Достапни линкови

Светски парадокс - растечка глад при огромно производство храна


Илустрација: комион со отпад на депонија во Русија.

Фрлањето огромни количества храна додека истовремено милиони луѓе остануваат гладни е светски парадокс. Храната завршува на отпад, а производството ја уништува планетата. Тоа е скандалозно, велат поборниците за донирање на храната кои укажуваат дека тоа е поевтино, отколку храната да се уништува.

Темата за донирање храна е на врвот на агендата во Европа заедно со отпадот од храна, климатската криза и намалувањето на стакленичките гасови, бидејќи проценките покажуваат дека на континентот околу 88 милиони тони храна годишно завршуваат на отпад, вели претседателот на Европската федерација на банки за храна Жак Ванденшрик. Тој сепак посочува дека во Европа, но и на глобално ниво, има зголемена чувствителност во однос на донирањето и за отпадот од храна.

„Од 88 милиони тони храна кои на годишно ниво во Европа завршуваат на отпад или се загубени, ние можеме да повратиме 23 милиони тони храна. Од овие 23 милиони тони, банките за храна можат да повратат 780.000 тони храна, што е голема количество, но исто така бројките покажуваат колку повеќе можеме да направиме доколку имаме вистинско опкружување во кое ќе можеме да работиме: доколку имаме правилни закони и правилна култура да бидеме внимателни кон планетата и кон жителите“, вели Ванденшрик во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Инфографика 2018: Отпад од храна на глобално ниво.
Инфографика 2018: Отпад од храна на глобално ниво.

Банките за храна се организации кои прават акции во борбата против гладот и отпадот, во услови кога во Европа, според проценките, околу 35 милиони луѓе имаат потреба од помош за храна. Тие организираат обновување на вишоците храна, кои потоа се насочуваат кон луѓето на кои им е потребна, додека Европската федерација на банки за храна, каде што има 25 полноправни членки на европскиот континент, има улога да ги здружува банките за храна и да ги претставува пред меѓународните власти, како Европскиот парламент или Европската комисија, но и на глобално ниво во Обединетите нации.

Во Македонија, според проценките на граѓанските организации, околу 460.000 луѓе не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, а истовремено земјата е меѓу првите десет во светот по фрлање на храна. Моментално во тек е подготовка на Закон за донирање на вишоците на храна кој треба да овозможи олеснување на донирањето.

„Тоа што треба да го направиме како земја за да ги промениме овие страшни податоци, е тоа што го прави моментално „Сите Сити“, односно да се поврзат компаниите кои имаат вишоци храна и истото да го овозможуваат на граѓаните преку хуманитарните организации или други форми на донации, а од друга страна треба државата да направи посебни политики кои ќе стимулираат превенција на фрлањето на храна. За поздравување е тоа што државата почна да прави една национална стратегија“, вели Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија.“

„Ајде Македонија“ е дел од мрежата „Сите Сити“ во која се вклучени 31 граѓанска организација. Според Јосифовски, новиот Закон за донирање на вишоците на храна треба да обезбеди услови за развој на оваа област.

Да нема расипништво, храна ќе има за сите
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:07 0:00

Претседателот на Европската федерација на банки за храна Ванденшрик, кој деновиве беше во посета на Македонија, објаснува дека одредени земји во Европа имаат огромни количини храна која е достапна, но легислативата го блокира извозот или увозот, бидејќи не се задоволени одредени локални регулативи, но сепак додава дека во многу земји има еволуција на законите кои го олеснуваат донирањето.

Тој посочува дека економски е поевтино за компаниите, производителите и за малопродажниот сектор да ја донираат храната, отколку да ја уништуваат и во таа насока според него донирањето на вишоците храна има економска логика.

„Загубите на храната се скандал, тоа е срамно од социјална, економска и здравствена гледна точка. Едноставно е невозможно да продолжиме на овој начин, бидејќи ги уништуваме ресурсите на планетата поради тоа што произведуваме далеку повеќе храна за луѓето кои треба да се нахранат, а парадокс е од друга страна, бидејќи во Европа се уште има околу 35 милиони луѓе на им треба помош за храна, бидејќи се соочуваат со недостаток“, вели Ванденшрик.

Законот во Македонија се очекува да биде донесен до крајот на годинава, а граѓанските организации посочуваат оти е важно тој да биде функционален и да не го спречува донирањето храна.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG