Достапни линкови

Софија до ЕУ- Македонците се проект на Тито, македонскиот јазик е норма на бугарскиот


Архивска фотографија- македонскиот и бугарскиот премиер Зоран Заев и Бојко Борисов пред зградата на Владата во Скопје

Два услова и тези за македонскиот идентитет и јазик содржи таканаречениот објаснувачки меморандум кој официјална Софија го пратила до земјите членки на ЕУ, а во кој РСЕ има увид. Во него Бугарија бара поддршка од земјите членки за својата позиција кон напредокот на Македонија во Унијата.

Билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи треба да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35. Ова е дел од „Објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“ кој Софија го доставила до земјите-членки на Европската Унија и бара поддршка од нив.

Радио Слободна Европа има увид во документот кој има шест страници и во кој, меѓудругото, се наведува:

„Одржувањето на добри меѓусоседски односи и особено, спроведувањето во добра волја на билатералните договори со земјите членки на Европската унија треба да биде составен дел од Преговарачката рамка за прием на Република Северна Македонија во ЕУ и треба да биде набљудувано во поглавјето 35. Проценките дали тие меѓународни обврски се ефикасно исполнети треба да биде на конкретните земји членки“, се наведува во меморандумот.

Поглавјето 35, кое се споменува во бугарскиот документ, инаку вклучува разни прашања што се појавуваат за време на преговорите, a кои не се опфатени во ниту едно друго поглавје и вообичаено се отвора на крајот на процесот на преговарање. Инаку, во меморандумот официјална Софија бара исполнување на уште еден услов за напредокот на Македонија во ЕУ- малцинствата.

Источниот сосед објаснува дека тие се членка на најголемата регионална и меѓународна организација за човекови права и се фокусирани на спроведување на највисоките меѓународни стандарди во оваа област, но во согласност со бугарскиот Устав. Тој, пак, како што пишува, предвидува дека тоа право може да се оствари во согласност со „кумулативното исполнување на субјективното (постоење на слободна волја да припаѓа на одредена религиозна, етничка, јазична малцинска група или заедница) и објективните критериуми( постoење на реални разлики кои објективно докажуваат постоење на етничка припадност, религија, јазик значително различен од оние на мнозинството)“.

„Според тоа тврдењата за малцинства поттикнати од странство се неприфатливи. Бугарија очекува Република Северна Македонија да ги исполни своите заложби, да ги суспендира гореспоменатите политики навремено да го усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации со членот 11 од Договорот и да ја прекине својата практика на инструментализирање на мултилатерални формати и механизми за следење, за да се изврши непотребен притисок врз Бугарија. Ова ќе биде предуслов за добивање на согласност од Бугарија за кој било понатамошен чекор во процесот на интеграцијата“, се наведува во меморандумот на Софија.

Софија не дозволува „платформа за македонизам“

Позицијата на официјална Софија во однос на преговарачката рамка за процесот на зачленување на земјава во ЕУ, стана актуелна повторно деновиве додека во Брисел амбасадорите на земјите членки разговараат за тоа. Од дипломатски извори во Брисел, РСЕ дознава дека бугарската страна на земјите членки им ја пренела позицијата дека „Бугарија не може да дозволи, влезот на Северна Македонија во ЕУ да биде користен како платформа за македонизам базиран на антибугарска идеологија“.

Состаноците на кои треба да се усвои преговарачката рамка продолжуваат и се очекува да завршат до шести октомври. Германија, која што во моментов претседава со ротирачкото претседателство во ЕУ, сака првата меѓувладина конференција, со која ќе се означи стартот на преговорите за зачленување да се одржи до крајот на годинава, за време на нивното претседавање, но дотогаш мора да биде утврдена преговарачката рамка.

„Во моментов имаме тешкотии со една земја-членка, но и таа е врзана за зборот „Да“ од март оваа година. И не само тоа. Целиот процес на придвижување кон ЕУ на целиот регион е во интерес и на таа земја-членка која отсекогаш била голем поддржувач на тој процес “ , рече деновиве германската амбасадорка во Скопје Анке Холштајн во интервју за порталот СДК.

Според меморандумот, Белград имал неуспешен проект за нов јужносрпски идентитет

И во дел од бугарскиот меморандум, официјална Софија споменува дека го подржува процесот на напредокот на Скопје кон ЕУ, но во него, во голем дел има и тврдења за развојот на македонската нација. Бугарија пишува дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година.

Во меморандумот се наведува и дека формирањето на македонската нација е проект на Белград меѓу двете светски војни за поткопување на бугарскиот идентитет и создавање на нов „јужносрпски“ кој бил неуспешен, но потоа, пишува во бугарскиот документ, комунистичкиот лидер Јосип Броз Тито по Втората светска војна, форсирал друг нов идентитет, овој пат македонски.

„Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Бугарскиот литературен јазик има шест регионални пишани норми (кодификации), три од нив се основаат на дијалекти и три на бугарскиот литературен јазик. Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во екс Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена сведочат дека официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик“, пишува во меморандумот.

Во делот историски позадина, пак, во меморандумот пишува дека политиката на коминтерната во краток период била пресликана во тоталитарниот комунистички режим во Бугарија под диктат на Сталин и дека тоа довело до масовна репресија и прогонување на Бугарите, во двата погранични региони, во Бугарија и во Социјалистичка Република Македонија.

„Во архивите има докази за егзекуција помеѓу 1944 и 1946 година на повеќе од 20 000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита во Социјалистичка Република Македонија. Повеќе од 100 000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови“, се наведува во меморандумот.

Софија ги обвинува македонските историчари за блокада

Во меѓувреме од затворените простории во кои историчарите од Македонија и Бугарија дебатираа за историските теми на досега девет средби, нивната работа се префрли прво како тема на политички препукувања, па сега стигна и во Брисел преку меморандумот. Во него се наведува дека имало првичен ограничен напредок, но дека сега има блокада поради претставниците на Република Северна Македонија. „Претставниците на Република Северна Македонија го оспоруваат заедничкиот концепт за заедничка историја обидувајќи се да го заменат со алтернативни поими како „споделена“ или „испреплетена историја““, се наведува во меморандумот.

Историчарите од македонскиот тим на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања лани во ноември поради најавените избори во земјава, а со цел, како што објаснија, нивната работа да не се користи во предизборни цели, побараа комисијата запре со работа. Од тогаш одржаа онлајн средба во јуни годинава и на неа, според информациите од македонскиот тим, со колегите од Бугарија се договориле да имаат средба во септември. Инаку, нејзиното формирање и работа произглегува од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји кој на први август 2017 година го потпишаа премиерите на Македонија и Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов.

Но во меѓувреме, особено за прашањето за револуционерот Гоце Делчев, се појавија во јавноста информации за несогласувања меѓу двете страни, а ВМРО-ДПМНЕ вчера организираше и протест за ова прашање наведувајќи дека Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG