работници кои се на првата линија.

„Се чувствуваме сами, отуѓени и слушаме како луѓето не не поддржуваат или не сочувствуваат со нас и велат дека сме учествувале во некој заговор, тоа е неверојатно болно “, вели доктор Миријан Торозијан, лекар во Медицински центар во Калифорнија.

Светската здравствена организација проценува дека за да се создаде колективен имунитет потребно е да се вакцинира 70% од населението. Во спротивно ако премногу малку луѓе се вакцинираат, инфекции со коронавирус ќе продолжат.

„Ако имаме ефективна вакцина од 95 проценти и само 40 до 50 проценти од луѓето во општеството се вакцинираат, ќе потрае доста време да се дојде до тоа ниво на таканаречен „имунитет на стадо“ што ќе не заштити доволно, така што јас и ти би се чувствувале пријатно кога излегувате надвор и велите дека нивото на вирус е толку ниско, што не претставува закана за никого“, вели доктор Ентони Фаучи, директор на Американскиот Национален Институт за алергии и заразни болести.

Со развојот, а сега веќе и дистрибуцијата на вакцините за ковид 19, медицината понуди надеж, но дезинформациите и ерозијата на широко распространета јавна поддршка можат да го направат крајот на пандемијата уште попредизвикувачки отколку што веќе е.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG