Достапни линкови

Сиромашни сме, ама храна за фрлање имаме


илустрација

Иако Македонија е сиромашна земја, нивото на фрлена храна е како кај развиените земји, покажува Извештајот за индексот на фрлена храна на ОН. Од невладината „Банка за храна“ велат дека сè додека законски не се регулира оваа област, а во услови на енергетска криза, ќе има сè помалку храна за оние на кои им е најпотребна.

Секој поединец во земјава во просек фрла околу 83 килограми храна годишно, покажува Извештајот за индексот на фрлена храна на Обединетите Нации. Ова ниво на фрлена храна е исклучително високо и е на ниво на развиените земји, односно ние спаѓаме во првата половина на земјите во Европа по количеството на фрлена храна, коментираат упатените.

Во услови кога се зголемуваат цените и се најавува тешка енергетска зима, очекувањата се дека храната ќе биде се поскапа и се понедостапна за граѓаните. Активистот за социјална правда Здравко Савески вели дека фрлањето храна не е само фрлање на храна, туку фрлање пари и непочитување на трудот на работниците кои ја произвеле таа храна.

„Луѓето треба да внимаваат повеќе околу храната што ја купуваат, односно да не купуваат повеќе од тоа што им треба, па после да ја фрлаат храната во канта откако ќе помине рокот. И второ треба секогаш да внимаваат на роковите, така што порационално трошење во услови на инфлација е секогаш добар совет“, вели Савески.

Во Македонија не постои законска рамка која го регулира фрлањето храна и нејзиното дистрибуирање на оние на кои им е потребна. Нацрт верзија постои, но таа никогаш не стигна до законодавниот дом, велат од организацијата Банка за храна.

Претседателот на невладината „Банка за храна“, Душко Христов објаснува дека од почетокот на кризата бројот на повици на граѓаните кои бараат храна од нив, се зголемил за две третини. Неговата организација месечно обезбедува по 150 пакети за социјално ранливи категории семејства во општините Центар и Кавадарци, а соработува со дваесетина компании кои донираат вишок храна во Банката. Пакетите главно содржат готови производи или конзервирана храна со определен рок на употреба. Но, по порастот на цените на горивата, дел од фирмите веќе почнале да се откажуваат од дистрибуцијата на храната до Банката.

„Со почетокот на кризата со зголемување на цената на енергесите и процесот на производство, бројот на тие компании соработници се намали. Еве на пример минатата година во мај кога набавувавме храна, брашното го плаќавме 18 д 20 денари. Сега брашното е 65 денари. Значи и самите дистрибутери велат дека нивниот обем на работа е намален за 40 до 50 проценти, вели Христов.

Вишоците храна од семејни и свадбени прослави или од оброците во градиниките, училиштата, болниците и др.институции вообичаено не се донираат во Банката вели Христов, оти за тоа треба да има соодветни прибори за чување на храната за кои Банката нема доволно средства да ги купи.

„Да имаме таква можност да земеме вишок храна од кетеринзи од свадби, па дури и од погреби. Во времето на пандемијата на пример, луѓето планирале повеќе луѓе за погреб, а дошле многу малку, и им остануваа многу порции. Ни се јавуваа попови или пак луѓе кои изгубиле свој близок на кои од погребот им останало многу храна, се јавуваа и ја нудеа таа храна. Но упатството, вели дека таквата храна што се зема така во рок од 2 до 3 саати треба да се изеде“, додава Христов.

Од компанијата „Далма“ која се занимава со угостителски услуги и организација на кетеринг велат дека во просек месечно им остануваат од 1 до 2 проценти вишок храна. Андреа Атанасовска од оваа групација објаснува зошто тој вишок го фрлаат.

„Бидејќи кај нас нема законска регулатива за донирањето храна ние ја фрламе. Сега ако ја однесете храната на донација во Банка за храна, реално ние како компанија не може да знаеме во какви услови се чува, кога се јаде, како се дели таа храна и сл. а целата одговорност е на компанијата. Тоа е еден голем проблем кој може да заврши негативно за нас, без разлика што се држиме по сите пропишани стандарди. Затоа храната што е вишок ја фрламе. Само заради фактот дека нема законска регулатива по која може да се водиме“, вели Андреа Атанасовска од компанијата „Далма“.

Според извештајот на Европскиот парламент за намалување на отпадот и зголемување на безбедноста на храната, до 2030 година државите треба да ја преполоват количината на исфрлена храна. Ситуацијата е неповолна речиси во сите држави, а и во Европската унија, каде што, според Евростат, околу 23 проценти од населението е изложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, додека во исто време се фрлаат околу 88 милиони тони храна.

Сиромаштијата ќе се продлабочува, вишок храна сè помалку ќе има

Речиси 48 милиони луѓе, според Обединетите нации, се соочуваат со вонредни нивоа на глад и тоа доведува до акутна неухранетост, глад, па дури и смрт. Околу 70 милиони луѓе се турнати во сиромаштија само од март поради она што се случува во Украина во однос на недостигот на храна и прекините на снабдувањето за овие земји. Проценките на ОН се дека околу 200 милиони луѓе во 53 земји се соочуваат со акутна несигурност на храна.

Во април годинава ОН предупредија дека војната на Русија против Украина се заканува да ги уништи економиите на многу земји во развој кои сега се соочуваат со уште повисоки трошоци за храна и енергија и сè потешки финансиски услови.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика во Македонија, расте бројот на граѓани кои живеат во екстремна сиромаштија. Податоците на ДЗС покажуваат дека речиси 452 илјади граѓани живееле под прагот на сиромаштија во 2020 година во Северна Македонија.

Нашите соговорници очекуваат продлабочената сиромаштија да го намали количеството на храна што македонските граѓани го фрлаат. Од Банка за храна велат дека залихи храна која може да ја донираат на социјални семејства имаат за уште неколку месеци.

„Предвидувам дека во зимските месеци значаен дел од популацијата кои сега се со скромни примања, ќе влезат во „кошот“ на сиромашни луѓе. Дури ќе има моменти во кои можеби и ќе има што да купиш, ама ќе нема храна. Тоа е факт. Ќе се купува најевтиното, а очекувано е дека во вакви услови вишоци на храна нема да има“, уверува Христов.

Савески пак укажува и на потребата од зголемена свесност на граѓаните и поодговорно однесување кон храната.

„Веќе сме во фаза во која не може да ја игнорираме климатската криза, а фрлањето храна придонесува за зголемување на стакленичките гасови. Ова не смее да се игнорира и затоа треба да го дадеме својот придонес за намалување на тие гасови. И еден од начините тоа да го направиме е да се однесуваме поодговорно кон храната која не можеме повеќе да ја земаме „здраво за готово“, заклучува Савески.

Според некои проценки, се смета дека на глобално ниво, непотребно се фрла или губи околу една третина од храната произведена за човечка потрошувачка.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG