Достапни линкови

По Тупурковски и Груевски, и Заев најави милијарди евра за инвестиции


Васил Тупурковски, Никола Груевски, Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев најави инвестициски циклус од пет милијарди евра. Економистите се скептични со оглед на тоа што земјава не успева да ги реализира ни капиталните инвестиции што ги предвидела во буџетот. Тие потсетуваат дека сличните ветувања на Васил Тупурковски и Никола Груевски завршија неславно.

По милијардата на Васил Тупурковски и осумте милијарди на Никола Груевски, премиерот Зоран Заев сега ветува инвестициски циклус од пет милијарди евра. Првите две ветувања завршија неславно, а аналитичарите очекуваат иста судбина и за новото ветување на Заев. Дополнително што Заев ги најави инвестициите неопределено за во наредниот период, но ниту има конкретни планови и рокови, ниту објаснување од каде ќе се најдат тие пари и по кои услови.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека се работи за нереално ветување од пропагандистички цели. Се сеќавате дека слични ветувања имаа и Тупурковски и Груевски, вели тој.

„Ние не сме способни да ги вложиме нашите пари предвидени во годишниот буџет. Не е создадена правна држава. Каде е создадена таа атрактивна поволна клима да бидеме потенцијална локација за странски директни инвестиции“, вели тој.

Премиерот Зоран Заев пред неколку дена најави низа инфраструктурни проекти, со цел да се подигне конкурентноста на земјата.

„Следува инвестициски циклус од околу пет милијарди евра. Проектирани се една милијарда во патишта, над една милијарда во железница, над една милијарда во енергетика, со ХЦ Чебрен, со далекуводот кон Албанија и со гасоводот, нов Клинички центар, инвестиции во земјоделството и руралниот развој, пречистителни станици за отпадна вода, регионални фабрики за прибирање и обработка на отпад, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки и други проекти за реалните потреби на луѓето“, рече Заев.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски пак, вели дека се работи за предизборно ветување за дефокусирање на јавноста. Тие не може да ги реализираат капиталните инвестиции што ги најавиле, а камоли инвестициски циклус, вели тој.

„Станува збор за многу сомнителна најава, за многу сомнителен, би рекол, маркетиншки трик на Зоран Заев кој во моментов е под силен јавен и меѓународен притисок со случајот Рекет, висока корупција и криминал во неговата влада, наречен Октопод, еден систем на државна мафија“, вели Стоилковски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на Фејсбук реагираше дека „се подготвува најголемата пљачка во поновата историја на Република Македонија“.

Во првите пет месеци од годинава, според податоците на Министерството за финансии, се реализирале само 20 отсто од предвидените капитални инвестиции за целата година, односно инвестирани се 86 милиони евра. Лани биле реализирани само две третини од капиталните инвестиции предвидени со буџетот за целата година. Во почетокот на годинава се планираа капитални инвестиции од 391 милиони евра, но се скратија за 90 милиони евра, а на крајот на годината беа инвестирани 197 милиони евра. Во 2017 година, првично беа планирани инвестиции од 438 милиони евра, со ребалансот беа намалени за 50 милиони евра, на крај се реализираа 323 милиони евра. Тоа значи дека за скоро 2,5 години има капитални инвестиции од 606 милиони евра. Ако се продолжи со ваквата динамика, за да се реализираат капитални инвестиции од 5 милијарди евра ќе бидат потребни 20 години.

Пред локалните избори во 2009 година, поранешниот премиер Никола Груевски најави инвестициски циклус од осум милијарди евра кои ќе бидат вложени за изградба на рудници, термо и хидроцентрали, гасификација, патишта, пруги, социјални станови, нуклеарни истражувања... Но, потоа немаше ни отчет, ни објаснување што се случи со најавените инвестиции. СДСМ, тогаш како опозиција, реагираше дека се „работи за најголемата предизборна лага“ во историјата на Македонија, поголема дури и од „милијардата на Циле“. Васил Тупурковски, пак, пред изборите во 1998 година, ветуваше милијарда долари инвестиции. За таа цел Македонија го призна Тајван, но од инвестициите немаше ништо.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG