Достапни линкови

Адвокатите тврдат дека Младиќ е ментално неспособен за судење


Поранешниот командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, денеска пред Хашкиот суд

Адвокатот на поранешниот командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, денеска пред Хашкиот суд рече дека неговиот клиент е ментално неспособен да учествува во жалбената постапка за неговата доживотна казна затвор за геноцид. Младиќ ја обжали пресудата од 2017 година кога беше осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства во војната во поранешна Југославија, вклучително и за геноцидот во Сребреница во 1995 година, кога беше убиени околу 8000 муслимански мажи и момчиња.

Адвокатот Драган Иветиќ рече дека не може да добие упатства од неговиот клиент и не е уверен дека тој е во состојба да ја следи постапката, што делумно се одржува преку видео-врска поради мерките за заштита од коронавирусот. Тој побара вештачење на состојбата на Младиќ. Неговите адвокати минатиот месец рекоа дека поранешниот генерал можеби има деменција во рана фаза.

Дводневното сослушување кое почна денеска продолжи и покрај забелешките на Иветиќ. Младиќ на судењето изгледаше изнемоштено. На почетокот носеше маска, потоа ја симна под носот, а потоа целосно ја извади.

Младиќ беше уапсен во 2011 година по неколкугодишно бегство.

Младиќ утре ќе може да му се обрати на судот 10 минути.

XS
SM
MD
LG