Достапни линкови

Захариева до Вархеји- Скопје дискриминира и заплашува Бугари


Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева

На 31 март бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева испратила писмо до еврокомесот за проширување Олиевер Вархеји, до Мачеј Поповски, директор за соседска политика и преговори за проширување и до Ангелина Ејнхорст, директор за Западна Европа, Западен Балкан и Турција.

Во писмото на четири страници во кое Радио Слободна Европа има увид шефицата на бугарската дипломатија детално образложува неколку случаи за кои тврди дека се дискриминација на Бугарите во Македонија и државно спонзорирана информации против официјална Софија и други земји членки на Европската унија.

Така се поделени и точките во писмото, вкупно две, првата именувана како „дискриминаторски практики и застрашувања“ и втората „државно спонзорирани дезинформации преку невладината организација ИФИМЕС“.

„Бугарската амбасада во Скопје постојано ја информира делегацијата на Европската унија за ваквите загрижувачки тенденции и за специфичните случаи поврзани со нив. Бугарија е спремна да соработува во годишниот извештај на Комисијата за Република Северна Македонија и да даде дополнителни детални информации. Искрено се надевам дека овој несреќен развој на настаните ќе најде место во годишниот извештај на комисијата и дека ќе ја охрабрите Република Северна Македонија итно да ги запре“, наведува Захариева.

Таа пишува и дека таквиот развој на настаните го надминува опсегот на билатерални односи меѓу Северна Македонија и Бугарија и ja доведува во прашање усогласеноста на земјата кандидат со Копенхашките критериуми, договорот за Стабилизација и асоцијација, Европската конвенција за човекови права и целосно, како што наведува, спремноста на Северна Македонија за примена на основните принципи во процесот на пристапување.

Случаи- Гарванлиев и културен центар Иван Михалјов

Захариева детално инфомира за македонскиот претставник на Евровизија Васил Гарванлиев кој вели дека бил цел на масовна кампања на закани и говор на омраза, вклучително, тврди таа и од државните претставници откако тој објавил дека има бугарска самосвест.

„Беше покрената онлајн петиција за господинот Гарванлиев да се повлече од музичкиот натпевар. Јавните навреди беа раширени без никаква реакција од надлежните власти во РСМ“, наведува Захариева.

Како друг пример таа споменува случај во кој, како што тврди, членови и поддржувачи на културниот центар Иван Михалјов од Битола биле повикани и притворени во локалната полициска станица на 11 март 2021 година без никакво писмено или усно образложение.

„Овие мерки беа преземени откако културниот центар прати јавно писмо до претседателот Стево Пендаровски во кое прашува дали Република Северна Македонија некогаш ќе ги отвори архивите на југословенските безбедносни служби во кои има сведочења за масовни убиства и репресии против македонските Бугари. Некој од членовите во клубот беа посетени и распрашувани од безбедносните служби на нивните работни места“, им објаснува Захариева на европските претставници.

Во писмото таа наведува уште неколку случаи. Едниот е, пишува настан во кој градоначалникот на Крушево Томе Христоски јавно навредувачки и се обратил на жена која има бугарско самочувство и е членка на Клубот за бугарско-македонско пријателство. Захариева тврди дека навредите се случиле кога таа заедно со дипломати од бугарскиот конзулат во Битола го посетила гробот на Тоше Проески. Потоа,се наведува во писмото жената била распрашува неколку часа од безбедносните служби.

Случај- запрени бугарски книги во Македонија

Најголем дел во писмото е посветен на познатиот случај и во македонската јавност поврзан со бугарскиот државјанин Виктор Стојанов кој беше вратен од македонската граница при обид да внесе повеќе бугарски книги.

Стојанов на 27 март беше вратен од граница со 920 бугарски книги од 19 век, донација за Културно информациониот центар на Бугарија во земјава. Објаснувањето тогаш од македонската царина беше дека не е проблем да се внесат книги во толкава количина, но она што било проблем е што тие иако биле декларирани како подарок за Културно информациониот центар на Бугарија во земјава, таквата изјава била потпишана само од испраќачот, но не и од примачот- Културно информациониот центар на Република Бугарија, ниту пак од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Захариева, пак, според напишаното до европските челници за случајот има поинакво гледање. Таа тврди дека на Стојанов на границата му било побарано да плати царина што е спротивно од обврските кои произлегуваат од Договорот за стабилизација и асоцијалција меѓу Македонија и ЕУ.

„Веруваме дека цензурата на векови старата литература е во спротивност со објавената цел на Скопје „да ја донесеме Европа дома““, пишува Захариева.

Министерката додава и дека во локалните медиуми постои кампања со која се прави обид да се спречат локалните Бугари слободно да се идентификуваат како Бугари на престојниот попис.

Случај- ИФИМЕС

Уште еден познат случај кој го отвори Софија, а се пренесе и во Скопје, Захариева детално го објаснува. Случајот со словенечкиот невладин институт ИФИМЕС кој објави анализа во која министерката за надворешни работи на соседната земја, пишува дека содржи лажни обвинувања против Германија и Бугарија, а на некои места наведува таа, двете земји членки на Европската унија ИФИМЕС пишува дека се носталгични за Втората светска војна и дека се ревизионистички мафија држави. Таа тврди дека дезинформациите од ИФИМЕС се насочени против Бугарија, Хрватска, Албанија и Косово.

„Двајцата директори на ИФИМЕС, Зијад Бекировиќ и Алјаф Бактајар се поврзани со кабинетот на премиерот Зоран Заев како советници. Владата на Северна Македонија го финансира ИФИМЕС со по 12 000 евра годишно во последните три години“, пишува Захариева.

Инаку, за овој случај минатиот месец на на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи беше повикан и вршителот на должноста амбасадор на земјава во Софија, Владимир Крстевски. Македонската влада тогаш соопшти дека договорот со ИФИМЕС не е веќе во сила.

„Навистина, ИФИМЕС беше ангажиран како реномиран институт за советодавни услуги врз основа на анализите за политиките за превентивната дипломатија и градење мерки на доверба на регионално и глобално ниво, но нивниот договор со Владата на Република Северна Македонија заврши во 2019 година. Веќе две години овој институт нема никаков ангажман поврзан со работата на Владата, ниту какви било правно- обврзувачки обврски со Владата и со Канцеларијата на претседателот на Владата. ИФИМЕС и пред 2019 година никогаш не бил ангажиран за анализи поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Бугарија“, наведува македонската влада на 29 март, два дена пред Захариева да го испрати писмото до Брисел.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG