Достапни линкови

Ратко Младиќ правосилно осуден на доживотен затвор


Ратко Младиќ на изрекувањето на пресудата во судница во Хашкиот трибунал во Хаг

Воениот командант на војската на Република Српска, Ратко Младиќ е второстепено осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото, кршење на законите или воените обичаи за време на војната во БиХ во периодот 1992-1995 година.

Петчлениот Жалбен совет на Хашкиот Трибунал ја потврди првостепената пресуда против воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во ноември 2017 година, виновен за најсериозните воени злосторства за време на војната во БиХ, вклучително и геноцидот во Сребреница.

Судскиот совет ја потврди првостепената пресуда за ослободување на Ратко Младиќ за геноцид во шест општини во БИХ : Фоча, Власеница, Кључ, Сански Мост, Котор Варош и Приједор.

Неговата жалба против првостепената пресуда е одбиена. Исто така обиена е и жалбата на Обвинителството.

Судскиот совет утврди дека Младиќ ги извршил овие злосторства преку четири злосторнички потфати: трајно отстранување на босанските муслимани и босански Хрвати од одредени подрачјата во БиХ , ширење терор меѓу цивилното население преку кампања за гранатирање и снајперско делување, потоа елиминирање на босанските муслимани од Сребреница и држење во заложништво на членовите на ООН за да спречи НАТО да изврши воздушни напади врз воени цели на босанските Срби.

Денес 79-годишниот Младиќ е осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото, кршење на законите или обичаите на војување за време на војната во БиХ, која траеше од 1992 до крајот на 1995 година и во која околу 100.000 Босански државјани починаа.

Тој е прогласен за виновен за геноцид врз околу 8.000 Бошњаци во Сребреница, заштитената зона на Обединетите нации (ООН), летото 1995 година, прогон и присилен трансфер на Бошњаците и Хрватите низ БиХ, тероризирање цивили за време на опсадата на Сараево и држење на мировниците на ООН како заложници за време на бомбардирањето на НАТО во 1995 година.

Улогата на грчките доброволци во геноцидот во Сребреница

Хашкото обвинителство и одбраната на Младиќ поднесоа жалба на пресудата донесена на 22 ноември 2017 година. Постапката за жалба беше спроведена во август минатата година. Одбраната на Младиќ побара Жалбениот совет да ги поништи наодите на Судскиот совет и да донесе ослободителна пресуда или повторно судење или намалување на изречената казна.

Најбараниот бегалец од Хаг, кој се криеше од правдата скоро 16 години, беше уапсен во Србија на 26 мај 2011 година и екстрадиран во Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг шест дена подоцна. Младиќ се наоѓа во притвор во Шевенинген од 31 мај 2011 година.

Првото обвинение против него беше поднесено на 24 јули 1995 година, а обвинението беше изменето неколкупати до 2011 година. За време на судењето, кое започна на 16 мај 2012 година и траеше 530 дена, беа повикани 592 сведоци и беа презентирани околу 10.000 докази. Судот зеде предвид и 2.000 пресудени факти.

Во јули 1995 година, за време на војната во Босна и Херцеговина, во Сребреница, град на истокот од земјата, имаше 42.000 жители, од кои 36.000 беа бегалци, кои почнаа да пристигнуваат во Сребреница во 1992 година од околните села и градови. За само неколку дена, повеќе од 8.000 мажи и момчиња Бошњаци од 13 градови ќе бидат однесени, затворени и потоа убиени. Над 25.000 жени, деца и стари лица се протерани од претходно прогласената „заштитена зона“ на Обединетите Нации.

По 26 години завршува последното судење за геноцид на територијата на БиХ пред судот на Обединетите нации за поранешна Југославија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG