Достапни линкови

Караџиќ, осуденикот од Хаг, сè уште ја дели Босна

update

Крај на судењето на Караџиќ, но не и на поделеноста во Босна
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:10 0:00

Крај на судењето на Караџиќ, но не и на поделеноста во Босна

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал, денеска, по три години жалбена постапка, ја отфрли жалбата на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ кој беше осуден на 40 години затвор за геноцид и воени злосторства и му ја зголеми казната на доживотен затвор. Тој сè уште ја дели Босна и Херцеговина. Вдовиците од масакрот во Сребреница се надеваат дека тој до крајот на животот ќе остане во затвор, додека босанските Срби му оддадоа признание со студентски дом со негово име.

73-годишниот Караџиќ беше осуден за геноцид за масовните убиства во Сребреница, во кои повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња беа убиени од српските сили, како и други злосторства, вклучувајќи ја и опсадата на Сараево, во која загинаа 11.000 луѓе.

Сепак, меѓу Србите, кои сочинуваат една третина од 3 ипол милиони жители на Босна, Караџиќ сé уште се слави како еден од хероите - заедно со поранешниот српски воен лидер Ратко Младиќ - за кои веруваат дека помогнале во спасот на нивната заедница во текот на меѓуетничката војна.

Во Пале, град источно од Сараево, упориштето на Караџиќ за време на конфликтот, локалните власти поставија универзитетски дом со негово име, само четири дена пред неговата прва пресуда во Хаг.

58-годишниот ветеран Јанко Шешлија, смета дека судењата во Хаг се фалсификувани.

„Невозможно е да се бориме со светот, на крајот на краиштата сите големи сили едноставно му наложиле на судот, преку свои разузнавачки служби, дека мора така да заврши пресудата. Тоа е смешно, не е добро и не праведно“.

Српскиот ентитет во Босна го отфрли широко прифатениот извештај од 2004 година, кој детално го објаснува обемот на убиствата во Сребреница.

Пресудата за Караџиќ значи и крај на процесот кој почна пред 10 години, кога поетот и психијатар Караџиќ, беше пронајден во Белград каде што се криеше под маската на самопрогласен исцелител.

Но, времето не доведе до какво било поголемо помирување меѓу етничките групи што се судрија во војната во Босна.

Муслиманите, Србите и Хрватите продолжуваат да живеат главно во своите енклави, а нивните лидери се држат на власт со поттикнување страв и со зацврстување на поделбите.

Момчило Крајишник, кој се сметаше за „десна рака“ на Караџиќ за време на конфликтот и доби 20-годишна затворска казна за воени злосторства, сé уште го брани својот поранешен лидер.

„Го познавав Радован Караџиќ и работев со него. Сигурен сум дека не сакал војна и дека не е одговорен за почетокот на војната. Тоа е мое мислење и така мислат и Србите“.

Но, сеќавањата за војната сé уште се сурови за вдовиците како Бида и Васва Смајловиќ, чии сопрузи беа меѓу убиените во Сребреница.

„Нашата тага и страдањата што ги минав без Исмет толку години никој не може да ги намали. Па сепак подобро е да го казнат што повеќе“.

66-годишната Бида Смајловиќ преку солзи, посочувајќи на редови на гробови крај Сребреница вели: „Втора, трета, четврта, дури и петта генерација се унишени. Нема луѓе. Сега ние тука што живееме, ние сме живи, ние сме живи суштества, ама едноставно во се сме мртви“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG