Достапни линкови

По најдобрата година, најслабо полугодие за странски инвестиции


Во мај и во јуни годинава странските инвестиции се во минус од 13 милиони евра, односно толку биле повлечени од Македонија. Лани во земјава влегоа рекордни 624 милиони евра странски инвестиции, а во првите шест месеци од годинава има само 55,6 милиони евра, што е најслаб резултат во изминатата деценија.

Во првата половина од годинава во Македонија влегле само 55,6 милиони евра странски директни инвестиции, што е најслабо прво полугодие во изминатата деценија. Минатата година, пак беше најдобрата година за привлекување странски инвестиции и во првото полугодие од 2018 година влегле скоро шест пати повеќе пари отколку годинава, односно 312 милиони евра.

Што се случи? Како по најдобрата година веднаш уследи најслабата година во привлекувањето инвестиции?

Опозицијата критикува за неспособност, власта вели дека инвестиции има, ама методологијата на Народната банка дава некомплетна слика. Бизнисмените, пак, велат дека странските инвеститори бараат владеење на правото за да имаат сигурност на вложените пари, а Македонија не може да се пофали на таа тема.

Земјава лани беше „доброто момче“ на Балканот, решавањето на споровите со Бугарија и со Грција, поканата за НАТО и откочувањето на евроинтеграциите го зголемија оптимизмот дека состојбите во Македонија се средуваат, велат бизнисмените. По решавањето на надворешните проблеми, работата запна со „домашната задача“. Реформите во судството се во ќорсокак, има проблеми со донесувањето на новиот Закон за јавно обвинителство, а последната афера Рекет само ја доурниса и онака ниската доверба во правосудниот систем.

Токму отворањето на аферата со рекетирање бизнисмени коинцидира со драстично намалување на странските инвестиции. Податоците на Народната банка покажуваат дека во мај и во јуни годинава земјава е во минус од 13 милиони евра, односно не само што не дошле инвестиции, туку и тие што се тука си ги повлекувале парите.

Во владата велат дека од почетокот на мандатот со реализација започнаа 20 проекти на странски компании во и надвор од технолошко индустриските развојни зони, а шест од нив веќе почнаа со работа и вработуваат 1100 луѓе. Кога ќе почнат со работа и другите, ќе се вработат над 5000 луѓе. Владата останува посветена на привлекување на реномирани светски познати и квалитетни странски компании, велат тие.

„Нивото на странски директни инвестиции во првиот и вториот квартал, односно во првата половина на 2019 година согласно методологијата на пресметка на НБРСМ, дава некомплетна слика кога станува збор за реализација на проекти на странските инвеститори“, велат во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Тие посочуваат дека и во извештајот на Народната банка како инвестиции на странски компании се наведени 234 милиони евра.

Тоа што вкупниот број е драстично помал од владата го објаснуваат со ненаплатени побарувања и позајмици за мајките-фирми во странство.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, критикува дека Македонија ја губи битката за привлекување на странски инвестиции, а економските политики на владата одат во прилог на соседните држави, каде што одат инвеститорите.

„Државата буквално стагнира. Показател за тоа е и сумата на странски директни инвестиции во вториот квартал од 2019 година, која изнесува очајни 7.6 милиони евра, во исто време кога во Србија имаме 1.7 милијарди евра инвестиции, во Словенија 561 милион евра, во Хрватска 273 милиони евра, во Бугарија 286 милиони евра“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

Според опозицијата, причина за намалувањето на инвестициите се политичката нестабилност, високата корупција и немањето владеење на право.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG