Достапни линкови

Значењето на Нон-пејперите


Илустрација
Илустрација

Во изминатите недели се појавија два, така-наречени нон-пејпери за чувствителни прашања, кои го вознемирија Западниот Балкан. Она што е различно од вообичаените нон-пејпери, кои кружат низ Брисел, е тоа што малкумина, или никој од европските политичари, не ги видел. Бриселски Блог на Рикард Јозвиак

Двата нон-пејпери, за наводно менување на границите на Балканот, индицираат неколку работи, раздвижување во регионот, особено меѓу Србија и Косово, со што, некој сака да тестира различни идеји, односно повеќе да внесе конфузија.

Нон-пејперите се дел од процесите во Брисел, ги има стотици кои циркулираат меѓу дипломатите за различни прашања. Идејата е да се стимулираат дискусии и да се дојде до идеи на неформален начин. И самиот наслов, нон-пејпер укажува дека тоа не е официјален документ, официјално потпишан од некого или одобрен некаде.

Овие документи имаат две работи заеднички: тие се напишани од некого за нешто специфично, и второ, од земјата од каде што потекнуваат, обично сакаат да придобијат што е можно повеќе подржувачи и со задоволство го споделуваат документот. Со други зборови, сакате публицитет на вашите идеи.

Нон-пејперите за Балканот, кружеа по медиуми, а никој не застана зад нив. Првиот, наводно словенечки, е многу спорен. Напишан со недипломатски речник, некарактеристичен за Брисел, зборува за промена на границите во бивша Југославија, плус Албанија, по етнички линии. Живее низ медиумите, иако Јанез Јанша демантираше дека таков документ е испратен, а и никој во Брисел не потврди дека таков документ постои.

Другиот нон-пејпер, објавен во косовски медиуми, е сличен. Се наведува дека е француско – германски документ и во него се зборува за конечното решение меѓу Косово и Србија. Франција и Германија веднаш демантираа дека напишале таков нон-пејпер, но не негираа дека можеби таков документ постои, што уште повеќе ги подгреа шпекулациите.

И двата документа немаат ни наслов, ни датум, ниту Брисел ги има, па дипломатите ги нарекуваат нон нон-пејпери, или фантомски документи.
Француско – германскиот можеби е пробен балон, но не се знае кој го пуштил, но се отвораат некои прашања. Зошто се открива крајната цел? Можеби кажувате чекори што треба да се направат, но зошто ги отворате сите карти наеднаш? Исто така, Франција и Германија тешко дека разговараат билатерално, очи во очи, за Западен Балкан, кога Германија е за побрза интеграција на регионот во ЕУ, а Франција е против.

За наводниот словенечки нон-пејпер, се шпекулира дека има цел да ја дискредитира владата во Љубљана, пред нејзиното претседавање со Европската Унија. Некои европски дипломати се сомневаат на вмешаност на Русија, со цел да предизвика конфузија.

Без оглед на тоа дали нон-пејперите се вистински или не, индицираат дека нешто се случува во регионот. Во Албин Курти и Александар Вучиќ, сега Косово и Србија имаат двајца силни лидери, кои можат да постигнат договор, доколку сакаат.

Германија ја чекаат неизвесни избори наесен, а францускиот претседател Емануел Макрон е под се поголем притисок од националистите на Марин Ле Пен, пред изборите во наредната пролет.
Макрон го запре напредувањето на Северна Македонија кон ЕУ пред некоја година, пред локалните избори во Франција. Влогот, овојпат е многу поголем, а прозорецот за постигнување договор меѓу Косово и Србија, можеби сега е затворен, но, не за многу долго.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG