Достапни линкови

Десетици советници за економија, а растот меѓу најниските на Балканот


Дебатата „Две години Влада“.

Околу 240 илјади евра годишно ја чинат државата платите на министрите и на советниците за економски прашања. Власта на половина од мандатот вели дека владините мерки го придвижиле економскиот раст и најавуваат дека токму оваа ќе биде една од најуспешните економски години. Економистите пак забележуваат дека секоја година треба да биде економска.

Девет министри во економските ресори и 13 надворешни советници во кабинетот на премиерот, кои годишно ја чинат државата околу 240 илјади евра, а економскиот раст е еден од најниските во регионот. Власта, пак, постојано се фали со економски успеси и најавува дека ова ќе биде економска година, но исто ветување имаше и лани.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека изјавите дека оваа година ќе биде економска стануваат банални.

„Секоја година треба да е економска, посебно економска, може владите понекогаш да имаат специфичен проблем, како што беше случајот со решавање на спорот со името и тоа да е доминантна тема, меѓутоа никогаш не смее да се запостави ангажманот на тој дел од владата, а ги има и министри што исклучиво се бават со економија, за некоја година да прогласат за економска, а некоја за неекономска“, вели Хајредини.

Тој додава дека најекономска ќе биде онаа година кога ќе се реформира судскиот систем и кога ќе се оспособи државната администрација за да може да се реализираат предвидените пари за капитални инвестиции, оти слабо оди нивната реализација.

Во Владата, освен вицепремиер за економски прашања, има министри за економија и финансии, тука се и министрите за транспорт и врски и за земјоделство, кои исто така се дел од економскиот сектор, плус четворица министри без ресор кои работат за подобрување на економијата и странски инвестиции. Сите тие земаат плата над 1100 евра, и ја чинат државата речиси 10 илјади евра месечно или 120 илјади евра годишно за плати. Уште толку пари се трошат за плати на советниците на премиерот, задолжени за економски прашања.

Истражувачката репортерска лабораторија објави дека премиерот има 63 надворешни соработници, меѓу нив и повеќе од десет советници за економски теми и прашања поврзани со странски инвестиции. На листата советници има 13 кои се поврзани со економски прашања. Од нив двајца работат бесплатно, а другите ја чинат државата 10 илјади евра месечно, односно 120 илјади евра годишно.

Аљаф Бакхтаријар, задолжен за економски прашања за соработка со Блискиот Исток и Зијад Беќировиќ, кој е задолжен за економски прашања за соработка со земјите од Југоисточна Европа, за владата работат про-боно.

Поранешниот министер во повеќе ресори, Фатмир Бесими, како советник на премиерот за економски прашања и координација со економските ресори добива надоместок од 50 илјади денари месечно.

Зоран Башановиќ зема 1.500 евра за економски прашања за соработка со земјите од регионот.

Љубомир Шубара советува за финансии, банкарство и инвестиции и за тоа добива 1.200 евра.

Александар Обрадовиќ добива 1200 евра за економски прашања за соработка со земјите од регионот.

Александра Љочева добива 35 илјади денари како координатор и стручен соработник на советот за економски раст и одржлив развој.

Дејан Николовски за инвестиции меѓу општините и владата добива 40 илјади денари.

Силвио Аврамовски за економска соработка со земјите од Кавказот и Блискиот Исток добива 40 илјади денари.

Владо Димовски за економски прашања добива 1000 евра.

Александар Ружин за економска, социјална и културна соработка со земјите од Бенелукс и Франција – добива 50 илјади денари.

Еида Реза за тековни анализи на моменталната состојба во областа на економијата и анализи на информации од областа на економијата зема 30 илјади денари.

Ванчо Узунов – надворешен соработник за економски прашања добива 53.500 денари.

Хајредини вели дека во европските земји, и дава пример со Естонија, кога се менува власта премиерот има право да ангажира шест советници и да смени тројца министри, а другите не се менуваат, а додека кај нас, вели тој, приказните од типот „и тој да земе, да јаде парче леб“ веќе не можат да убедат никого.

На половина од својот мандат од владата се пофалија дека владините економски политики и мерки го придвижиле економскиот раст и дека економијата од виртуелна ја претвориле во реална. На форумот „две години влада“, вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека има простор за подобрување во реализацијата на капиталните инвестиции и поефикасно работење во делот на проектите кои се надвор од Буџетот.

„Очекуваме 2019 да биде една од економски најуспешните во историја, Владата има капацитет, знаење и сила да испорача добри резултати“, рече Анѓушев.

Владата за годинава првин проектираше дека растот на економијата ќе биде 3,2 отсто, а во неодамна објавената фискална стратегија 2020-2022, Министерството за финансии ги ревидираше очекувањата за економски раст од 3,5 отсто.

Светската банка, пак, предвидува македонската економија годинава да порасне за 2,9 отсто, што е најмалку во регионот.

Вистината минатата година беше некаде измеѓу. Владата прво очекуваше 3,2, па кон крајот на годината ги намали очекувањата на 2,8 отсто. Светската банка прво очекуваше 2,3 отсто, а потоа ја покачи проекцијата на 2,5 отсто. Растот на крај беше 2,7 отсто.

Европската банка за обнова и развој пак очекува годинава економскиот раст да биде 3 проценти.

Во годинашниот извештај на ЕУ, во делот за економските критериуми, се наведува дека земјата постигнала одреден напредок. Се наведува дека по година стагнација, економскиот раст продолжил, но дека инвестициите остануваат ниски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG