Достапни линкови

Бугарија инсистира добрососедските односи да бидат во главниот кластер за ЕУ, Германија се противи


Архивска фотографија- германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот премиер Бојко Борисов на Самитот на ЕУ
Архивска фотографија- германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот премиер Бојко Борисов на Самитот на ЕУ

Радио Слободна Европа има увид во коментарите кои Софија ги испратила за нацрт преговарачката рамка со Скопје и во самата нацрт рамка која се уште е во фаза на преговори. Бугарија бара добрососедството да се третира како суштинско прашање, а македонскиот јазик да не биде дел од рамката.

Бугарија и натаму не попушта во нејзините барања во пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ да влезат и добрососедските односи и бара ова поглавје да се третира како суштинско прашање, како што на пример се третира владеењето на правото.

Како што дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори, Бугарија смета дека темата добрососедски односи треба да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори. Со новата методологија на Европската комисија, која ќе почне да се применува во преговарачкиот процес со земјава, првиот кластер, кој е именуван „основи“ ги опфаќа поглавјата кои се однесуваат на правосудството и основните права, правдата, слободата и сигурноста, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, економските критериуми на јавната управа и јавни набавки како и финансиската контрола. Ова всушност, според новата методологија, е најважниот кластер.

Намерата на Европската унија е овој кластер прв да биде отворен, а последен затворен бидејќи ги опфаќа најважните документи во пристапните преговори. Меѓутоа, Бугарија инсистира поглавјето 35 кое се однесува на добрососедските односи да биде опфатено во првиот кластер. Во коментарот на бугарската влада, во кој Радио Слободна Европа имаше увид се наведува:

“Добрососедските односи се суштинска вредност на ЕУ. Тие секогаш беа и понатаму ќе бидат меѓу елементите кои го дефинираат патот на пристапување на Република Северна Македонија. Поради тоа добрососедските односи треба да бидат вклучени во основите“, наведува бугарската влада.

Радио Слободна Европа ,исто така, има увид и во нацрт преговарачката рамка за земјава, која се уште не е усогласена. Во овој документ се наведува дека за напредокот на Скопје во пристапниот процес неопходна е посветеност на земјата на добрососедските односи и тесната регионална соработка, како и важноста на постигнувањата и „опипливи резултати во спроведувањето“ на добронамерните билатерални спогодби, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

Меѓутоа, официјална Софија смета дека покрај владеењето на правото и добрососедските односи потребни се и континуирани напори и поради тоа „тие мораат да се оценуваат од самиот почеток и во тек на целиот пристапен процес“ за да се утврди напредок.

Бугарија во преговарачката рамка не признава постоење македонски јазик

Според коментарите на владата на Бугарија, кои кон крајот на септември ги предаде на Советот на ЕУ, владата во Софија ,исто така, има забелешки и за терминологијата што се користи во нацрт преговарачката рамка за земјава. Бугарија ја условува промената во терминологијата која се однесува на македонскиот јазик за да овозможи напредок во подготовката на финалната преговарачка рамка.

“Бугарија не признава постоење одвоен таканаречен македонски јазик и поради тоа не може да прифати какво било повикување на него во ЕУ документи. Повикувањето на службен јазик на оваа земја овозможува да се продолжи со институционалната работа“, се наведува во документот на официјална Софија во кој РСЕ, има увид.

Исто така, Бугарија инсистира на исклучива употреба на целосносто уставно име Република Северна Македонија.

„Ова овозможува разликување на географскиот регион Северна Македонија ( делумно во Бугарија) од политичкиот ентитет на Република Северна Македонија“, стои во ставот на бугарската влада.

Можно подигнување на прашањето на повисоко ниво

За текстот на преговарачката рамка расправа работна група (КОЕЛА) на Европската Унија која се занимава со земјите со кои треба да се прошири унијата и земјите кои се во процес на пристапни преговори. Не се исклучува можноста дебатата да се подигне на повисоко ниво на амбасадори на земји членки на ЕУ ако дипломатите од државите членки кои се дел од работната група не ги усогласат ставовите.

Германското претседателство се уште се надева на отворање на пристапните преговори со Скопје до декември оваа година, додека претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ. Германија смета дека условите за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија се веќе утврдени веќе утврдени и дека не е во ред да се излезе со нови услови.

Германскиот министер за Европа Михаил Рот по последниот министерски состанок во ЕУ порача дека земјите членки мораат да работат на основите кои заеднички ги поставиле.

“Не треба да изнесеме критериуми и услови кои не се вклопуваат во заклучоците на Советот на ЕУ и основните принципи за кои веќе се договоривме“ порача Рот осврнувајќи се на бугарските барања.

Пред неколку дена, тој во Берлин се сретна и со македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров, по што ,исто така, инсистираше дека пристапните преговори со Скопје треба да почнат што е можно побрзо.

„Доста сме оптимистични дека можеме да започнеме со пристапните преговори пред крајот на нашето претседавање. Во моментов имаме многу плодна и позитивна дискусија со другите земји членки на ЕУ, која треба да заврши со договор за рамката за пристапните преговори. Од моја страна, Северна Македонија ги исполни условите и сега е право време да испорачаме. Треба да почнеме со пристапните преговори што е можно побргу “, рече Рот.

Што пишува во бугарскиот меморадум?

Инаку Радио Слободна Европа неодамна го објави меморандумот кој Бугарија го испрати до земјите членки и со кој бара поддршка билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од преговарачкиот процес за зачленување на земјава во ЕУ да бидат дел од поглавјето 35.

Во него, источниот сосед наведува дека Македонците се проект на претседателот на поранешна Југославија Јосип Броз Тито, не постоле до 1944 година, а дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот.

Минатата недела, во прво читање во бугарскиот парламент, со поддршка од партијата на премиерот Бојко Борисов, помина предлогот на ВМРО-БНД на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Бугарија да се празнува како ден на бугарската писменост просвета и култура.

Според ВМРО-БНД ова е целосно логична историска промена која што отвора пат кон придвижување на процесот на нивно на Европската унија за признавање на кирилицата како бугарска азбука. Истиот ден и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева порача дека тие инстистираат во преговарачката рамка за зачленување на Македонија во Европската унија да влезе и добрососедството како критериум и на самата унија додавајќи дека тоа е европски критериум кој не го измислуваат тие. И таа нагласи дека сè уште се во процес на дискутирање на преговарачката рамка во европските работни групи, и дека се уште не е дојдена работата на ниво на амбасадори.

Следнава недела во Софија, според најавите треба да отпатува нејзниот македонскиот колега, министерот за надворешни работи Бујар Османи на средба по која се очекува работите да станат појасни. Кон средината на месецов, пак, во Скопје се очекува да се одржи средба на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која една година е на пауза поради македонските предвремени парламентарни избори. Нивната работа минатата година запна околу прашањето за револуционерот Гоце Делчев.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG