Достапни линкови

Барањето на Софија- отежнување на македонскиот пат кон ЕУ


Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева
Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева

Ако добрососедските односи бидат во првиот кластер од преговарачката рамка, пристапниот процес ќе биде оптоварен со историја, наместо со реформи, смета Симонида Кацарска од ЕПИ. Според Марко Трошановски од Институтот за демократија тоа би било повторно вмешување во ирационални балкански препирки.

Ако се прифати барањето на официјална Софија, добрососедските односи да се третираат како суштинско прашање и да бидат дел од првиот кластер во преговорите на Скопје со Европската унија, тогаш е можно поради оптоварувањето со историски прашања, да се изгуби основниот и неопходен процес, преку преговорите да се стигне до реформа и модернизација на општеството. Ова е коментарот на Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ, откако источниот сосед ги конкретизираше своите барања за преговарачката рамка на земјава со ЕУ.

Како што објави Радио Слободна Европа тие барања Бугарија ги доставила со Советот на Европската унија кон крајот на септември. Во нив се бара поглавјето 35 кое се однесува на добрососедските односи да биде опфатено во првиот кластер, кој се вика „основи“ и според новата методологија на ЕУ, врз која ќе преговара Македонија, тој кластер ќе биде отворен од почетокот на пристапните преговори до крајот. Во него, сега се опфатени поглавјата кои се однесуваат на правосудството и основните права, правдата, слободата и сигурноста, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, економските критериуми на јавната управа и јавни набавки како и финансиската контрола.

„Ако добрососедството стане дел од кластерот “основи„ тоа потоа станува дел и од договорот за пристапување на нашата земја во ЕУ што несомнено би наметнало многу поголемо значење и поголеми обврски во однос на нашето пристапување во ЕУ во контекст на барањата на Бугарија“, вели Кацарска.

ЕУ треба да покаже дека новата методологија функционира

Новата методологија на преговори, врз чија основа сега се прави рамката за Македонија, се усвои по инсистирањето на Франција, која во октомври лани, не одобри датум за почеток на преговорите за Скопје и Тирана образложувајќи дека е потребен нов систем за пристапување на земјите кандидатки за членство. Новата методологија земјите членки ја договорија годинава, па пролетва во март Советот на ЕУ се согласи да се почнат преговорите со Скопје и Тирана, а претходно да се подготви преговарачката рамка за нив. И самиот еврокомесар за проширување Вархеји неколкупати најавуваше дека преговарачката рамка ќе биде готова во јуни, но според последните информации од Брисел таа е се уште во подготовка.

Радио Слободна Европа, исто така, има увид и во нацрт преговарачката рамка за земјава. Во неа документ се наведува дека за напредокот на Скопје во пристапниот процес неопходна е посветеност на земјата на добрососедските односи и тесната регионална соработка, како и важноста на постигнувањата и „опипливи резултати во спроведувањето“ на добронамерните билатерални спогодби, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија ако се прифати бугарската позиција се подрива додадената вредност што новата методологија му ја дава на процесот на проширување.

„Тоа би значело повторно вмешување во ирационални препирки од балкански тип кои на ниту еден начин не ги мотивираат земјите апликанти суштински да се посветат на реформите особено кога истите зависат од митови и застарени разбирања на историјата“, вели Трошановски.

Издигнувањето на добрососедството во кластерот „основи“, како што бара Бугарија, според Кацарска, пак, истовремено ќе биде и неуспех на ЕУ.

„Ако Европската унија сака да покаже дека новата методологија има потенцијал, а со тоа дека и самото проширување фукнционира мора да покаже во нашиот случај способност да застане зад принципите и вредностите врз кои е основана, а кои за жал не ги вклучуваат дел од бугарските барања“, вели Кацарска.

Забелешките на Бугарија

Инаку, Софија ги истакна своите забелешки уште на Самитот на ЕУ на 25 март на кој беше одобрен почетокот на преговорите за Скопје и Тирана. Во изјавата на Бугарија прикачена кон записникот од таа седницата на Советот за општи работи на Европската унија се навестија контурите врз чија основа Бугарија ќе ги дизајнира забелешките. Софија побара да се престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, побара конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија и неколку други работи.

Следен документ од Софија е меморандумот до земјите членки на ЕУ испратен во август. Во него се наведува дека Македонците не постоеле до 1944, а дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот. Минатата недела и во бугарскиот парламент, во прво читање со поддршка од партијата на премиерот Бојко Борисов, помина предлогот на ВМРО-БНД на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Бугарија да се празнува како ден на бугарската писменост просвета и култура. Според ВМРО-БНД ова е целосно логична историска промена која што отвора пат кон придвижување на процесот на нивно на Европската унија за признавање на кирилицата како бугарска азбука.

Сега и во коментарите за преговарачката рамка официјална Софија има забелешки и за терминологијата што се користи во нацрт преговарачката рамка за земјава. Бугарија ја условува промената во терминологијата која се однесува на македонскиот јазик за да овозможи напредок во подготовката на финалната преговарачка рамка.

“Бугарија не признава постоење одвоен таканаречен македонски јазик и поради тоа не може да прифати какво било повикување на него во ЕУ документи. Повикувањето на службен јазик на оваа земја овозможува да се продолжи со институционалната работа“, се наведува во документот на официјална Софија во кој РСЕ, има увид.

Исто така, Бугарија инсистира на исклучива употреба на целосносто уставно име Република Северна Македонија.

„Ова овозможува разликување на географскиот регион Северна Македонија ( делумно во Бугарија) од политичкиот ентитет на Република Северна Македонија“, стои во ставот на бугарската влада.

Во петок министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе оди во Софија на средба со бугарската колешка Екатерина Захариева, што ќе биде прва средба во живо на политичари од двете земји по обелоденувањето на меморандумот и барањата на Бугарија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG