Достапни линкови

Последни подготовки пред ЕУ да ги отвори границите за туристи


илустрација

Летото е пред нас, а Европската унија се обидува да воведе унифицирани правила и за граѓаните на ЕУ, но и за државјани на трети земји кои сакаат да ги посетат европските земји. РСЕ дознава кога и како ќе бидат пречекани граѓаните што не се членки на ЕУ. Пишува Рикард Јозвијак.

Кога станува збор за европскиот пасош за вакцини, наречен „дигитален зелен сертификат“, работите течат, иако со бавно темпо. Предложен порано пролетва од страна на Европската комисија, Европскиот парламент и Советот, 27- те земји-членки на ЕУ, се согласија за нивните соодветни преговарачки мандати. Сега е време трите институции на посебни состаноци да ги испеглаат сите дилеми пред да биде донесен конечниот текст на законот. Првиот од тие состаноци се одржа на 3 ти мај, а најавени се уште такви состноци во следните денови и недели.

Идејата за отворање на ЕУ (со исклучок на Ирска, но плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) за државјани на трети земји е понова, со предлог за ублажување на ограничувањето првично презентиран на 3 ти мај. Европската комисија сугерира добредојде на луѓето кои ја земале последната препорачана доза на која било од четирите вакцини овластени од ЕУ – Астра Зенека, Бионтек/Фајзер, Џонсон и Џонсон и Модерна најмалку 14 дена пред пристигнувањето. Исто така, се предлага олеснување на методологијата на ЕУ за пресметување кои земји се „безбедни“. Во моментов само шест земји се класифицираат под построг режим, а тоа се Австралија, Нов Зеланд, Руанда, Сингапур, Јужна Кореја и Тајланд.

Кои се главните пречки?

Сертификатите за вакцини, односно идејата да се создаде заеднички правилник низ целата Унија што обезбедува слобода на патување во Шенген зоната ја споделуваат сите институции. Но, сè уште има некои големи отворени проблеми. Парламентот, на пример, сака бесплатни ковид тестови за оние кои не се или не сакаат да се вакцинираат - нешто за што земјите-членки кои немаат пари поради пандемијата, не се премногу заинтересирани.

Но, најголемиот „камен на сопнување“ може биде тоа што европратениците би можеле да инсистираат на тоа сертификатот да нема повеќе дополнителни ограничувања, како што се дополнително тестирање или потенцијални карантини, од земјите-членки. Во спротивно, многумина европратеници велат дека сертификатот ќе се сведе на „парче хартија“ во уште една лепеза на правила во ЕУ. Но, владите на многу земји-членки на ЕУ, плашејќи се од новите варијанти на Ковид 19, сметаат дека токму тие треба да одлучат дали ќе го користат сертификатот за укинување на ограничувањата.
Сè се сведува на здравјето, кое е исклучителна надлежност на одделни земји-членки, наспроти слободата на движење, што пак е надлежност на Унијата.

За отворање на надворешните граници на ЕУ, многу зависи од тоа колку туристи сакаат земјите-членки - и од каде. Некои може да инсистираат на мерки на реципроцитет, особено кога станува збор за Кина, Соединетите Држави и Велика Британија и може да има дополнителни критериуми како што се тестирање и стапки на позитивни случаи. Земјите-членки исто така може да го задржат правото да наметнат карантин или дополнително тестирање, како што е во случајот со сертификатите за вакцини. Европската комисија додаде и „нуклеарна“ опција – односно вонредна пауза што им дозволува на земјите-членки итно да ги прекинат сите патувања од граѓани кои не се членки на ЕУ од земја во која епидемиолошката состојба брзо се влошила или ако се појави причина за загриженост.

Која е временската рамка?

Идејата е двата предлога да бидат целосно оперативни до крајот на јуни. Техничката работа на сертификатите е веќе во тек. Без оглед дали има законодавна пречка помеѓу Парламентот и Советот или не, системот е поставен да биде технички подготвен до 1 јуни и сите 27 земји-членки на ЕУ се предвидува да бидат подготвени до крајот на тој месец.

Сертификатите, кои можат да се користат со паметен телефон или пак во хартиена верзија и ќе вклучуваат три начини да докажете дека можете слободно да патувате во рамките на Шенген зоната. Тоа се вакцинација, негативен тест или доказ дека некој прележал коронавирус, плус најважните работи како што се име, датум на раѓање, земја на издавање и видот на вакцина, ако навистина сте биле вакцинирани. Идејата е информациите од процесите на вакцинација во трети земји да може да се вчитаат во системот на ЕУ, нешто што според официјалните претставници на ЕУ не е технички тешко изводливо, иако прашањата поврзани со приватноста може да ги направат комплицирани.

Што со Спутник и Синофарм?

За Европскиот парламент, во шемата за ковид сертификати треба да влезат само вакцините признаени од Европската агенција за лекови (ЕМА), но земјите-членки инсистираат на тоа да им се остави отворена врата на земјите од ЕУ и да им се дозволи вакцини и од други земји, во обид да се смири Унгарија , која ги користи и руските и кинеските вакцини. Во конкретниот случај, Европскиот парламент можеби ќе мора да се предомисли, бидејќи Советот има малку слободен простор и веројатно ќе инсистира на тоа дека тоа е црвената линија со цел сертификатот да помине пред да почнат летните одмори.

Сепак, според препораката на Комисијата за отворање на границите за државјани на трети земји, не постои таква „дарежливост“. Потребно е или одобрување од ЕМА или вакцина од списокот за итни случаи на СЗО. Тука, Синофарм сè уште го чека статусот на конечна проценка, додека Спутник сè уште се анализира.
Земјите-членки во Советот, се разбира, можат да се обидат да го изменат ова. Но, со потребното мнозинство за донесување на текстот, Будимпешта може да се бори да ја наметне својата волја. Надежта тогаш за државјаните на трети земји вакцинирани со незападни вакцини е или ЕМА или СЗО да го забрзаат процесот на одобрување пред летото или пак епидемиолошката состојба во нивните земји да се подобрува и да се задржи на позитивен пат. Потоа, секако постои можност и одделни земји-членки да постигнат договор на страна, како што тоа неодамна го стори Грција, дозволувајќи влез на некои руски туристи.

Што со децата?

Децата во ЕУ сè уште не се вакцинирани, па затоа за сертификатите за вакцини, родителите едноставно мораат да достават негативен ПЦР-тест за најмалите, ако тие патуваат со нив ова лето. Истото важи и за невакцинирани малолетни лица кои не се членки на ЕУ со дополнителна забелешка дека земјите-членки најверојатно ќе бараат дополнително тестирање по пристигнувањето во земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG