Достапни линкови

Пластичното лоби и (не)успесите во рециклирањето


Илустративна фотографија - компресирана пластика.
Илустративна фотографија - компресирана пластика.

Лобито на пластичната индустрија во Турција e посилно во последниве години, кога земјата стана водечки увозник на европски пластичен отпад. Граѓаните таму сега се повеќе се жалат на загадувањето од големите компании за рециклирање. Македонија селектира и рециклира минимално, додека со години чека на изградбата на модерeн систем за управување со отпад

Општинските депoнии во Македонија често се запалени и чадат со денови. Тие не исполниваат стандарди за заштита на животната средина и отпадот кој таму се отстранува не е селектиран. Во земјава има и стотици други диви депонии и селски ѓубришта.

Ниското ниво на селектирање на отпад негативно се одрзува и врз управувањето со пластичниот отпад, а државата со години не успева да ги изгради планираните регионални депонии кои ќе овозможат соодветно управување со отпадот.

„Да, постои потреба од поголем процент на селектирање на отпад, но она што досега недостасува е инфраструктура која ќе овозможи да селектираме“, вели за Радио Слободна Европа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Во Македонија селектирањето на отпад е минимално. Досегашните анализи покажуваат дека рециклирањето не функционира целосно, а дека дел од отпадот од Македонија се извезува директно без поголем третман, а дел поминува подолг процес на третирање и како таков се продава, на пример стакло, хартија и пластика.

И рециклирањето на пластичниот отпад е ризик по здравјето
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:43 0:00



Досегашните практики покажуваат дека рециклирачката индустрија во Македонија најмногу зависи од неформалните собирачи на отпад, кои селектираат и носат на рециклирање до 80 проценти од целокупниот отпад во земјава кој се рециклира. Истовремено, под два проценти од пластичниот отпад се рециклира.

Инвестиции во инфраструктура

Нуредини вели дека треба да биде донесен нов закон за колективните постапувачи, со кој тие ќе бидат обврзани да инвестираат во инфраструктура за селектирање на оптад, но и дека Министерството за животна средина ќе инвестира дел од средствата, кои се добиваат од наплaтата на пластичните кеси, за набавка на контејнери за пластика и други материјали.

„Колективните постапувачи ќе мора да направат договор со општините и да обезбедат локации на кои ние ќе ги испратиме контејнерите. Потоа колективните постапувачи се обврзани законски да го соберат селектираниот отпад од тие контејнери“, вели Нуредини.

Според активистите за заштита на животната средина, меѓу причините за малиот процент на селектиран отапд, е ниската свест кај граѓаните и нивната недоволна мотивација да го прават тоа.

Борче Кузмановски од граѓанската организација „Го Грин“ вели дека тоа е така и покрај големиот број на кампањи за подигнување на јавната свест и за важноста на селектирањето на отпадот.

„Системот за управување со отпад во државата не се спроведува најсоодветно. Вкупната количина на комунален отпад завршува во депониите. Затоа е многу важно да се одвојат вредните состојки од комуналниот отпад, да бидат соодветно селектирани за да завршат во рециклажните центри“, вели Кузмановски.

Тој смета дека е потребна поголема мотивација кај луѓето, а посочува дека тоа може да се постигне со промена на системот за пресметување на финансискиот надоместок за управување со отпад.

Финансискиот надоместок за управувањето со отпад во земјава се пресметува по метар квадратен создаден отпад, што според Кузмановски тоа е недоволно мотивирачки.

Треба да се промени начинот на пресметувње, вели тој: на пример според килограм создаден отпад или според метар кубен и тоа ќе ги мотивира граѓаните што е можно помалку отпад да стават во контејнерите, а што повеќе да селектираат во специјалните корпи.

„Трет фактор што придонесува за овој слаб процент на селектиран отпад исто така е инфраструктурата. Не можеме да очекуваме граѓаните да го прават тоа ако немаат соодветни садови (корпи) поставени пред нивните станови или куќи“, вели Кузмановски.

ДЗР - Симболични количини на селектиран отпад

Според Извештајот за управувањето со пластичен отпад во Европа, во чија изработка е вклучен и Државниот завод за ревизја на Северна Македонија, политиките и мерките на надлежните институции, за воспсотавување на интегрирано управување со пластичен отпад, не се ефикасни и не обезбедуваат превенција и намалување на количините на генериран пластичен отпад.


Симболичните количини на отпадот кој е селектиран се добиени од легалните субјекти одговорни за постапување со отпад од пакување и од неформалните собирачи кои собираат пластичен отпад.

Воспоставениот систем за селекција на отпад е нефункционален и не обезбедува ефективна примарна и секундарна селекција, со што не е возможна понатамошна обработка на пластичниот отпад.

Јавните комунални претпријатија немаат доволно финансии и можости да инвестираат во соодветна инфраструктура за селекција и третман на отпадот, поради што првенствено собираат мешан отпад кој потоа го депонираат во општинските депонии, се вели во извештајот.

Според Законот за управување со отпад, предвидено е формирање на осум регионални депонии во земјава за да се реши проблемот со отпадот депониран во општинските депонии кои не исполнуваат стандарди за заштита на животната средина, како и со отпадот од бројните диви депонии на стотици локации во Македонија.

Но, централната власт со години не успева да започне со изградба на ниту една депонија. Една од причините е дека досега некои од општините, на чија територија беа планирани регионалните депонии, не дозволуваа нивна изградба. За овие проекти земјата има достапни средства преку ИПА фондовите на Европската унија.

Нуредини уверува дека изградбата на регионалните депонии ќе започне наскоро, додавајќи дека обезбедни се грантови од ИПА програмата на Европската делегација за изградба на регионалните депонии за Источниот и Североисчниот регион.

„Во меѓувремени ние набавивме камиони и контејнери за сите општини во овие два региони“, вели Нуредини.

Доплнително, додава тој, во Собранието е доставен предлог закон за обезбедување на заем од ЕБОР од 55 милиони евра, како и гранд од Инвестициската рамка за Западен Балкан за инвестиции за изградба на централните депониите за останатите региони.

„Ќе набавиме камиони и контејнери за сите општини да имаат можност да управуваат со собирање на отпад. Ние знаеме дека општините имаат законска обврска да управуваат со отпадот, но и дека немаат финасиска можност сами да инвестираат. Затоа Владата донесе одлука да изградиме инфраструктура, бидејќи за жал за тоа во 30 години не бил вложен ниту еден цент“, вели Нуредини.

Активистите наведуваат дека регионалните депонии треба да бидат изградени според стандарди за заштита на животната средина и дека освен депонирањето на отпадот, треба да содржат и елемент на негово искористување како ресурс.

Кузмановски вели дека стручната јавност ја поддржува изградбата на депониите, бидјеќи знае што значи правилно стандардизирана депонија, споредено со таканаречените општински депонии кои постојат денес.

„Ние ги викаме општински депонии, а всушност тоа се ѓубришта со кои не се управува на соодветен начин. Не се управува правилно со гасовите од депониите, ниту со исцедокот и тоа значително влијае врз животната средина“, вели Кузмановски.

Тој додава дека јавноста треба соодветно да биде запознаена со процеост на правилно управување со депониите.

„Регионалното управување со отпад не предвидува само изградба на депонии, предвидува и изградба на трансфер станици, селектирање на отпад, секундарна селекција на отпад, нови камиони, канти кои ќе се постават во домовите – тоа значи примарна селекција каде ќе се задржи квалитетот на селектираните материјали и секако тоа позитивно ќе влијае врз животната средина“, вели Кузмановски.

Според официјалните статистички податоци, околу 700 до 800 илјади тони отпад се создаваат во земјава на годишно ниво. Според проценките на граѓанските организации, голем дел од создадениот отпад завршува на дивите депонии.

Додека Македонија прави напори да воспостави соодветен систем за управување со отапд, во земји како Турција има стравувања за загадување на животната средина од работењето на центрите за рециклирање на отпад.

Турција - дали треба да носиме маски?

Во Картепе, индустриски град во северозападниот дел на Турција, една од локациите беше затворена од властите во декември по избувнувањето на три пожари за помалку од еден месец.

Еден од пожарите гореше повеќе од 50 часа, исфрлајќи токсичен црн чад над областа заглавена меѓу планините и Мраморното Море.

„Не сакаме нашите езера и извори да бидат загадени“, вели Бејхан Коркмаз, еколошки активист во градот:

„Овде има доста голема компанија за рециклирање. Ние сме крајно вознемирени од мирисот што го предизвикува. Зголемен е бројот на случаи на астама и рак на белите дробови. Сето тоа значи дека има неуспеси во рециклирањето.“

Таа е загрижена за загадувачките емисии на диоксини од десетина слични пожари во радиус од пет километри за помалку од две години прашувајќи:

„Дали треба да носиме маски?“

Во минатата година просечно имаше пожар на секои три дена во погоните за преработка на пластика во Турција.

Бројот се зголеми од 33 во 2019 година на 121 во 2021 година, вели Седат Гундогду, професор специјализиран за загадување од пластика на Универзитетот Чукурова во јужниот град Адана.

„Пластично лоби“

Во истиот период, Турција стана водечки увозник на европски пластичен отпад -- пред Малезија -- откако Кина го забрани увозот на почетокот на 2018 година.

Речиси 520.000 тони пристигнаа во Турција во 2021 година, додавајќи на четирите до шестте милиони тони што земјата ги генерира секоја година, наведува турскиот огранок на невладината организација Гринпис.

Голем дел од овој отпад завршува на југот на земјата, особено во провинцијата Адана, каде компаниите кои работат нелегално беа затворени во последните години.

Други контејнери за отпад пристигнуваат во пристаништата во Измир на запад и во Измит, недалеку од Картепе.

„Проблемот не е увозот на пластика од Европа, проблемот е увозот на нерециклирачка или резидуална пластика“, вели Барис Кали, професор по инженерство за животна средина на Универзитетот Мармара во Истанбул, додавајќи:

„Моето чувство е дека повеќето од овие пожари не се само случајност“.

Тој објаснува дека само 20 до 30 насто од увезениот пластичен отпад може да се рециклира.

„Останатите остатоци треба да се испратат во постројки за согорување, но постројките за согорување наплаќаат пари... затоа, кога некои компании имаат значителни количини остатоци, се обидуваат да најдат некој лесен начин да се ослободат од нив“, рече тој.

Гундогду смета дека е за чудење што „повеќето од овие пожари се случуваат ноќе“ и во оддалечените делови за складирање на центрите за повторна обработка, подалеку од машините.

Во извештајот објавен во август 2020 година, меѓународната полициска организација Интерпол изрази загриженост за „зголемување на нелегалните пожари на отпад во депонии во Европа и Азија“, особено наведувајќи ја Турција.

По регулатива од октомври 2021 година, на компаниите во секторот кои се прогласени за виновни за подметнување пожар може да им бидат повлечени дозволите.

„Министерството не може навистина внимателно да истражува, или можеби не сака да открие“, вели Кали, наведувајќи дека лобито на пластичната индустрија стана посилно во Турција во последниве години.

Според турското здружение на рециклатори ГЕКАДЕР, секторот за пластичен отпад генерира милијарда долари годишно и вработува околу 350.000 луѓе во 1.300 компании.

„Доволен е зрак сончева светлина“

Ајлин Читакли во нејзината канцеларија со поглед на запуштениот магацин во Картепе, каде пластиката се сортира пред да се рециклира или легално да се спалува, ги отфрли обвинувањата за подметнување пожар.

„Не верувам. Тоа се лесно запаливи материјали, сè може да предизвика пожар, доволен е сончев зрак“, вели таа која е менаџер за животна средина на центарот за сортирање.

Турција објави забрана за увоз на пластичен отпад во мај 2021 година по негодувањето по објавувањето слики од отпад од Европа фрлен во канали и реки.

Забраната беше укината една недела откако стапи на сила. Назад во Картепе, еколошката активистка Коркмаз е загрижена за иднината на нејзиниот регион, каде што живее 41 година.

Таа го наведе примерот на Диловаси, град оддалечен 40 километри во кој се сместени многу хемиски и метални фабрики.

Научниците открија ненормално високи стапки на рак таму.

„Не сакаме да завршиме како нив“, рече таа.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG