Достапни линкови

Дисонантни тонови во владата и со претседателот за надворешната политика


Никола Димитров, Бујар Османи и Зоран Заев

Има ли несогласувања или некоордираност во државно владиниот врв кој се грижи за надворешната политика е прашањето што се отвора по неколку јавни настапи на функционери кои изнесоа контрадикторни ставови.

Додека земјава и натаму е во чекалницата за својата интеграција во Европската унија поради блокадата со Бугарија, се поставува прашањето дали државно-владиниот врв е координиран и која е стратегијата во настапите. Дилемата се отвори по изјавата на вицепремиерот Никола Димитров кој се пожали на односот на Министерството за надворешни работи при неговите посети во странство, но и по година дена навидум пасивност во однос на решавањето на спорот со Софија рече „апсолутно ќе бидам дел од какви било претстојни разговори.

Ова, пак, го отвора и прашањето дали државава ја менува стратегијата во разговорите со Бугарија и ако е така зошто? Досега со соседната земја се разговараше на нивоа на тимови на министерства за надворешни работи. Другата линија на разговори со различни претставници на бугарската политичка сцена ги води поранешниот премиер Владо Бучковски како специјален претставник на македонската влада.

Радио Слободна Европа го праша министерот за надворешни работи Бујар Османи дали се менува досегашниот формат.

„Постојат јасни законски надлежности за создавање, одобрување и водење на надворешната политика во земјава. И во рамки на тие надлежности продолжуваме со напорите за постигнување на надворешно политичките цели“, вели Османи.

Има ли координација со Пендаровски?

Не ретко и претседателот Стево Пендаровски има поинаков тон од оној што го промовира владата кон официјална Бугарија. Прашањето дали се има заедничка стратегија кон спорот се отвори уште лани, веднаш по контроверзното интервју на премиерот Зоран Заев дадено за бугарската агенција БГНЕС. Во него македонскиот премиер на новинарското прашање поврзано со изјавата на претседателот Пендаровски дека бугарската политика не е излезена од матрицата на Тодор Живков одговори дека претседателот не е толку искусен политичар како него.

Потоа, додека кај источниот сосед траеше предизборниот период, на изјавите на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, кои во дел од јавноста се толкуваа како провокативни, владините претставници често не реагираа припишувајќи го тоа на борба за гласови. За разлика од нив кабинетот на претседателот речиси секогаш реагираше дека се кршење на Договорот за добрососедство. Пендаровски отворено се спротистави и на изјавата на министерот Османи поврзана со пописот наведувајќи дека нема потреба од измени на Уставот за да биде вметната и бугарската етничка заедница, нешто што шефот на дипломатија го навести како опција.

Османи: СЕП доби список каде имаме дипломатско конзуларни претставништва

Координацијата и во самата влада при надворешно политичките настапи, пак, се отвори како прашање по забелешките на вицепремиерот Димитров дека не секогаш ја добивал поддршката од Министерството за надворешни работи нагласувајќи дека амбасадите не се „ниту на Никола, ниту на Бујар Османи, туку се претставништва на државата“.

Османи за Радио Слободна Европа вели дека дипломатско – конзуларната мрежа, заедно со администрацијата во Министерството за надворешни работи, е ставена на располагање на целата држава за поддршка во рамките на севкупната комуникација со странство и остварување на целите на надворешната политика.

„Ретко, но сепак се случува одредена земја да не биде покриена ниту со резидентен, ниту со нерезидентен амбасадор, како што е случајот со Латвија; тоа од техничко – логистички аспект создава дополнителни предизвици за организирање на посети во овие земји. Без разлика на отежнатите околности во споменатиов случај, ДКП-ата имаат добиено насоки за организација на овие посети, одговориле на овие предизвици, направени е соодветната дипломатско – логистичка поддршка, и споменатите посети успешно се реализирани, како и сите останати посети. Во меѓувреме до СЕП е испратен списокот на држави каде имаме ДКП-а со цел да нема недоразбирања во иднина“, вели Османи.

Од друга страна, иста се чини е линијата за македонскиот јазик и нацијата во настапите на сите македонски надворешно политички фактори. Премиерот Зоран Заев и денеска рече дека по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, Османи постојано тврди дека за македонскиот јазик и идентитет не се преговара, Димитров вели дека никогаш нема да се прифати вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет а и претседателот вели дека за јазикот нема што да се разговара и преговара.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG