Достапни линкови

Планот А за ЕУ не функционира, план Б нема


Eврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во посета на Скопје, на средба со премиерот Зоран Заев..

Најавите дека Тирана може да оди напред кон ЕУ, а Скопје е далеку од целта ако не направи напредок со Софија ги разнишаа надежите дека Македонија наскоро ќе почне преговори со ЕУ. Ако се условува со идентитетот и јазикот, ЕУ не ни треба, вели премерот Зоран Заев, но сепак смета дека е можно решение со Бугарија.

Ниту Бугарија се откажува од своите барања, ниту Македонија покажува знаци дека ќе ги прифати. Изгледите за европска иднина на земјата бледнеат, но за властите се чини дека нема план Б, доколку членството во Унијата остане недостижно. Тие постојано повторуваат дека е можен компромис со Бугарија, но тој не е на повидок.

Ако се условува со идентитетот и јазикот, ЕУ не ни треба, вели премерот Зоран Заев, но сепак смета дека е можно решение со Бугарија, кое е услов за почеток на евроинтеграцијата. Опозицијата, пак, смета дека ЕУ мора да почне да испорачува, не само да бара.

Арсовски - Брзоплето верување и романтично гледање ни се врати како бумеранг по глава

Поранешни дипломати за РСЕ велат дека не треба да се очекува дека наскоро работите со Бугарија ќе се сменат, а во меѓувреме државниот врв во земјава треба да се усогласи и подобро да дејствува во решавање на проблемите кои стојат на патот кон ЕУ.

Директен линк

Македонија не може да се надева дека во скоро време ќе почне преговори за влез во ЕУ, вели поранешниот дипломат Љупчо Арсовски, кој сега е претседател на Советот на амбасадори. За почеток на преговорите треба да се решат несогласувањата меѓу Скопје и Софија, но Бугарија е исправена пред нови парламентарни избори во јули, откако по изборите во април не успеаја напорите да се формира влада. Пораката тука е дека Македонија треба да попушти, оти Бугарија е земја-членка и секогаш може да стави вето.

„Практично нас тоа решение да влеземе по секоја цена во ЕУ ќе предизвика уште многу, многу болни ситуации. Лично сметам дека резултат на ова е и нашето брзоплето верување и романтично гледање на сите состојби дека се веќе решени со еден договор и со некакви пријателства итн. тоа е зад нас, но како бумеранг нè удира по главата бидејќи сме соочени со еден безизлез кој го гледаме и во самите состојби во Унијата. Има уште неколку земји кои сè уште даваат отпор. Чинам дека нема да дојде до разделување, бидејќи неколку силни земји во ЕУ прават враќање на онаа ситуација пред Бугарија да ја донесе таа фамозна резолуција во Парламентот со коja практично ги стави на хартија сите барања кои се далеку од пристојни“, вели Арсовски.

Поминаа речиси три години откако власта се пофали дека земјава добила, како што рече премиерот Зоран Заев, кристално чист датум, но Македонија никако да почне преговори со ЕУ. Власта се фалеше и дека нема отворени прашања со соседите, па доби блокада од Бугарија. Најновата порака од ЕУ е дека е можно одвојување на Македонија и Албанија, кои досега одеа во пакет во евроинтегративниот пат.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и премиерот Зоран Заев објавија дека Македонија добила датум за преговори со ЕУ - 26Јун2018
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и премиерот Зоран Заев објавија дека Македонија добила датум за преговори со ЕУ - 26Јун2018

Впечатокот на пoранешниот амбасадор Мухамед Халили е дека оние кои ја водат надворешната политика во државата немаат организиран пристап и, како што вели, немаат уиграна стратегија.

„Фактот дека повеќе од две-три години се гордеевме на успесите во разрешувањето на проблемите со соседите и создавањето на клима на соработка со соседите, а потоа добивме блокада од соседна Бугарија зборува дека нешто не е во ред во тој поглед и во иднина треба да се усогласат сите чинители за едно подобро дејствување надвор кон разрешување на овие проблеми на патот кон ЕУ“, вели Халили.

Македонија напредува, ги спроведува реформите, но треба да поработи уште малку, порачуваа од ЕУ во изминатите години. Потоа порачуваа и дека земјата го сторила своето и дека на ред е Унијата. Па сите во ЕУ биле за преговори со Скопје, но не и за Тирана, но се во ист пакет, оти постапката не може да се одвои. Но, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји при посетата на Македонија пред некој ден ја пренесе пораката дека раздвојувањето ,сепак, е можно.

Власта досега велеше дека нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ, и дека додека чекаме на влез, ќе се обиделе да ја донесат Европа дома. А бараа и ЕУ да одреди датум, во спротивно ќе се намалела довербата во Унијата. Но по пораката од Вархеји премиерот Зоран Заев порача дека ако услов за евроинтеграцијата се идентитетот и јазикот, тогаш, како што рече, ЕУ не ни треба, оти ќе сме биле прашина изгубена во ветрот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека ако треба да се седи на иста маса со ЕУ како партнери, тогаш треба да постои доверба.

„Вака довербата се губи. ЕУ мора да почне да испорачува, не само да бара. Европа не издаде“, рече Мицкоски на брифинг со новинарите.

Заев сепак се надева дека може да има договор со Бугарија и покрај тоа што земјата повторно ја очекуваат парламентарни избори. Премиерот очекува да се преговара и со преодната влада во Бугарија.

Но поранешните дипломати не очекуваат многу од бугарската страна, барем не во овој период на избори, но и потоа кога ќе се формира нова влада.

„Не можеме многу да се надеваме дека веднаш новоизбраниот бугарски парламент ќе ја разгледува и ќе ја стави, ќе ја поништи или ќе ја стави моментално на страна и дека ќе го промени тоа наеднаш. Сепак и новите пратеници ќе бидат исправени пред своите гласачи и ќе бидат доста внимателни при донесувањето на нови одлуки, но во секој случај ова не е добро ниту за ЕУ, ниту за Бугарија, а посебно за нас секако дека е поразително бидејќи најмногу чекаме во чекалницата дури и за старт на преговори, а камоли за преговори“, изјави Арсовски.

Тој вели дека може да се најде решение со Бугарија за делот со заедничката историја по примерот на тоа како го решиле Франција и Германија, кои нашле решение за многу историски прашања и поминале на тлото на економијата, на културата, на изнаоѓање нови технологии за да го олеснат животот на луѓето.

„Треба да се избориме и со аргументите на самата Европа да го добиеме нашето право место и да отпочнат преговорите кои ќе бидат многу тешки, бидејќи постојано ќе се надвиснуваат тие можности за вето, а ветата најмногу ги ставаат соседите“, вели Арсовски.

Македонија шеснаесетта година чека датум за преговори со ЕУ, а дел од пречките беа спорот за името со Грција, што беше решен со Преспанскиот договор, како и односите со Бугарија, за чие решавање беше потпишан Договорот за пријателство. Потоа Македонија очекуваше позитивен одговор од Брисел, но не доби датум за почеток на преговори, заедно со Албанија, оти Франција реши да се преиспита процесот на проширувањето и да биде воведена нова методологија. И кога земјата беше на чекор да ги отпочне преговорите и да се одржи долгонајавуваната меѓувладина конференција, лани во декември доби блокада од Бугарија со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство. Софија инсистира и на признавање на бугарски корени на македонската историја, националност и јазик, на што властите во Македонија се спротивставија дека „за идентитетот и јазикот нема да се преговара“.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG