Достапни линкови

Олеснувања за фирмите кои донираат вишоци на храна


Донации на вишок на храна. Извор: „Ајде Македонија“.

Во тек е подготовка на Закон за донирање на вишок на храна, во услови кога се проценува дека околу 460 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштија и не можат да обезбедат три оброци дневно, а Македонија е на врвот по фрлање на храна. Законот за првпат ќе ги дефинира правилата за донирањето.

Домаќинствата нема да бидат засегнати од новиот Закон за донирање на вишокот на храна кој треба да биде донесен за првпат, тој според граѓанските организации ќе ги опфаќа само правните лица кои храната ќе можат да ја донираат директно до крајните корисници, на пример до социјално загрозени граѓани или пак, до граѓански организации кои потоа ќе ја редистрибуираат донираната храна.

Од Владата деновиве соопштија дека на седница ја разгледувале информацијата за изготвување на Законот, а Собранието се очекува да го усвои до крајот на годинава.

Учесници во работните групи за изработка на законот велат дека во првичната верзија од текстот се зборува за даночни поттикнувања за кои ќе бидат користени одредби од Законот за донации и спонзорства, како и одредби од други закони во делот за безбедноста на храната, односно правилата и условите кои ќе треба да ги почитуваат компаниите и граѓанските организации.

Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија“ е еден од учесниците во работните групи. Минатата година неговата организација почна да го развива системот „Сите Сити“ за спасување на храна, односно наместо храната да се фрла во депониите тие од различни компании ја земаат и потоа ја пренасочуваат во центри за бездомници и народни кујни.

Специфичноста на оваа област бара внимателност, вели Јосифовски посочувајќи дека новиот закон не треба да содржи одредби со кои донирањето ќе се прекине. Тој укажува на одредени недостатоци во првичниот текст, односно дека во предлогот не се предвидени одредени финансиски импликации за поддршка на организациите кои ќе прават редистрибуција на вишоците на храна, како и тоа дека не поставува механизми за поддршка на вклучените страни во процесот.

„Изработката на таа верзија на законот во која ние учествувавме, е некоја минимална почетна верзија на закон којшто треба да даде рамка за да се овозможи развој на овој сектор. Мислам дека законот ќе претрпи измени додека помине низ различни министерства, одлуки на Владата и додека помине во Собрание, така што до крајот на годината ќе добиеме некоја верзија што мислам дека ќе треба дополнитено да ја коменитраме“, вели Јосифовски.

Официјалните статистички податоци во Македонија велат дека расте бројот на луѓе кои живеат под прагот на сиромаштијата. Според Државниот завод за статистика, во 2017 година 22.2 отсто од населениоето биле сиромашни, за разлика од 2016 кога бројакта била 21.9 отсто.

Проценките на „Ајде Македонија“ се дека околу 460.000 луѓе во Македонија не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, а според организацијата земјата истовремено е на 10 место во светот по фрлање на храна.

Инфографика - Колку сме сиромашни, а колку храна фрламе?
Инфографика - Колку сме сиромашни, а колку храна фрламе?

Јосифовски вели дека бројката е добиена според официјалните податоци за примањата на четричлено семејство и цената на еден нутритивен оброк од оние кои ги дава Министерството за труд и социјална политика согласно програмата за народни кујни.

„Според тоа можевме да видиме дека доколку граѓаните, сакајќи да ги задоволат основните потреби, на пример за домување, здравствена заштита, образование итн, ако тоа се стави во парични единици може да види дека членовите на тоа семејство дефинитивно не може да ги имаат сите нутритивни оброци во текот на еден ден“, вели Јосифовски.

Проценките се дека во Македонија годишно се фрлаат илјадници тони храна, а дека вкупните вишоци храна достигнуваат до 100.000 тони годишно.

Од „Ајде Македонија“ посочуваат дека „промена мора да има“ бидејќи многу наши сограѓани не можат да си ги дозволат сите оброци дневно, а од друга страна илјадници тони безбедна храна завршува на отпад и депонии.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG